Контраспин: Јакимовски како Трамп – жртва на длабоката држава и на Сорос!?

Да се прави споредба меѓу него и Трамп, меѓу него и Вучиќ или Орбан, е спин на Јакимовски, затоа што тој ниту е фигура од такво значење и политичка тежина како споменатите, ниту, пак, тие се на американската црна листа на каква е ставен Јакимовски

Колаж: Вистиномер

Стевче Јакимовски не е обвинет, ниту осуден за некое кривично дело за какво што го товарат САД со назначување на нивната „црна листа“. Тој, се разбира, може да си ја продолжи претседателската трка и градоначалничкиот мандат доколку не ги освои претседателските избори. Но, тоа со ништо нема да ги смени фактите од сегашноста или минатото, ниту пак, Јакимовски може со спинови од типот дека и тој како Доналд Трамп е жртва на „длабоката држава“, да се избори против негативната слика што за него сега ја креираат и САД, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Претседателскиот кандидат и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски, вчера реагираше во врска со неговото назначување на американската „црна листа“, при што може да се детектира спин:

Спин: Доналд Трамп има 113 кривични пријави, сценариото таму од длабоката држава е или да го оневозможи да учествува на изборите, да го стават во затвор или да го убијат. Истото сценарио се случува во Унгарија против Виктор Орбан, против Вучиќ. Ова е директно мешање во внатрешните односи на Македонија во избор на претседател и тврдам дека не може никој да ни каже кој ќе ни ја води Македонија…

…Јас сум единствениот кандидат што не е поддржан од Сорос, а граѓаните треба да одлучат дали Сорос ќе ни бира претседател на државата. Од изборната кампања ни случајно нема да се откажам. Ова е само доказ дека моите политики се исправни и дополнителен мотив да продолжам понатаму.

[Извори: Tочка/360 Степени, С. Јакимовски, датум: 18.03.2024]

 

 

Контраспин: Градоначалникот на Општина Карпош, лидер на ГРОМ и претседателски кандидат Стевче Јакимовски во емотивен говор во врска со неговото ставање на американската т.н. „црна листа“ ја изврте вистината и употреби алиби слично на многумина теоретичари на заговор, дека е жртва на „длабоката држава“ (американска и македонска), дека нему му се случува истото што и на Доналд Трамп, на Виктор Орбан или Александар Вучиќ, дека зад тоа стојат приврзаници на Сорос кои ги поддржале сите други претседателски кандидати во С. Македонија, а само тој бил поддржан исклучиво од граѓаните, итн.

Јакимовски иако го негираше, најмалку се задржа на краткото експлицитно појаснување во соопштението во кое се наведува зошто е ставена на т.н. „црна листа“, што пак, е мерка на Стејт Департментот која може да биде само одлука за назначување на непожелен или непожелни лица или, пак, може да биде проследена и со конфискации и/или забрани за финансиски операции во САД на компании поврзани со назначените лица од „црните листи“, во соработка со американското министерство за финансии (Department of Treasury):

Во службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, Јакимовски беше вклучен во коруптивни дејства, вклучително и во користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки, за да има корист за себе и за неговите соработници.

На почетокот на соопштението за назначување на „црната листа“ се вели дека „нивните (на назначените лица – н.з.), постапки го поткопаа владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси на нивните влади“, додека во последниот пасус се наведува дека САД „ќе продолжат со посветеноста на владеење на правото и јакнење на демократските институции на Балканот“.

За разлика од бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, против кого никогаш не се водела постапка за кривично дело, а, сепак, беше ставен од Стејт Департментот на „црната листа“ заради „значителна корупција“, во соопштението за Јакимовски (Катица Јанева и еден косовски градоначалник), таква забелешка не стои, иако во параграфот 7031(c), врз основа на што е донесена одлуката за ставање на „црната листа“ се наведува дека Државниот секретар ја има оваа можност кога има веродостојни информации за одредени лица за значителна корупција или за значителни кршења на човековите права.

Анѓушев е споменат во текстот и за да се направи друга паралела, затоа што за Јакимовски, сепак, се водела судска постапка врз основа на обвинение од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое е слично како и опишаното и во соопштението на Стејт Департментот.

Јакимовски, како првообвинет, се товари дека во периодот од 2011-2017 година, како службено лице – Градоначалник, во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште во државна сопственост, наведува СДК.мк делови од соопштението на ОЈО ГОКК од 2019 година.

Дел од другите соработници на Јакимовски, кои беа обвинети со него, признаа вина и беа осудени на по една година условен затвор, додека Јакимовски одеше на повеќе судски рочишта кои се развлекоа и според медиумите, делото му застарело согласно минатогодишните скандалозни измени на Кривичниот законик, кога се скратија роковите за злоупотреба на службената должност.

За американската „црна листа“, како и за црните листи или санкциите од другите европски држави долго време се води дебата во земјава дали треба да бидат транспонирани и во домашното законодавство со моментално дејство, за што дури има и предлог на закон поднесен од надлежното министерство, а тоа е МНР и тој се наоѓа во Собранието. Тој предлог закон предвидува забрана за извршување на јавна функција и автоматско отворање истрага од страна на обвинителството против секое лице кое е ставено на „црна листа“на САД, како и времена забрана за поседување на движниот и недвижен имот. Без оглед на судбината на ова законско решение, самите САД, како и познавачи на нивните политики, кажуваат дека јавното назначување на некое лице на „црната листа“ не е процес кој се прави без кредибилни, веродостојни податоци до кои тие доаѓаат со месеци или години истражување.

Оттука, да си прави споредба меѓу него и Трамп, меѓу него и Вучиќ или Орбан, е спин на Јакимовски, затоа што тој ниту е фигура од такво значење и политичка тежина како споменатите, ниту, пак, тие се на американската црна листа на каква е ставен Јакимовски. Па особено е спин да се споредува Јакимовски со сегашниот претседателски кандидат и да се тврди дека и тој е жртва на длабоката држава како и Доналд Трамп, против кого, ете, се воделе судски постапки само да се избегне неговата кандидатура на американските претседателски избори.

Од друга страна, иако се совпаѓа тајмингот – поднесена кандидатура за претседателски избори до ДИК, претенциозна невистина е да се тврди дека само Јакимовски е кандидат поддржан од граѓаните, а другите биле поддржани од луѓе на Џорџ Сорос!? Ова извртување на вистината од страна на Јакимовски е непотребно да се демаскира, затоа што е апсурдно и заличува на теории на заговор пласирани и на Запад и на Исток поради создавање дезинформациски наративи со различни цели и поткопување на јавниот интерес на граѓаните и општествата.

***

Стевче Јакимовски, да се разбереме, не е обвинет, ниту осуден за некое кривично дело за какво што го товарат САД. Тој, се разбира, може да си ја продолжи претседателската трка и градоначалничкиот мандат доколку не ги освои претседателските избори. Но, тоа со ништо нема да ги смени фактите од сегашноста или минатото, ниту пак, Јакимовски може со спинови да се избори против негативната слика што за него сега ја креираат и САД, врз основа на, како што тврдат, кредибилни сознанија и докази.

Пишува: Теофил Блажевски