fbpx

Се чека името на загадувачот што го обои Вардар во портокалово

-

Ден откако се случи поморот на риби во Вардар како последица од загадување со отпадни индустриски води кај скопската населба Аеродром, сè уште не се објавува кој е загадувачот, но познато е дека водите на Вардар претрпеле индустриско загадување.

„Резултатите од испитувањата покажаа зголемени вредности на железо, хлориди и нитраати во водата што укажува на индустриско загадување. Откако бевме известени вчера од страна на Центарот за управување со кризи, за 15 минути наши инспектори беа испратени на терен, беа земени мостри од водата на неколку контролни точки низводно и пред канализацискиот испуст кај мостот во Ново Лисиче и беа однесени на испитување во лабораторијата на ЈП Водовод и канализација“, изјави за „Мета.мк“ Мирослав Богдановски, раководител на Градскиот инспекторат.

Неофицијално, поморот на рибите бил предизвикан од финиот мил полн со рѓа, кој бил испуштен во Вардар и кој им го оневозможил дишењето на рибите. Овој случај на механичко загадување кое доведува до гушење на живиот свет во реката е сличен со поморот на рибите во Треска по испуштањето на водите од браната Матка пред неколку години и не се должи на хемиско загадување туку на недостиг на кислород за рибите, велат нашите извори.

За овој случај бил известен и Државниот инспекторат за животна средина, чиишто екипи денес биле на терен. Според неофицијалните информации до кои дојдовме, инспекцијата веќе ја утврдило причина за хаваријата, односно позната е компанијата од чиишто инсталации истекла загадената вода директно во канализацијата и во тек е постапката за санкционирање на сторителот. Сепак, Државниот инспекторат за животна средина денес не и соопшти на јавноста кој е причинителот на загадувањето на водите на Вардар. Директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Фејзула Спахија, денес не беше достапен за да одговори за резултатите на инспекцискиот увид во комплексот на скопската „Железарница“.

Интензивно обоената вода со боја на рѓа вчера беше регистрирана во реката Вардар на потегот Ново Лисиче – Јурумлери, во делот каде што има канализациски испуст во кој завршуваат отпадните води од индустрискиот комплекс на некогашната скопска „Железарница“. Од компанијата „Макстил“, сместена во некогашна „Железарница“ и во чијшто технолошки процес на обработка на железо постои можност за испуст на отпадни води со присуство на рѓа вчера со соопштение до медиумите демантираше дека се причинители на хаваријата.

Денеска од „Макстил“ не дадоа изјава во врска со темата и покрај тоа што повеќе пати ги контактиравме.

Претходно, Град Скопје објави преку својата Фејсбук-страница дека поради помор на риби по течението на реката Вардар во Аеродром, дежурните инспектори од Инспекторат на Град Скопје заедно со екипи на ЈП „Водовод и канализација“ веднаш излегле на увид на терен и дека првичните индиции на градските инспектори се дека загадувањето на реката на овој потег е од кругот на поранешна „Железарница“. Во координација со надлежните државни инспекции ќе следат вонредени инспекциски контроли во кругот на „Железарница“, а одговорните субјекти за ова загадување ќе бидат соодветно санкционирани, соопштија од Град Скопје.

Казни за загадувачите на води, според сегашните закони, можат да достигнат и до 100 илјади евра за компанијата, односно и до 30.000 евра за одговорното лице на компанијата која е загадувач.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...