Општина Карпош ќе излезе на терен, кејот на Вардар ќе биде повторно осветлен

Фото: Мета.мк

На кејот на Вардар во скопската општина Карпош е регистриран дефект на уличното осветлување и поради тоа велосипедската и пешачката патека се неосветлени на потегот од мостот „Обединети Нации“ до мостот кај хотелот „Александар Палас“, информираа денеска за Мета.мк од Општина Карпош.

„Екипи на општина Карпош во текот на денот ќе излезат на терен да го санираат дефектот“, велат од оваа локална самоуправа по вчерашното пишување на Мета.мк дека граѓаните на кејот на Вардар се рекреираат во темница во вечерните часови.

Поради темницата, граѓаните на кејот на Вардар се во опасност, бидејќи на велосипедската и пешачката патека, со исклучок на дел од велосипедистите, никој од останатите рекреативци на кејот на Вардар нема сопствено осветлување и постои висок ризик од судир на самата патека.