fbpx

Немаше кој да ги брани вакцините на антиваксерската конференција помогната од Владата

-

Антиваксерите, односно родителите кои се залагаат за правото на избор при медицинска интервенција, во два дена викендов одржаа конференција на тема „Вакцините во 21 век – предизвици со кои се соочуваме“. На настанот присуствуваа домашни странски доктори и правници, а она што не може да се заобиколи е фактот дека Здружението „Од нас за нас“, кое беше организатор на конференцијата, од Владата доби финансиска помош за организирање на настанот, не обезбеди претставници на другата страна со ставови кои се сосема спротивставени во однос на вакцинацијата на децата во државава.

Претседателката Годрана Гоџо, за „Мета.мк“ објаснува дека уште во јуни, таа лично заедно со други родители, биле на средба кај премиерот Зоран Заев, на која освен него присуствувале и министрите Венко Филипче, Рената Дескоска, Арбер Адеми и Мила Царовска.

– Им објаснивме дека со мерката за забрана за прием на невакцинирани деца се врши кршење на човековите права. Нашите барања беа да ја укинат мерката за забрана за прием, зашто сметаме дека таа мерка не е ефикасна. Заев кажа во рок од две недели да се организира трибина на која би присуствувале ние и владини претставници, со цел да се спротивстават двете страни. Кажа и дека не е проблем, тие да помогнат со финансирање. Но, не се беше организирано ништо по таа средба. Во меѓувреме, го основавме нашето официјално здружение во јули. Членовите си плаќаат донации, се плаќа и за членство. Во август, испративме официјални покани со сите министри, но и до здравствени експерти, да присуствуваат на трибината. Со поканата, испративме и финансиски буџет. Но, на поканата не се одзва никој – вели Гоџо.

– Дводневната конференција што се одржа викендов, нè чинеше 3.000 евра, но тоа е така бидејќи имавме попусти. По испраќањето на поканата ми се јавија единствено од кабинетот на премиерот, од каде рекоа дека ќе испратат свој престатвник и нè информираа дека ќе ни помогнат со 30.000 денари финансиска помош. Јас верувам дека Заев сакаше некој да дојде и да се спротистават аргументите, но никој не дојде. Целта беше да се изнесат факти и од едната и од другата страна? Зошто не дојдоа да се соочиме? – прашува Гоџо.

На конференцијата имаше доктори и адвокати од странство, како и родители на деца кои не се вакцинирани со МРП или со други вакцини кои согласно нашите прописи се задолжителни. Сите зборуваа за правата на децата, особено за правото на образование без условување со примени вакцини.

– Притисокот ќе го зголемуваме и понатаму. Нас не нè интересира кој од која политичка партија е, нас нè интересираат закони. Бараме и средба со Инспекциски совет. Во меѓувреме, чекаме одлука од виш Управен суд, кој очекуваме да ја укине времената мерка за забрана за прием на деца во училишта и градинки, бидејќи таа не е дел од закон, незаконска е. Имаме и кривични пријави поднесено за Филипче и за Царовска за злоупотреба на службена должност и овластување, како и за повреда на рамноправноста на граѓаните. За Арбер Адеми пријавата е во подготовка – информира Гоџо.

Министерот Филипче, во врска со публицитетот кој го доби конференцијата на „Од нас за нас“, а за чија реализација Владата во која е тој министер помогнала со 30.000 денари, за „Мета.мк“ тој рече дека Владата е демократска и сака да го чуе сечие мислење.

– Ние сме демократи и сакаме да го слушнеме секое мислење. Тоа сепак не го менува нашиот став кој е поддржан од науката. Продолжуваме со нашата политика за вакцинација која даде одлични резултати – ни одговори тој од САД.

Во меѓувреме, ситуацијата на терен со прием на невакцинирани првачиња е различна. Здравствените и просветните инспектори се на терен, проверуваат вакцинални картони, но и дали запишаните првачиња ја примиле МРП вакцината.

Ирина Бухова, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, вели дека досега немаат добиени посебни насоки за првачињата и МРП вакцината, и дека тоа го прават инспекторите во образование.

– Кај нас во тек е скрининг на терен, наши инспектори проверуваат колку од првачињата се со комплетен вакцинален статус, а колку не се, но тоа не се однесува само за МРП. ЀСе прави анализа на терен, нема изрекување мерки, а кога ќе заврши контролата кон крај на овој месец, ќе знаеме конкретни бројки. Во Законот за здравтвена заштита, јасно стои дека секое дете мора да има вакцинален картон – појаснува Бухова.

Томе Спировски, директорот на Државниот просветен инспекторат информира дека и просветните инспектори се на терен и бројат деца што немаат примено МРП.

– ДПИ врши надзор кој е во тек овие денови во училиштата, во врска со упис на ученици во прво одделение. Во таа постапка меѓу другото се утврдува и кои ученици од кои причини не се запишани. Една од причините е и онаа за задолжителна вакцина. Засега немаме точна бројка колку вцакви деца има на ниво на држава. До крајот на месецов ќе имаме бројки. Во секој случај, имаме неколку појавни облици – има училишта каде децата се примени а на родителот му е речено дополнително да донесе картонче дека детето ја примило вакцината, потоа имаме училишта каде деца се примени без да се почитува одлуката за забрана за упис ако нема вакцина и имаме училишта, каде училиштето не примило воопшто невакцинирани деца – вели Спировски.

За учениците во прво одделение кои не се дел од образовниот систем, ДПИ покренало одредени постапки.

– Тие деца мора да се во системот. За родителите кои не ги исполниле обврските, ќе покренеме постапка согласно член 61 од Законот за основно образование, според кој стои што се презема во случај родителот да не ја исполнил обврската неговото дете да биде вклопено образовниот систем. За тие родители ќе преземеме соодветни мерки. Прва мерка е едукација, ќе ги повикуваме и ќе ги едуцираме, а ако одбијат, предвидена е казна од 200 евра. Но, треба да се знае дека покрај тоа што ќе треба да плати, родителот ќе има и задолжителна обврска да го запише детето, односно да го вакцинира за да може да го запише – вели директорот на инспекторатот.

„Мета.мк“ праша и во неколку училишта, како постапија со првачињата кои не се вакцинирани, а законски исполнуваат услови да бидат запишани во прво одделение. Светлана Масларевска, директорката на училиштето „Коле Неделковски“ во општина Центар, вели дека правото на упис, односно на образование, на децата не смее никој да им го забрани.

– Ние правото за упис не смееме да им го забраниме. Законот им дава право на образование. Сметам дека тука се во расчекор министерствата за образование и за здравство. Ние немаме на што да се повикаме, се` што слушаме е преку медиумите, знаеме дека Министерството за здравство одлучи невакцинирани дечиња да не се примаат. Немаме официјален допис за да бидеме заштитени ние како директори. А родителите имаат право да постапуваат по сопствено убедување – вели директорката.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...