fbpx

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ нема причина за славење поради „црната листа“ за Јанева, таа беше и нивен предлог и нивен избор

И конечно, ако го споменуваат Јакимовски во контекст и на СДСМ, не треба да заборават дека Никола Груевски и Сашо Мијалков, луѓе кои беа „кремот“и легенди на ВМРО-ДПМНЕ до многу скоро, исто така се ставени на „црните листи“ на САД. Пред Јакимовски

-

ВМРО-ДПМНЕ нема никаква причина со спин да слави дека Американците ги ставиле Катица Јанева и Стевче Јакимовски на „црната листа“. Посебно за Јанева, која за подзаборавените, е избрана со заедничка одлука на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Ако веќе се радуваат за Јакимовски, пак, треба да имаат исти аршини и чесно да признаат дека кремот на партијата до пред неколку години, Груевски и Мијалков, исто така се на „црната листа“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со став во кој што може да се детектира спин:

Спин: Катица Јанева и СЈО започнаа со паролата „Нема правда нема мир“ а сега завршија на „црната листа“ на нашиот најголем стратешки партнер САД поради вмешаност во криминал и корупција. Јанева, која најголемата поддршка ја црпеше и добиваше од коалицијата на СДС и ДУИ, од таканаречен борец за правда стана непожелна личност за САД. Сите судски случаи за Катица Јанева и СЈО за рекетирање, злоупотреба на службената положба и злоупотреба на јавното обвинителство водеа до првите луѓе во власта на СДС и ДУИ, се со цел пресметка со политичките неистомисленици, а тоа „веќе е потврдено и од нашите стратешки партнери“.
Втор на „црната листа“ се најде и марионетата на СДС и Ковачевски, градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Јакимовски кои е во неформална коалиција со СДС и одработува за власта за отцепување на опозициските гласови е на оваа листа на САД за сторен криминал од високи размери. СДС и ДУИ го спасија Стевчо Јакимовски од сите судски постапки во Македонија

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб, датум: 20.03.2024]

Контраспин: Најголемата парламентарна партија ВМРО-ДПМНЕ излезе со став со кој комуницира со јавноста дека американската одлука за ставање на „црна листа“ на Катица Јанева и на Стевче Јакимовски е доказ дека корупцијата е кај СДСМ и кај ДУИ и дека, во врска со Јанева, е доказ дека случаите што ги отвори и што ги водеше СЈО биле монтирани со цел да се уништи ВМРО-ДПМНЕ, па уште згора на тоа дека тоа го потврдиле и „нашите стратешки партнери“.

Ваквиот став содржи голема доза на спин во себе, затоа што има и премолчени елементи од вистината, но и невистинити делови.

Јанева, според Ванхојте, е предлог на Груевски

Најпрво за Јанева. Кога ВМРО-ДПМНЕ зборува за оваа поранешна обвинителка која беше осудена за корупција и злоупотреби од македонскиот правосуден систем во времето на владеење на СДСМ и ДУИ, не треба да заборави дека нејзиниот избор е на предлог и со согласност на ВМРО-ДПМНЕ. Односно, Јанева беше заеднички избор и на експремиерите Зоран Заев и Никола Груевски, кои за половина час тет-а-тет разговор во септември 2015 г., насмеано ѝ соопштија на јавноста дека постигнале согласност за изборот на личноста што ќе го предводи некогашното СЈО. Ова за „Вистиномер“ прв го откри тогашниот белгиски посредник Питер Ванхојте, кој подоцна и за други македонски медиуми (ИРЛ), ја потврди приказната. Покрај ова, Фокус пишуваше и за други детали, т.е. дека Јанева била предлог на поранешниот покоен главен обвинител Марко Зврлевски и дека партиските обвинители и шефовите во партијата биле среќни со нејзиниот избор.

Што значи, кога од ВМРО-ДПМНЕ зборуваат за Јанева и комуницираат со јавноста околу оваа личност, не смеат да го заборават овој факт, бидејќи ова наследство на партијата не е нешто далечно минато.

Второ, правосилната пресуда на Јанева за рекет во истоимениот случај Рекет на екс обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска, воопшто не значи дека дваесетината случаи што ги водеше СЈО сите биле монтирани и имале една цел – да ја уништат партијата.

За време на краткиот рок од 18 месеци колку што имаа според законот време да ги подготват обвиненијата – рок кој исто така на волшебен начин го предложил Груевски, а Заев го прифатил – СЈО во кое што работеа десетина други способни и чесни обвинители кои и денес се тоа, поднесе 17 обвиненија против 94 физички и седум правни лица.

Четири години подоцна, во анализата на „Призма“ се наведува дека од дваесетина обвиненија само 6 се со правосилни пресуди, а другите се во фаза на судење.

Графички приказ на „Призма“ за предметите на СЈО

Правосилно завршени се само шест од вкупно 22 предмети за кои беа поднесени обвиненија. Шест сѐ уште се наоѓаат во жалбена постапка пред второстепениот суд, меѓу кои и предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“. Активно се судат дури четиринаесет предмети на СЈО. Два предмета, пак, чекаат почеток, односно прво рочиште, „Плацовите на Водно“, и „Поштенска банка“. Има и две затворени истраги: „Попис“ и „Рендген“. Обвинение за нив нема да има пишува Призма.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ како што го „родија“, така и го „погребаа“ СЈО

Последната лопата врз гробот со предметите од СЈО кои што во 2021 г. ги презеде редовното обвинителство, беше фрлена лани на 6 септември 2023 г., кога експресно во Собранието беа предложени, поминаа низ собраниска комисија и потоа беа изгласани на пленарана седница измени на Кривичниот законик, со што најголемиот дел од делата од СЈО кои сè уште беа во постапка, застареа. Точно е дека овие измени на законот во најголем дел не ги гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, но со нивното присуство и во комисијата и на пленарната седница, практично овозможија да бидат донесени експресно, па затоа не можат да се амнестираат од соучесништвото во овој чин.

Со измените застаре и клучниот предмет на СЈО „Таргет-Тврдина“, како и „Талирите“, со кои требаше да се расветли кој и зошто прислушкувал околу 25 илјади лица во времето на Груевски, како и од кои пари се финансирала ВМРО-ДПМНЕ. Но, застаре и случајот „Моќник“ во кои Антонијо Милошоски и неговиот татко беа обвинети за злопотреба со јавен имот и штета врз општина Пласница, а само два-три дена пред да стапат измените на законот во сила, заврши ама првостепено и некогашниот случај на СЈО „Дизајн“ со кој Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ беше осуден на двегодишна условна казна. Неколку месеци подоцна Апелација ја укина пресудата поради пропусти и застареност, а Јанушев изјави дека после седум години е слободен граѓанин.

Заклучок од погоре кажаното е тоа што голем дел од некогашните предмети на СЈО во судовите застареа, не значи и дека навистина немало злоупотреби и криминал во кој беа опфатени голем дел и на сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Зашто застарувањето беше вештачки предизвикано, со измена на закон, а штетата од долгите постапки или притворите ќе ја плаќаат сите граѓани на С. Македонија.

Една невистина во комуникацискиот став на ВМРО-ДПМНЕ е и дека случајот со Јанева потврдил дека партијата и луѓето во нејзе биле жртви на прогон, а дека „тоа го потврдиле и нашите стратешки партнери“. Јавноста не знае за ваква потврда. Освен ако не се мисли на САД и на самиот факт што Јанева е ставена на „црна листа“, неочекувано подоцна по правосилноста на нејзината пресуда во домашните судови.

И конечно, ако го споменуваат Јакимовски во контекст и на СДСМ, не треба да заборават дека Никола Груевски и Сашо Мијалков, луѓе кои беа „кремот“и легенди на ВМРО-ДПМНЕ до многу скоро, исто така се ставени на „црните листи“ на САД. Пред Јакимовски.

Поради погоре кажаните аргументи може да се оцени дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со „црните листи“ на САД и назначувањето на Јанева и Јакимовски на нив, е спин.

 

Пишува:Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...