fbpx

Орев стар 150 години до станицата во Демир Капија го следи развојот на Македонските железници

Железничката станица во Демир Капија била рушена и повторно реконструирана, но засадениот црн орев, како единствен примерок на ова дрво во Македонија, го издржал печатот на времето и е прогласен за споменик на природата

-

Штом се симнеш од возот на железничката станица во Демир Капија, не можеш а да не ги забележиш високите крошни дрвја лоцирани пред самиот влез во станичниот објект, веднаш до неодамна изграденото детско игралиште. Дрвјата засадени пред железничката зграда одамна ја надминале нејзината висина, но малкумина знаат дека токму тие се стари исто колку што постојат Македонските железници во историјата, кои годинава на 9 април ќе одбележат достоен јубилеј – 150 години од пуштањето во функција на првата пруга во земјава.

Демир Капија за многумина е позната по мирот и спокојството, која несебично ги нуди на сите посетители. Железничката станица се наоѓа во самиот центар на ова гратче, а до неа се издигнува во височините дрвото црн орев, кое меѓу народот е познато како „канадски орев“. Таблата поставена пред самиот орев ги потсетува гостите за пуштањето во функција на железничката станица во Демир Капија во далечната 1875 година.

Во тоа време, железничката зграда имала технички простории, канцеларија на отправникот, чекална за патници и просторија за железничарите – скретничари, подмачкувачи, пумпаши и чувари, како и службен простор за сместување на отправникот на возови на станицата со своето семејство.

Прв отправник на станицата во Демир Капија бил Агостино Негрото, кој по своето доаѓање како обичај што во тоа време го налагал, засадил и неколку садници племенети дрвја. Негрото избрал да го засади дрвото црн орев.

Железничката станица во Демир Капија во изминатите еден и пол век има доживеано три уривања и реконструкции на зградата како последица на земјотрес и бомбардирања, но црниот орев ги издржал сите предизвици и до денешен ден гордо раскажува за богатото железничко минато на земјава. Станува збор за единствен примерок на ова дрво во Македонија, па така тој со решение е прогласен за споменик на природата и е ставен под заштита на државата.

Високо издигнатото дрво до железничката станица во Демир Капија ја раскажува приказната за почетоците на Македонските железници, со изградбата на пругата Солун-Скопје која започнала со градба на 9.2.1871 година. Инвеститор била Отоманска Турција, а изведувач на работите бил конзорциум од француски, италијански, германски и австроунгарски компании на чело со баронот Морис де Хирсен.

Пругата меѓу Солун и Скопје е градена во три етапи, и тоа: Солун-Миравци, Миравци-Велес и Велес-Скопје. Во Демир Капија минал првиот воз на 9 април 1873 година, кој воедно е историскиот датум кога била пуштена во функција пругата. На овој ден, првиот воз што тргнал од Солун пристигнал во Велес. По тој повод, во 1994 година Работничкиот совет на Македонски железници го прогласил 9 април за Ден на железничарите во земјава.

Веќе во 1874 година, изградбата на пругата продолжила од Скопје кон Приштина и кон Косовска Митровица. Линијата Солун-Скопје била продолжена до турско-српската граница, односно во 1888 година била воспоставена врска меѓу македонската железница и Белград. Веќе во 1891 година Отоманска Турција ја започнала изведбата на пругата меѓу Солун и Битола, која била пуштена во функција три години подоцна.

Историскиот развој на железничката мрежа во земјава продолжува во периодот меѓу двете светски војни, за време на српската окупација на земјава. Тогаш се изградени и постојните железнички линии Велес-Кочани и Велес-Битола.

Најпрво започнала изведбата на железничката пруга Велес-Кочани, на 1 ноември 1923 година. Оваа железничка линија долга 88,5 километри била пуштена во сообраќај на 25 август 1926 година. Заедно со неа биле изведени и раскошните железнички згради, кои денеска се запуштени и оставени на забот на времето. Станува збор за едни од најубавите железнички објекти на просторот на Југославија, кои биле проектирани од славниот белградски архитект Петар Гачиќ во 20-ите години од минатиот век и кои до денешен ден се наоѓаат во Кочани, Штип и Овче Поле.

РЕПОРТАЖА: Црно ѝ се пишува на пругата Велес-Кочани по завршувањето на новите патишта на Истокот

Веднаш по пуштањето на линијата кон Кочани, тогашните југословенски власти ја започнале изградбата на пругата Велес-Прилеп-Битола. Најпрво на 7 април 1931 година била ставена во функција линијата меѓу Прилеп и Битола, која се надоврзала на дотогашната пруга кон Солун. Веќе на 20 јануари 1936 година била оспособена и денешната траса меѓу Велес и Прилеп.

По Втората светска војна, македонските власти во комунистичкиот период успеале да изградат неколку железнички пруги. Во 1952 година, некогашната теснолинејка на релацијата Скопје-Охрид е заменета со денешната стандардна пруга меѓу Скопје и Гостивар. Четири години подоцна е пуштена во употреба делницата меѓу Куманово и Бељаковце, која пак во моментов е во процес на реконструкција. Во 1957 година била отворена за сообраќај железничката линија од Бакарно Гумно до Сапотница во Пелагонискиот регион, која денеска е нефункционална.

На 29 ноември 1969 година е завршена изградбата на железничката линија од Гостивар до Кичево, заедно со индустрискиот колосек од Зајас до рудникот во кичевското село Тајмиште. Со пуштањето во употреба на скопската железничка станица во 1981 година, официјално е завршена постземјотресната изведба на скопскиот железнички јазол, со изместувањето на движењето на товарните возови надвор од централното градско подрачје и изведбата на северниот крак преку населбите Скопје Север и Злокуќани на пругата што води кон Косово и Кичево.

По осамостојувањето на Македонија, единствена пруга која е пуштена во функција е реконструираната пруга меѓу Битола и Кременица на македонско-грчката граница. Земјава веќе трета деценија по ред ја гради пругата кон Бугарија, на која во моментов се изведуваат градежни работи за изведба трасата меѓу Куманово и Крива Паланка.

Да потсетиме, Македонија е една од ретките европски земји кои немаат основано Музеј на железницата, во кој достоинствено би можело да се одбележуваат јубилеите на Македонската железница, но и да се едуцираат новите генерации за историскиот развој на нашата железница и да се сочуваат вредните историски артефакти кои ги користеле железничарите во минатото. До конечното ставање во функција на ова музејско здание, црниот орев до железничката станица во Демир Капија ќе претставува еден од ретките изблици на сеќавање кои раскажуваат за 150-годишниот јубилеј од постоењето на Македонски железници.

Имаме богато железничко наследство, но немаме музеј и интерес за да го зачуваме (галерија)

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...