Судија освен за партиска и политичка активност ќе може да биде разрешен од функцијата и за неноносење судска тога, како „потешка дисциплинска повреда“. Ова го предвидуваат новите измени на Законот за судовите, објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), како дел од реформите во правосудството од планот „3-6-9“ на Владата.

Судиите и досега, со актуелното законско решение, ризикуваа да добијат дисциплинска мерка за неносење судска тога, но, санкцијата за тоа беше писмена опомена, јавен укор и намалување на платата за 15 до 30 отсто во период од еден до шест месеци.

„Примање подароци и други користи во врска со судиската работа“ и со новите измени останува да се санкционира со дисциплинска мерка – опомена, укор, намалување на платата и „упатување на дополнителни часови за стручна обука во Академијата за судии и јавни обвинители“, која е нова одредба.

Со измените се менуваат и условите за судиите-поротници. Поротник ќе може да се стане и со средно образование, наместо со високо, како што е сега. Останува обврската за обука на поротниците во Академијата за судии и јавни обвинители, но, со измените нема да мора да полагаат завршен испит, туку ќе им се издава сертификат за завршена обука.

„Досегашното решение со кое се бараше високо образование за судија поротник како и полагањето на дополнителни испити се покажа како неефикасно и доведе до недостаток од судии-поротници во сите судови во државата“, стои во образложението на предлог-измените.

Измени има и во возрасната граница – поротник може да биде лице кое не е постаро од 60 години, наместо 64 како што е во актуелниот закон.

Со новите предлог-решенија, Министерството за правда ќе врши надзор над спроведувањето на Судскиот деловник, конкретно на функционирањето на Автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС).

Надзорот ќе го врши постојана комисија, што ќе работи по годишен план. Во комисијата ќе бидат двајца „дипломирани правници со најмалку 10 години стаж на правни работи по полагање на правосуден испит и двајца информатичари обучени за работа на АКМИС.

Предвидена е и можност министерот за правда, кога ќе оцени дека е потребно, да формира комисија од надворешни експерти за проверка на функционалноста на АКМИС.

Изманите предвидуваат и Министерството за правда да биде корисник на статистичките податоци од базите на податоци од информатичките системи во правосудството, „согласно неговата надлежност за подготвување на закони од областа на правосудството, прибирање на статистички податоци за работата на правосудните институции, надзор над ажурното вршење на работите во судот и спроведувањето на судскиот деловник“.

Инаку, законот е уште во фаза на подготовка, кој заврши на 30 јануари 2018 година и допрва треба да биде утврден од Владата и усвоен од Собранието.