Кејот на Вардар во Карпош неосветлен, граѓаните навечер се рекреираат во темница [фото]

Фото: Мета.мк

Пешачката и велосипедската патека покрај реката Вардар во скопската општина Карпош изминативе денови воопшто не е осветлена. Граѓаните кои се рекреираат во вечерните часови се во опасност поради темницата. Со исклучок на многу мал број светилки кои работат, целата патека е неосветлена на потегот од мостот „Обединети Нации“ до мостот кај хотелот „Александар Палас“.

Поради високите температури, голем број од граѓаните возат велосипед и ролери, трчаат по патеките или пешачат во ноќните часови. Но, со исклучок на дел од велосипедистите, никој од останатите рекреативци на кејот на Вардар нема сопствено осветлување и постои висок ризик од судир на самата патека.

За разлика од територијата на Карпош, велосипедската и пешачката патека долж кејот на Вардар низ општините Центар и Аеродром во вечерните часови се осветлени.

Мета.мк денеска испрати прашања до Општина Карпош за да ги дознае причините поради кои не работи осветлувањето на пешачката и велосипедската патека на кејот на Вардар. Добивме ветување дека ќе добиеме објаснување за настанатата ситуација, но одговорите не пристигнаа.

Инаку, Општина Карпош пролетва започна со акција за намалување на потрошувачката на електрична енергија од уличното осветлување. Најпрво, беше воведено целосно исклучување на струјата во периодот по 1 часот по полноќ. Изминативе денови се работеше јавното осветлување да се прилагоди, така што да работи секоја втора светилка низ населбите. Сепак, засега нема објаснување од општинските власти дали ова е причината поради која велосипедската и пешачката патека покрај Вардар се без осветлување.