Службите за итна медицинска помош до крајот на месецот ќе ги добијат новите 12 амбулантни возила, кои Министерството за здравство ги набави лани, а дополнително ќе бидат пренаменети уште осум комбија во возила за Итна помош, рече министерот за здравство Венко Филипче, на почетокот на дводневната едукативна обука за Итна медицинска помош и менаџирање на ресурси, пренесува „Порталб“.

Комбијата ќе дојдат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ќе треба да се пренаменат пред да бидат предадени на здравствени домови низ земјава.

– Набавката на 12-те возила за Итна помош е завршена и до крајот на месецот, кога истекува крајниот рок, очекуваме да ги добиеме истите, кои ќе се распределат низ земјата, но најголем дел од нив во Скопје. Истовремено, добивме информација од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дека имаат осум комбија, кои може да се пренаменат и да бидат амбулантни возила, односно треба да се доопремат. Министерството за земјоделство не ги користи овие возила и со одлука на Влада ќе ги преземеме и ние. Овие возила иако се стари неколку години, практично не се користени и соодветни се да се користат како солидни амбулантни возила. Со тоа значајно ќе го надополниме целокупниот систем на Итна помош во државата. Тие биле предвидени за нешто друго и ние ќе ги добиеме за пренамена – рече Филипче.

На прашање од „Порталб“ дали ќе се исполни предизборното ветување, односно дека ќе се продаде блиндираниот луксузен „мерцедес“ за чија набавка беа осудени Ѓоко Поповски и Никола Груевски, министерот Филипче не одговори, но кажа дека проблем со Итната помош не се само возилата, туку и екипирањето со соодветен медицински кадар.

-По претседателски избори во Здравствен дом Скопје ќе има 40 нови вработувања, но и на други места во земјава – рече Филипче.

Тој рече и дека лекарите што неодамна зеле лиценца од Лекарската комора ќе може да бидат вработени во Итна помош.

– Ова значи дека сите лекари ќе може да специјализираат бесплатно во текот на шест месеци во Итна помош – објасни Филипче.

Според анализата на „Порталб“ за Итната помош, потребно е да се интервенира во повеќе здравствени домови со нови возила. Најгорлива е потребата во Кичево, Пробиштип, Куманово, Гостивар, Кочани и Дебар, чии здравствени домови побарале нови возила.

Според податоците до кои дојде „Порталб“, во 2018 биле потрошени шест милиони денари на одржување на 40 амбулантни возила во осум Здравствени домови.