fbpx

Избирачки списоци, оружје и кеш: Изборни манипулации во Охрид и Чашка

Двајца членови на избирачки одбор од Охрид, предложени од една политичка партија имале фотографии од избирачкиот материјал со лични податоци за гласачите, како и фотографии од гласачко ливче со заокружен еден кандидат. Во Чашка, кај двајца жители на с. Мелница се најдени избирачки списоци со лични податоци, оружје и поголема количина кеш во денари и евра

-

Полицијата вчера пронашла фотографии од избирачкиот список со лични податоци на гласачите кај двајца членови на избирачки одбор од Охрид предложени од една политичка партија. Покрај списокот, тие во своите мобилни телефони имале и фотографии од гласачки ливчиња со заокружен број на еден од кандидатите од првиот круг на Претседателските избори. Овие фотографии биле споделувани во специјално креирана група за таа намена.

Од полицијата не посочуваат од која политичка партија се двајцата членови на одборот. Но, според соопштението, тие ќе ги гонат за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ и прекршок според член 190 став 2 од Изборниот законик.

Овој член предвидува парична казна од 300 до 1.000 евра за користење мобилен телефон или апарат за сликање на гласачкото ливче при гласањето.

Како што велат од СВР Охрид, станува збор за М.М.(51) од Охрид и Т.Ц.Т (44) од Охрид, членови на избирачки одбор предложени од политичка партија. Од соопштението на МВР е нејасно дали се тие приведени и дали им е изречена некаква мерка имајќи предвид дека денеска се одвива вториот круг од претседателските избори, како и парламентарни избори.

„При претресот пронајдени се два мобилни телефони, во кои се пронајдени фотографии од избирачки список со лични податоци од гласачи во избирачкиот список, фотографии од гласачки ливчиња со заокружен број, кои се испраќани од гласачи како доказ дека го дале својот глас за еден кандидат, потоа споделени во креирана група за комуникација на мобилна апликација за комуникација“, се вели во краткото соопштение од СВР Охрид.

Полицијата извршила разговор со двете лица, но и со други лица поврзани со нив „со цел обезбедување на дополнителни доказни материјали за кривичното дело по член 149 од КЗ “злоупотреба на лични податоци” и прекршок по член 190 став 2 од Изборниот законик“.

„По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци“, најави МВР.

Истовремено, во општина Чашка близу Велес се уапсени И.И. (52) и А.Ч. (50), двајцата од село Мелница. Кај двајцата е најдено огнено оружје и муниција, копија од списокот на гласачи за изборно место во општина Чашка, и поголема количина кеш во денари и во евра. Полицијата најави кривична пријава за делото „поткуп при избори и гласање“.

Како што соопшти СВР Велес, околу 15.20 часот при претрес кај И.И.(52) пронашле „пиштол „Застава” со две рамки, 58 куршуми и 4 зрна-испукани проектили кои ги поседувал без дозвола, како и копија од преглед на гласачи за изборно место во Чашка“.

Во 17.00 часот полицијата го претресла и домот на А.Ч.(50) од истото село пронашле еден пиштол „Валтер” со една рамка, еден пиштол „Црвена застава”, еден пиштол „Бул” со една рамка, 139 куршуми, мобилен телефон, 986 670 денари во разни апоени и 2 325 евра во разни апоени“.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Лажна реклама за чај ги злоупотребува аналитичарот Петар Арсовки и доктор Драган Даниловски

Објавата шири морбидна лага дека починал политичкиот аналитичар Петар Арсовски, чијашто фотографија е злоупотребена. Кога ќе го отворите линкот за да ја дознаете вистината, тој ве води на страница...