Спинови околу цената на водата: Од дрвјата не се гледа шумата

-

Еднa од поактуелните теми е зголемувањето на цената на водата во целата држава, како последица на законското решение. Преку примерот за расправите за цената на водата за Скопје, можат да се идентификуваат спиновите околу ова прашање, кои не дозволуваат да се согледаат вистинските прашања:

Спин 1: Граѓаните не смеат да плаќаат за расипништвото и неспособноста на владејачката СДСМ. Покачувањето на цената на водата ќе биде најголем удар врз најсиромашните. Доколку се реализираат намерите на СДСМ, граѓаните на годишно ниво, ќе мора да одвојуваат пари и за 13 сметка. 

[Извор: Веб страна на ВМРО ДПМНЕВодата не смее…, датум: 28.01.2018]

Спин 2: Наместо 500 денари просечна сметка за вода, граѓаните од март ќе плаќаат 522 денари… Од овие 22 денара поскапување граѓаните ќе добијат многу поздрава животна средина.

[Извор: Канал 5 – Шилегов: повисоките сметки ќе…(56 секунда), датум: 26.01.2018]

Спин 3: Сакаме да истакнеме дека и покрај наследената превработеност на претпријатието со неквалификуван кадар и големата задолженост направена од претходното раководство, жителите на градот Скопје ќе плаќаат најниска цена за вода за пиење на територијата на Република Македонија.

[Извор: Веб страница на ЈП Водовод и канализација – Скопје, датум: 26.01.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Повеќе извртувања на вистината има околу новите цени на водата во Република Македонија што настанаа како резултат на законската новина дека цената на водата, односно водните услуги, од почетокот на годинава се формира на регулиран пазар, за чија што методологија е одговорна Регулаторната комисија за енергетика. Преку примерот на Скопје, каде има најголем број потрошувачи од едно подрачје, преку примерот за тоа како реагираат политичките партии случајно или намерно, преку тоа како реагира и самото јавно претпријатие, но и граѓаните, може да се согледаат само „дрвјата“, но, не и „шумата“.

ОД ВМРО-ДПМНЕ СЕ ОЧЕКУВА ТРОШКА ОДГОВОРНОСТ,  НЕ СПИНОВИ

Спинот број еден ја покажува сета бескрупулозност на до вчера владејачката ВМРО-ДПМНЕ кога станува збор за начинот на нивната политички борба во услови на опозиција. Во нивниот спин, покрај флоскулите, има две суштински неточности. Имено, како бројка гледано, барем граѓаните на Скопје нема да мораат да плаќаат 13 сметки за вода како што тврдат.  Реално, зголемувањето е од 1,32 денари за кубик вода. Ова значи дека на сметка од 100 кубици – екстремна потрошувачка, сметката на граѓаните или на домаќинството би била поголема за 132 денари. Ако 100 кубици вода досега чинеле 2939 денари, тоа значи дека на 12 сметки покачувањето би изнесувало 1584 (132 ден. X 12 месеци) или половина сметка повеќе.

Но, тоа е помалото извртување на вистината, зашто обично сметките се прават на потрошувачки од вода од околу 15 до 20 кубици во месецот во просек, за четиричлено семејство, па зголемувањето на цената навистина е многу мал трошок плус во текот на месецот.

Многу поголем е спинот во премолчувањето на  ВМРО-ДПМНЕ за нејзината улога генерално за цената или квалитететот на водите и другите водни услуги во Скопје.

Прво, тоа е партијата која што, како владејачка, го донесе законот според кој сега се одредуваат цените на водата. Но, второ, уште поважно, ВМРО-ДПМНЕ треба на јавноста да одговори на прашањето, со кои аргументи донесе одлука да изгради административна зграда за градското јавно претпријатие од Скопје, која според последните пресметки чини над 21 милиони евра и која ќе се отплаќа со години, токму од парите на скопските домаќинства?!

Па, како тоа да беше малку, непосредно пред локалните избори во 2017 година, за украсување на ѕидовите на новата зграда се потрошени дополнителни 22 илјади евра преку јавна набавка – договор со еден уметник!

Затоа, ВМРО-ДПМНЕ наместо да спинува околу цените на водата, упатно е на јавноста да ѝ каже која е логиката во тоа што го направиле, имајќи предвид дека нето годишниот приход од наплата на сметките на водата на ЈП „Водовод и канализација“, Скопје е 16-тина милиони евра, а за прв пат оствариле добивка во 2016 година од само 47 илјади евра!

ГРАЃАНИТЕ НЕ ДОБИВААТ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Спинот број 2 е околу тоа дека парите ќе оделе за екологија, т.е. со ова зголемување граѓаните ќе добиеле многу поздрава животна средина, како што вели градоначалникот Петре Шилегов.

Но, вистината е дека граѓаните нема да добијат ниту помалку, ниту повеќе на квалитет на животната средина. Станува збор за извртување на вистината, зашто и досега и отсега, пречистителните станици кои се споменати како причини за зголемувањето од 2.04 денари по кубик, ги одржува истото јавно претпријатие на град Скопје.

Значи, ЈП „Водовод и канализација“ и досега ги одржувало овие станици, со тоа што трошокот од 100 милиони денари, колку што се споменува за нивно годишно одржување, досега, веројатно, го подмирувале од Министерството за животна средина и просторно планирање (така беше објаснето во јавноста).

Патем, станува збор за околу милион и шестотини илјади евра плус, што на овие оперативни трошоци, кои ги има сега „Водовод и канализација“, е сума која не е безначајна. Но, муабетот беше дека граѓаните не добиваат во смисла на поквалитетна животна средина (ништо не се сменило од претходната година-две да речеме), а добиваат плус по 2,04 денари од кубик на своите сметки.

ЕФИКАСНОСТА НЕ Е ПРАШАЊЕ НА ПАРТИЈА, ТУКУ НА ЗНАЕЊЕ

Третиот спин е класичното партиско соопштение на јавно претпријатие, во делот кога ја оценува состојбата во самата компанија:

Сакаме да истакнеме дека и покрај наследената превработеност на претпријатието со неквалификуван кадар и големата задолженост направена од претходното раководство…,

Новото раководство на Водовод и канализација треба да ги знае следните работи:

Прво, дали има или нема превработеност се прави со опсежна длабинска и сериозна анализа од сериозни експерти по ова прашање, имајќи ги предвид сложеноста и обемноста на јавните работи кои се од огромно значање за граѓаните на голем по површина град каков што е Скопје. На пример, само во секторот канализација, според проценките на стручните луѓе внатре во претпријатието има голем кусок на кадри, бидејќи според теоријата на која тие се повикуваат, на еден вработен треба да му доаѓа за одржување по околу 3 километри канализациона мрежа, а сега тој просек изнесувал 8,5 километри.

Второ, aко има голема задолженост, за што е виновно претходното раководство, новото треба да види дали таа задолженост е оправдана или неоправдана и треба да се процени дали е тоа поради претходното раководство или поради некој трет. Гледајќи ги финансиските сметки на ЈП „Водовод и канализација“, не е доведено во прашање тврдењето за голема задолженост. Но, ако за тоа е виновно раководството, новото раководство е тоа што е должно да направи севкупна и длабинска ревизија и ако станува збор за криминал, должно е да ги извести надлежните органи – Град Скопје и Јавното обвинителството.

Трето, ефикасноста на работата на ова јавно претпријатие е еден од клучните елементи за цената на водата за пиење, за можните заштеди и резерви, за одржливоста на системот и конечно за финансирање на екологијата, т.е. третманот со отпадните води.

Имено, од Годишниот извештај на ЈП Водовод и канализација за 2016 година, од каде ги црпевме и другите бројки во овој текст, може да се види следново:

  • Годишно производство на вода за 2016, вкупно – 132 милиони кубни метри.
  • Севкупни стварни загуби за 2016 година – 33.127 милиони кубни метри вода или 32 отсто
  • Самото ЈП признава дека станува збор за околу 12 отсто поголеми загуби од она што се смета за нормално во земјите во ргионот – 20 отсто, што е некаде околу 10 милиони кубни метри вода.
  • 10 милиони кубни метри вода по цена на чинење од 28,67 дена за м3 е еднакво на 286.700.000  милиони денари или речиси за тројно повеќе од колку што изнесува трошокот што го пресметале за одржување на двете пречистителни станици.

По една, две, три години, само на овој начин ќе се мери ефикасноста на новото раководство на ова ЈП, доведено од политичката партија што освои најмногу мандати во Град Скопје – СДСМ. Но, ако СДСМ и градоначалникот имаат право да даваат политички оценки, раководството на ЈП „Водовод и канализација“ и не само на ова јавно претпријатие, туку на кое и да било – немаат такво право. Тие се поставени колку што можат најдобро и најефикасно да стопанисуваат со ресурсите за јавно добро.

* * *

И поради сите овие спинови што ги набројавме погоре не можат да се видат најважните работи, меѓу што и фактот дека водата е едно најголмите јавни добра што ги имаме и дека треба да се чува и рационално да се искористува.

Во таа внимателност спаѓа секако и цената на водните услуги, за пиење и за отпадните води. Македонија генерално, а посебно Скопје има најевтина цена на водата споредено со блискиот региони . На пример во Софија, кубик вода ги чини граѓаните 1,08 евра, во Загреб од 2015 година за домаќинствата цената изнесува 4,60 евра по кубик, додека во Подгорица околу 40 денари или 0,65 евра по кубик, а во Белград за домаќинствата се наплатува по 0,68 евра или околу 80 динари. Цената во Скопје е, да се потсетиме, со сегашното зголемување 30,71 денари за кубик или нецели 0,5 евра.

И конечно, да и се вратиме и на екологијата. Скопјани, на пример, имаат покриеност од само 30 отсто од потребната атмосферска канализација. А што се однесува до чист Вардар, треба да се знае дека главната пречистителна станица што треба да биде изградена за не помалку од десетина година кај Трубарево, чини 120-130 милиони евра. Тоа треба од некаде да се плати, а меѓудругото и од граѓаните на Скопје.

Поради погоре наведените аргументи, сметаме дека околу цената на водата за пиење има повеќе спинови од кои не може да се согледаат суштунските проблеми.

Пишува: Теофил Блажевски

Не е точно дека Министерството за образование нуди бесплатни курсеви по англиски јазик за сите

Целта на вака креираната невистинита најава е да се генерира интернет сообраќај, односно да се убедат што поголем број корисници да пристапат до страниците коишто се рекламираат. Оваа објава...