„И мојот идентитет постои“ – се одржа Маршот за видливост на трансродовите лица

фото: Ванчо Џамбаски

Под мотото „И мојот идентитет постои“, граѓани и активисти вчера попладне по петти пат во земјава маршираа за видливост на трансродовите лица. Маршот го организираше граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „Трансформа“, приклучувајќи се кон глобалната акција за солидарност со оваа маргинализирана група на 31 март, Денот на видливоста.

Маршот за видливост на трансродовите лица започна во 16 часот пред Владата, од каде присутните побараа носење на Законот за правно признавање на родот со цел трансродовите лица конечно да ги остварат нивните основни права.

„Како и сите претходни години и оваа година децидно и недвосмислено бараме Законот за правно признавање на родот да биде конечно ставен во Собраниска процедура со што пратениците ќе ја добијат можноста да гласаат онака како што ветуваа пред да бидат избрани и онака како што Европскиот суд за човекови права ѝ наложи на оваа влада како обврска. За политичките субјекти можеби ова е интригантна политичка игра и собирање поени, меѓутоа ве уверуваме дека за трансродовата заедница ова е единствен начин да започне да ги остварува и ужива своите најелементарни човекови права. На 31 март гласно ја испраќаме пораката ‘И мојот идентитет постои’ со што се обидуваме да ја зголемиме видливоста на трансродовите лица што е со клучно значење со цел да се обезбеди адекватно правно и социјални интегрирање на овие лица во едно демократско и цивилизирано општество за кое Република Северна Македонија барем декларативно се залага“, порачаа активистите на Маршот, кои од пред Владата се упатија кон Собранието.

Меѓународниот ден на видливост на трансродовите лица, 31 март, беше основан од американската транссексуална активистка Рејчел Крндалд во 2009 година како реакција на недостатокот на ЛГБТ празници кои ги слават трансродовите лица.