вторник, 19 мај, 2026
Meta.mk

Инспекторите сè уште не знаат кој стои зад вчерашното загадување на Вардар

Државниот Инспекторат за животна средина сè уште нема утврдено кој е причинител на загадувањето на Вардар, кое се случи вчера, кога речните води се обоија во жолто-кафеави нијанси во близина на скопската населба Лисиче.

Земените мостри од канализациониот испуст во Вардар кај мостот Близнак денес беа однесени на анализа во лабораторијата на скопското јавно претпријатие Водовод и резултатите се очекуваат најрано следната недела. Иако мострите беа земени вчера, тие се однесени на испитување денеска бидејќи вчера беше неработен ден поради изборите.

Според главниот државен инспектор во Државниот инспекторат, Хусни Тачи, вчерашниот увид на лице место во кругот на Железарница покажал дека водата што се излевала од двете фабрики во канализациониот испуст не соодветствувала со жолтеникаво-кафеавата вода која била забележана вчера на испустот во Вардар кај мостот Близнак.

„Засега не најдовме докази дека ниту Либерти Груп ниту Макстил, двете фабрики чиишто производни процеси се поврзани со преработка со железо, а се сместени во кругот на скопска Железарница, се причинители на вчерашната хаварија која го обои Вардар“, изјави за Мета главниот државен инспектор во Државниот инспекторат за животна средина, Хусни Тачи.

Неофицијално, на испустот на канализацијата кај мостот Близнак на реката Вардар вчера, освен интензивното обојување на водата со боја на ‘рѓа, била присутна и силна миризба на амонијак.

Според Тачи, загадувањето би можело да дојде и надвор од кругот на некогашна Железарница. „На истиот канализационен испуст се врзани многу други помали фирми и производствени капацитети, како и институции и стамбени единици“, вели Тачи и додава дека Државниот Инспекторат не е надлежен за ниту еден од нив.

Тој потсетува дека ДИЖС има надлежност да врши инспекција над оние стопански субјекти кои поседуваат А интегрирани еколошки дозволи, додека пак градскиот и општинските инспектори за животна средина ги инспектираат помалите загадувачи.

Либерти Груп Скопје, поранешен Арчелор Миттал во септември минатата година беше казнет од страна на Државниот Инспекторат за животна средина со глоба во висина од 100.000 евра поради хаваријата која оваа фирма ја предизвика кога пукната када од која се излеало поголемо количество отпадна вода која содржела железо и киселина, без соодветно да биде третирана во системот за отпадна вода. Истиот субјект, кој поседува А интегрирана еколошка дозвола тогаш беше казнет и со забрана за работа во времетраење од 90 дена. Според важечкиот Закон за животна средина, носител на А дозволата има обврска своите отпадни води да ги преработи пред да ги испушти во канализацискиот систем или во водните текови до втор степен на чистота на испуштената вода.

 

 

 

 

Вардар кај Лисиче повторно загаден, инспекторите на терен, загадувачот непознат

Увидот на инспекторите за животна средина во инсталациите на двете најголеми фабрики во кругот на некогашната скопска Железарница – „Макстил“ и „Либерти Груп“ (поранешен „Арчелор Митал“), денес не покажа кој е причинителот на денешното загадување на реката Вардар кај Лисиче.

Откако на социјалните мрежи се појавија фотографии на црвеникаво-кафеаво обоените води на Вардар и откако Градскиот инспекторат ги алармираше своите колеги во Државниот инспекторат за животна средина за ново загадување на реката, беа земени мостри и од пречистителните станици на двата стопански субјекта и од колекторот, кои треба да бидат упатени на анализа во лабораторијата на ЈП Водовод. Ова за Мета го потврди државниот инспектор Мите Начев.

„Земените мостри нема да можат да бидат дадени на анализа денес бидејќи е неработен ден поради изборите, ќе ги однесеме утре“, изјави Нацев, кој потврди и дека инспекторите ги посетиле и „Макстил“ и „Либерти Груп“, но дека од увидот на лице место не можело да се утврди дека некаде имало хаварија, односно од каде потекнува загадувањето. Според инспекторот, „Либерти Груп“ не работеле ниту денес ниту претходните денови.

Во меѓувреме, за инцидентот се огласи и Министерството за животна средина, со соопштение во кое се вели: „По добиена дојава за обојување на водата во река Вардар кај мостот „Близнаци“, државните инспектори за животна средина веднаш излегоа на терен. При тоа, направена е инспекциска контрола во двата правни субјекти: Либерти Скопје и Макстил АД, кои се наоѓаат во комплексот на бивша Железара и за кои инспекторирањето е во надлежноста на Државниот инспекторат за животна средина“.

Во соопштението на МЖСПП се потврдува дека е направен увид и контрола на пречистителните станици на двата правни субјекта, како и на местото каде колекторот се влева во реката Вардар и од таму се земени мостри кои ќе се дадат на анализа во акредитирана лабораторија.

„Ниту Либерти Скопје, ниту Макстил АД немаат пријавено било каква хаварија, а при увидот во пречистителните станици не е забележано обојување на отпадните води“, се вели во соопштението од МЖСПП.

„Либерти Груп“ Скопје во септември минатата година беше казнет од страна на Државниот инспекторат за животна средина со глоба во висина од 100.000 евра поради хаваријата која оваа фирма ја предизвика, кога пукнала када од која се излеало поголемо количество отпадна вода која содржела железо и киселина, без соодветно да биде третирана во системот за отпадна вода.

Надлежните од Државниот инспекторат и од Министерството за животна средина велат дека, сепак, не треба да се прејудицира со обвинување на ниту еден од стопанските субјекти додека анализите не покажат што било причина за денешното загадување на Вардар.

Откако ќе бидат анализирани мострите би требало да се знае повеќе за тоа кој е причинител за загадувањето, велат надлежните. Според важечкиот Закон за животна средина, чијшто член 212 ж пропишува постапки на надлежните органи поврзани со посериозни еколошки прекршоци, меѓу другото е предвидена казна во висина од 100.000 евра во денарска противвредност за правното лице кое произведува и испушта загадувачки материи и супстанции во животната средина.

Поради зафатеноста со активности околу изборите денес не можеше да се добие одговор од надлежните од МЖСПП.

И државата и Еуромакс ја обжалија одлуката на Управниот суд за случајот Иловица

Државата реши да ја обжали одлуката со која Управниот суд ја ја поништи одлуката на Второстепената државна комисија за управни спорови врз основа на која беше раскинат договорот за концесија со Еуромакс. Ова за МЕТА го потврди директорката на Државната комисија Даница Чадиева.

Со ова практично, натамошната разврска на случајот со отворањето на рудник за бакар и злато во близина на струмичките села Штука и Иловица дојде во рацете на Вишиот Управен суд, кој треба да одлучи дали ќе го врати предметот за Иловица во рацете на Второстепената комисија или пак самиот Суд ќе одлучува за натамошната судбина на проектот Иловица.

Обжалување на одлуката на Управниот суд побараа и граѓанските здруженија кои организираат отпор против отворање на рудникот во нивниот крај. Тие организирааа и протести со кои сакаа да ја изразат својата огорченост од одлуката на Управниот суд.

Одлуката, во полза на бившиот концесионер канадската компанија Еуромакс Рисорсис беше донесена на 31 март, но Судот, со образложение дека тоа го прави „поради зголемениот интерес на јавноста“, ја објави дури кон средина на мај кога самиот концесионер се пофали со неа.

Но, иако судот ја усвоил тужбата од Еуромакс и завзел став дека Второстепената комисија најпрво требало да решава по претходно поднесеното барање од Еуромакс за спојување на двете концесии кои ги поседувале, па потоа да одлучува по барањето за дозвола за експлоатација на минерални суровини, од канадската компанија исто така упатиле жалба на одлуката.

За познавачите на правните процедури, овој потег на Еуромакс значи само купување на време, бидејќи разврската на случајот Иловица се случува во предизборниот период пред превремените парламентарни избори, од чијшто исход можеби ќе зависи и епилогот на борбата околу рудникот Иловица.

Додека Социјалдемократскиот сојуз децидно се изјасни дека е против отворањето нови рудници, а претседателот на партијата, Зоран Заев на своите сограѓани предизборно им порача да не се секираат бидејќи рудник во струмичко нема да има, опозиционата ВМРО-ДПМНЕ во својата предизборна програма предвиде еден од лостовите на економскиот развој да биде и отворањето нови рудници и издавањето нови концесии за експлоатација на минерални суровини во државата.

 

Опожарениот смет на депонијата „Русино“ се санира, надлежните ја префрлуваат вината

Во тек е акција за гаснење на пожарот на депонијата Русино близу Гостивар каде гори запалено ѓубре, а облаци опасен чад се шират низ полошката котлина. „Во моментов се работи на санација на состојбата на гостиварската депонија, каде моментално се разнесува запалениот смет на периферниот дел за да може да се прекрие со земја и на тој начин да се изгасне пожарот“, информираше за МЕТА Зуди Џелили, раководител на секторот за животна средина на Општина Гостивар.

Тој потврди дека општината денес побарала и добила помош и од Дирекцијата за помош и спасување, од каде им е ветено дека, доколку биде неуспешно гаснењето на пожарот на депонијата, Дирекцијата ќе ангажира и авиони за справување со огнената стихија.

Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари на прес-конференција побара од државата и од Министерството за животна средина, кои според него се надлежни за Русино да превземат она што е потребно да се стави ред на депонијата.

Од Министерството за животна средина, пак тврдат дека за депонијата во Русино во моментов правно-формално е одговорна општина Гостивар т.е. јавното претпријатие Комуналец од Гостивар. „Во постапка е формирање на Меѓуопштинско јавно претпријатие за управување со отпад кое ќе биде одговорно да оперира со депонијата во Русино, бидејќи се работи за регионална депонија, каде отпад депонираат девет полошки општини и тоа не треба да биде на товар само на општината Гостивар“, вели Ана Каранфиловска Мазнева, раководителот на Секторот за отпад при МЖСПП.

Оттамо потсетуваат дека постои Меѓуопштински одбор за управување со отпад, каде членови се сите градоначалници од 9 оштини во Полог, па согласно ова сите имаат обврска, рамноправно да се грижат за Русино т.е. да партиципираат соодветно заради одржување на депонијата. Мазнева вели дека депонијата во Русино е планирана да биде регионална депонија и дека во моментов се работи на издавање на соодветни дозволи за градба на објектите кои треба да постојат согласно закон на една депонија, односно пристапен пат, вага, куќарка, санитарни чворови и слично и дека веднаш по добивање на дозволите ќе се започне со градба. „Со пари од Швајцарската влада ќе се опреми една ќелија за работа на депонијата, која ќе има век од 8 години, а потоа ќе треба да се подготви нова ќелија“, вели раководителката на секторот за отпад при МЖСПП.

Казната за истечениот мазут во Вардар кај Велес е 100.000 евра, ама сè уште не е изречена

И по еден месец, сè уште нема конечен епилог за случајот со истекувањето на еден тон мазут во реката Вардар иако е познат причинителот, а надлежните инспекциски служби извршија увид и собраа докази. И понатаму трае натегањето на Државниот инспекторат за животна средина со претставниците на велешката фабрика „Благој Ѓорев“ околу записникот направен од страна на надлежните државни инспектори за инцидентот, кој треба да биде основа за изрекување на казна за стопанскиот субјект од каде што мазутот се излеал во околната средина, а потоа завршил и во реката.

– Уверен сум дека случајот со излевањето на еден тон мазут во реката Вардар минатиот месец ќе добие соодветен епилог, но управата на фабриката треба да извлече соодветна поука дека мора да ги смени досегашните практики и да ги преземе потребните мерки за да се спречат во иднина вакви еколошки инциденти. За кусо време имавме дури четири сериозни случаи на загадување на животната средина предизвикани од истиот субјект – вели за „Мета.мк“ градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

Тој додава дека Државниот инспекторат реагирал упатувајќи свои инспектори да ги утврдат фактите веднаш штом општината, која во моментот немала свој инспектор за животна средина, пријавила дека се случил еколошки инцидент. На 14 јуни еден тон мазут се излеа во водите на Вардар во Велес откако се случила хаварија на резервоарот за мазут на велешката фабрика „Благој Ѓорев“.

Според информациите презентирани од велешкиот градоначалник Аце Коцевски, непосредно по откривањето на овој настан, резервниот резервоар за гориво немал доволно капацитет да го прифати истечениот мазут, па по сливниот канал е истечена одредена количина на улицата „Алексо Демниевски“, а дел од мазутот низ сливна решетка и канали истекол во Вардар.

Вонредниот инспекциски надзор во Велес од 17 јуни утврдил неправилности во кругот на велешкиот производител на масло и од страна на Државниот инспекторат за животна средина беше најавено дека поради утврдените неправилности согласно Закон за животна средина и Закон за управување со отпад ќе бидат изречени санкции за велешката фабрика, но процесот до денес не е завршен бидејќи раководниот орган на фабриката сè уште не го потпишал инспекцискиот записник.

– Инцидентот со излевањето на мазутот во Вардар кај Велес е квалификуван како прекршок од трета категорија според член 212-ж од важечкиот Закон за животната средина и за овој тип прекршоци е предвидена казна до 100.000 евра во денарска противвредност – вели Хусни Тачи, Главен државен инспектор за животна средина.

Тој појаснува дека, во случај прекршителот да ја прифати вината, законот предвидел и можност за спогодување со надлежниот државен орган и во тој случај казната ќе му биде преполовена. Доколку пак да не ја прифати, случајот ќе треба да добие судска разврска.

МЖСПП: Почна јавната расправа за заштитата на Осогово и Шара

Како дел од своите активности за заштита на природните предели со посебна вредност во државата, Министерството за животна средина ја изработи Нацрт Одлуката за прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје во категоријата V заштитен предел и денес ја објави на својата веб страница. Нацрт одлуката е дел најавените активностите за прогласување на Осоговијата за зашитен предел како дел од јавната дебата која треба да му претходи на прогласувањето. Од денес ќе се очекуваат коментари од јавноста, а по изборниот процес, планирани се и четири јавни расправи по овој акт, на кои засегнатите страни ќе имаат можност да го кажат своето мислење, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Нацрт одлуката за прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје од петта категорија – заштитен предел, меѓу другото, предвидува зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности, зачувувањето на природната рамнотежа на екосистемите и на биолошката и пределската разновидност, со истовремено регулирање и одржување на интеракцијата помеѓу човекот кон природата како и одржливо користење на природните ресурси.

Овој степен на заштита предвидува зони за строга заштита, зони за активно управување и зони за одржливо користење, при што во зоните на строга заштита ќе бидат опфатени 12 микролокации кои се од посебно значење за пределската разновидност, како што се неколку локалитети во близина на Царев врв, Орлов камен, Горна Злетовица, Голема река и др.

Во однос на Предлог – законот за прогласување на Шар Планина за национален парк, кој исто така е најавен за втората половина од годинава, од МЖСПП информираат дека текстот е веќе во финална фаза, но бидејќи се работи за подрачје во категоријата II односно национален парк постапката бара повеќе консултативни средби и покомплексна работа. Паралелно се работи и на Нацрт-планот за управување на ова заштитено подрачје, а информират и дека законот, во најкус можен рок, ќе биде исто така објавен за коментирање, по што ќе следат јавните расправи.

Овој документ исто така ќе биде достапен за коментари до 31 август на веб-страницата на МЖСПП и на Електронскиот национален регистар ЕНЕР.

Од Министерството за животна средина денес информираа и за активностите околу заштитата на Охридското Езеро:

„Во наредниот период, активностите ќе се фокусираат на изготвување на студија за валоризација на Охридското Езеро што ќе овозможи сеопфатно разбирање на природните и социо-економските вредности на езерото. Ова, заедно со студијата за валоризација на Шар Планина која беше завршена на почетокот на 2020 година, претставуваат добра основа за изработка на плановите за управување со обете подрачја, во согласност со релевантното национално законодавство, а водејќи се од IUCN WCPA препораките и најдобрите практики за управување со заштитени подрачја, како и резултатите од спроведената анализа врз основа на Алатката за следење на ефикасност во управувањето (Management Effectiveness Tracking Tool-METT)“, се вели во изјавата на министерот Нуредини.

„Искрено верувам дека изработката на Студијата за ревалоризација и плановите за управување со Споменикот на природа Охридско Езеро, како и идното заштитено подрачје Шар Планина, ќе даде соодветна основа за ефикасно управување со природните вредности на овие подрачја, како придобивка пред сѐ за локалното население, а во согласност со националното и меѓународното законодавство за заштита на природата“, додава Нуредини, кој нагласи дека потребата од одржливо управување со овие подрачја е уште поголема ако се земе предвид дека двете подрачја се прекугранични, при што Шар Планина е споделена со Албанија и Косово, во кои има заштитен статус, додека Охридското Езеро ја споделува границата меѓу Албанија и Северна Македонија и е домаќин на уникатен воден екосистем и е дом на над 200 ендемски видови како и статус на Светско наследство.

Процесот за унапредување на управувањето со Охридското Езеро и Шар Планина ќе ги координира Меѓународната Унија за заштита на природата IUCN ECARO, во соработка со МЖСПП во рамките на проектот „Постигнување на зачувување на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и вклучување на биодиверзитетот во планирање на употреба на земјиштето ”, финансирано од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) и спроведено од Програмата ООН за животна средина(УНЕП).

Поранешниот концесионер „Еуромакс Рисорсис“ апелира неизградениот рудник во Иловица да не се користи во кампањата

Поранешниот концесионер на неизградениот рудник во Иловица, „Еуромакс Рисорсис“ апелира темата да не се користи и злоупотребува во каква било изборна конотација.

Канадската компанија, на која Владата на ДУИ и СДСМ ѝ ја одзеде концесијата за експлоатација на рудникот Иловица, за што во моментов се води спор пред Управниот суд, упати апел до политичарите во текот на изборната кампања да се воздржат од коментари за проектот, затоа што е можно да влијаат на работата на судството и правната процедура која се одвива во надлежниот суд, каде се очекува правна разврска на случајот со рудникот Иловица.

Реакцијата на „Еуромакс Рисорсис“ доаѓа откако вчера лидерот на Социјалдемократскиот Сојуз Зоран Заев, на средба со локалното население во струмичко се пофали дека СДСМ го одржа зборот дека рудник кој ја загрозува животната средина и природата во тој крај нема да има и ги повика жителите на струмичките села да бидат спокојни.

На изјавата на Заев ѝ претходеше предизборното обраќање на Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ од Пробиштип, каде тој најави дека неговата партија ќе отвора нови рудници и нови работни места во рударската индустрија доколку дојде на власт. И во Изборната програма на партијата меѓу другото стои дека: „Само за периодот 2021 – 2022 година планираме годишно да доделуваме најмалку по 1-2 концесии за експлоатација на металични минерални суровини (бакар, злато, сребро, олово, цинк, молибден и др.)“.

Канадската компанија „Еуромакс Рисорсис“ во својата писмена реакција вели дека сме морале да ја прифатиме реалноста дека се работело за потенцијално најголемата гринфилд странска инвестиција во земјава што ќе донесе значајна економска корист и благосостојба за сите граѓани, особено за жителите во струмичкиот регион и преку 500 нови вработувања во тој рудник. Од „Еуромакс Рисорсис“ инсистираат дека проектот Иловица ќе биде модерен рударски комплекс што ќе се гради и ќе биде опериран согласно највисоките европски и светски стандарди.

Инаку, прашањето за рудникот Иловица ја бранува јавноста веќе неколку месеци наназад. Јавноста од самата компанија „Еуромакс Рисорсис“ дозна дека во екот на кризата со епидемијата на ковид-19, Управниот суд на 31 март годинава, донел одлука со која ја поништува одлуката на Второстепената владина комисија која минатата година во октомври ја одби жалбата на „Еуромакс“ на одлуката за одбивање на барањето за дозвола за експлоатација. Судот оваа одлука ја објави на својата веб-страница дури еден ипол месец подоцна, откако „Еуромакс“ самите се пофалија за неа.

Од денес субвенции за преку 5.000 домаќинства во Скопје за набавка на инвертери

Скопјани од денес ќе можат да аплицираат за добивање субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата. Град Скопје објави јавен повик за искористување на субвенции во износ до 1.000 евра во денарска противвредност за набавка на еколошки почист уред за затоплување. Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 01.01.2020 година, субвенциите ќе се доделуваат до завршувањето на повикот на 30.11.2020 година или до денот на исцрпување на средствата според принципот „прв дојден, прв услужен“.

Граѓаните ќе можат да аплицираат и онлајн, при што информации за повикот, како и формуларите за електронското пријавување ќе можат да се најдат на следниот линк: https://www.surveymonkey.com/r/gradskopje-inverter2020.

Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху денеска на прес-конференција ги објасни деталите за распишаниот повик за субвенции за инвертер клима уреди, според кои, согласно со условите кои ги предвидува повикот, над 5.000 граѓани на Скопје ќе имаат можност да им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер уреди, но не поголема од 62.000 денари во нето-износ.

Тој истакна дека на повикот имаат право да учествуваат сите граѓани на Скопје кои не искористиле субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе биде инсталиран уредот. Набавениот уред потребно е да биде монтиран во објектот со адреса од личната карта на барателот, информираше Салиху.

Предуслов за добивање на субвенцијата за инвертер, освен исполнувањето на условите кои се наведени е граѓаните да се согласат да се откажат од својот стар начин на загревање на домовите и доброволно и без надоместок да ја достават постојната печка на дрва, јаглен, нафта или на мазут на локација, која дополнително ќе им биде соопштена, соопшти портпаролот Салиху.

Тој информираше дека, според направените анализи, едно просечно семејство на годишно ниво ќе заштеди околу 19.000 денари во однос на загревањето со печка на дрва или 22.000 денари во однос на загревањето со термо печка.

Субвенциите за инвертери се дел од мерките предвидени со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот, кои Владата ги најави уште во октомври минатата година. Согласно одлука на Владата на РСМ, донесена на крајот на 2019 година, беа одобрени и префрлени на посебна наменска сметка на Град Скопје 322,4 милиони денари.

Освен за Скопје, Владата донесе одлука за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинствата во општините Битола, Кичево и Тетово како општини каде е најголемо загадувањето на воздухот.

Владата тогаш одлучи од ЕСМ да побара, во рамките на акумулираната добивка, да донесе одлука за обезбедување средства во висина од 618.000.000 денари за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди, како и да донесе одлука за обезбедување средства за јавна едукативна кампања за придонесот од имплементација на мерката за здравјето на граѓаните и за начинот на кој таа ќе биде спроведена.

„Ова е лудост“, порачуваат борците против рудниците на југоистокот по предизборните ветувања за нови концесии

Загриженоста кај активистите против рудниците на југоистокот на државата се зголеми откако предизборната кампања ги исфрли на површина ставовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ за развој на рударски капацитети во земјата, содржани во нивната предизборна програма.

Во програмата се наведува како приоритетно отворањето на пет рудници: Лојане-Липково, Кадиица-Пехчево, Плавица, Тајмиште и Стогово. Во Изборната програма на партијата меѓу другото стои дека: „Само за периодот 2021 – 2022 година планираме годишно да доделуваме најмалку по 1-2 концесии за експлоатација на металични минерални суровини (бакар, злато, сребро, олово, цинк, молибден и др.)“.

Неодамна Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во изборна единица 3 која го опфаќа источниот дел од земјата, во Пробиштип најави дека ако дојдат на власт ќе реализираат нов проект за отворање на рудници со металични и минерални суровини. „Во следниве четири години, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ преку отворање на овие рудници ќе овозможи вработување на најмалку 300 луѓе од Пробиштип и околината“, изјви Јанушев.

„Ова е лудост“, вели Ѓорѓи Танушев од здружението „Здрава Котлина’.

„Го слушнавме Јанушев, а досега не видовме ниту еден став од ВМРО-ДПМНЕ за рудникот Иловица-Штука, иако Мицковски од Струмица ја почна кампањата. Но, прочитавме во програмата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе доделуваат најмалку 1 до 2 концесии годишно за рудници на бакар, злато, сребро, олово, цинк, молидбен“, вели Танушев и додава дека населението нема да дозволи рудници во југоисточна Македонија.

Активистите против рудниците бараат од двете најголеми партии децидно да се изјаснат дали населението на Југоистокот ќе биде жртвувано за да му се удоволи на рударскиот бизнис.

Ангел Наков од здружението „Спас за Гевгелија“, кое се бори против отворање на рудници на планината Кожув вели дека технологијата на лужење на рудата со отворени копови, каква што е предвидена за рудниците на бакар и злато, каде и да се примени во нашата земја, ќе значи и еколошка катастрофа не само за локалното население туку и за поширокиот регион.

„Замислете да се отворат пет или повеќе нови рудници, кои ќе загадуваат во радиус од најмалку 50 километри. Колку чиста и здрава околина ќе ни преостане“, прашува Наков.

Минатиот викенд активистите од регионот организираа протестни собири против отворање на рудникот за бакар и злато Иловица во Струмица и околината. Тие упатија барање до Вишиот Управен суд, до Судскиот совет како и до политичките партии да не го игнорираат ставот на локалното население против отворање на овој рудник.

Во саботата беше одржан моторизиран протест низ улиците на Струмица во кој зедоа учество, според зборовите на организаторите преку 200 возила од струмичкиот крај, како и од Валандово, Богданци, Гевгелија, Радовиш и Скопје додека во неделата протестен собир организиран од младите на селата Штука и Иловица.

„Вие, кои заговарате рудник и имате личен финансиски интерес, кои работите против законите, против животите на месното население и кои сте подготвени да нè отруете и да ги убиете идните наши поколенија, што и да одлучите и што и да се договорите, нема да дозволиме отворање на рудник во нашиот крај“, порачаа организаторите на протестите: „Здрава котлина“ од Струмица, „Еко долина“ од Ново Село, како и Граѓанска иницијатива „Спас за струмичка котлина – Стоп за рудникот на смртта“ во обраќањето од протестот во Струмица.

Струмичките борци против рудникот Иловица побараа да се запазат жалбените рокови во случајот со Иловица откако Управниот суд го врати предметот на Второстепената владина Комисија за решавање на управни спорови по барање на канадската компанија Еуромакс Рисорсис.

„Последен рок во кој треба да го решите проблемот со рудникот на смртта е 13.07.2020 година, токму поради истата итност со која Управниот суд реши да донесе пресуда во вонредна состојба. Не бидете лицемерни туку одговорни и продолжете со истата таа итност“, се вели во обраќањето на струмичките еко-активисти во врска со рокот за жалба кој државата го има на располагање да ја обжали одлуката на Управниот суд,  кој тече откако беше укината вонредната состојба.

Од прес-службата на Еуромакс Рисорсис, пак, велат дека биле разочарани што некој се обидувал во предизборниот период неодговорно да „се пазари“ со судбината на илјадници жители од регионот кои преку проектот за рудникот имале можност да си обезбедат квалитетни работни позиции и значително подобрување на животниот стандард. Оттаму сметаат дека нивниот проект за Иловица бил најголема директна странска инвестиција во државата и дека немало да ја загадува почвата, водата и воздухот, ниту ќе претставувал опасност за здравјето на луѓето бидејќи, според нив, одржливото рударство и земјоделство можат да егзистираат заедно.

Управниот суд уште на 31 март годинава, во екот на кризата со епидемијата и за време на вонредна состојба донесе одлука со која ја поништува одлуката на Второстепената владина комисија врз основа на која беше раскинат договорот за концесија со Еуромакс. Но, јавноста за оваа одлука на судот дозна кон средината на мај, дури откако канадската компанија самата се пофали за тоа.

Локалното население од Струмица и околината две години се спротиставуваат со остри протести и барања до надлежните да нема рудник во овој земјоделски крај. Според нив, рудниците ќе ја уништат животната средина во овој крај и драстично ќе го намалат квалитетот на живот.

 

 

 

Државен Инспекторат за животна средина: Брегалница обелена од нетоксична хемикалија -LITEXS S 9070

Државниот инспекторат за животна средина штотуку го објави извештајот за извршен инспекциски надзор од страна на ДИЖС во врска со загадувањето на река Брегалница во Штип. Во извештајот, меѓу другото стои дека во среда, 23 јуни, во реката Брегалница се излеала хемикалијата LITEXS S 9070, за која постојат документи кои потврдуваат дека не е токсична. Инцидентот во кој на неколку часа сосема побеле Брегалница во нејзино течение низ Штип, според првите резултати, сепак бил предизвикан од хемикалија која не е отровна за живиот свет во реката.

Претходно од ДИЖС најавија дека извештајот ќе бил готов дури в понеделник, а тогаш ќе се знаело и колкава ќе биде казната за загадувачот, текстилната фабрика Техникал Текстајлс од Штип. „Од страна на ДИЖС утврдено е дека истекувањето се случило при истовар на хемикалијата од цистерната односно при пукање на цревото при што се излива во каналот за атмосферска вода кој оди дирекно во р. Брегалница“, се вели во извештајот на Државниот инспекторат.

„Од увидот направен утредента државните инспектори за животна средина констатирале дека Фирмата Техникал Текстајлс ДООЕЛ, поседува Решение за одобрен Елаборат за животна средина од општина Штип од 2015 год. во кој е утврдено дека фирмата Техникал Текстајлс ДООЕЛ во технолошкиот процес нема испуштање на отпадни индустриски води, емисии во воздух и нема бучава, дека поседува Решение за вршење на дејност промет на големо со хемикалии во магацински простор, како и дека поседува безбедносен лист за хемикалијата LITEXS S 9070 од производителот Синтомер Германија и дека не е токсична“, се вели натаму во извештајот.

Од Инспекторатот, исто така, информираат дека од страна на крим техника СВР- Штип биле земени три мостри за испитување од водата и дека се чекаат резултатите за натамошно постапување. Во извештајот од ДИЖС во врска со еко-инцидентот на реката Брегалница се наведува и дека, согласно наодите од страна на ДИЖС, била изречена соодветна санкциска мерка, но не е наведено каква и колкава казна му била одмерена на загадувачот, Техникал Текстајлс. „За понатамошно делување и превземање на поригорозни мерки согласно Закон за животна средина треба да ги добиеме резултатите од земените мостри од крим техника при СВР- Штип“, стои во извештајот на ДИЖС за инцидентот со загадувањето на реката Брегалница.

Претходно, денес за МЕТА, Дарко Блинков, раководителот на секторот за меѓународна соработка на Државниот Инспекторат за животна средина посочи дека според важечкиот Закон за води, за ваков и слични еколошки инциденти предвидени се казни од 3.000 евра за стопанскиот субјект.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, денес повтори дека ќе настојува случајаот со загадувааањето на Брегалница да се истера до крај. „За среќа бунарите на Општина Штип за водата за пиење се безбедни бидејќи се на повисоко ниво и не се допрени од страна на таа материја“, рече денес штипскиот градоначалник и додаде дека Центарот за јавно здравје и ЈП „Исар“ ги прават анализите и досега немаме анализа што покажува вода со полоши квалитети од тоа што била претходно.

Три илјади евра казна ѝ се заканува на фирмата која ја побеле Брегалница, епилогот в понеделник

Државниот инспекторат за животна средина во понеделник ќе излезе со детална информација околу случајот со загадувањето на река Брегалница, информираат од ДИЖС. Во меѓувреме, додека се комплетираат наодите и документацијата за случајот, важно е да се истакне дека не се случил помор на риби во оваа река како резултат на инцидентот. Најверојатно се работи за хемикалија која не била токсична за живиот свет во реката.

„Тоа го потврдува и документацијата која била приложена од стопанскиот субјект во штипската индустриска зона кај населбата Македонка, од чијшто двор засега непознато количество бела хемикалија пред три дена се слеа во Брегалница“, вели за Мета Дарко Блинков од Државниот инспекторат. Според важечкиот Закон за води, за ваков и слични еколошки инциденти предивидени се казни од 3.000 евра за стопанскиот субјект.

Откако државните инспектори ќе го завршат својот дел од работата, случајот со излевањето на бела тачност во река Брегалница, според Блинков, треба да го превземат општинските органи. Тој објаснува дека „Техникал Текстајл“ од Штип сè уште работела без Б интегрираната еколошка дозвола, која ја издаваат општините.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски заедно со заменик министерот за локална самоуправа и просторно планирање, Јани Макрадули денеска беа на увид по течението на река Брегалница.

Бочварски ја истакна својата решеност работата со еко-инцидентот на Брегалница да се истера до крај и да излезе вистината на виделина.

„За среќа бунарите на Општина Штип за водата за пиење се безбедни бидејќи се на повисоко ниво и не се допрени од страна на таа материја“, рече штипскиот градоначалник и додаде дека Центарот за јавно здравје и ЈП „Исар“ ги прават анализите и досега нема анализа што покажува вода со полоши квалитети од тоа што била претходно.

Тоа истакна и дека првите анализи покажаа дека нема никакви оштетувања на животинскиот и растителниот свет,“ истакна градоначалникот Бочварски.

Заменик министерот Макрадули истакна дека државниот инспекторат донесе една првична казна, а кога ќе се добијат анализите од лабораторијата и ќе се состави досието ќе се донесе конечната одлука за висината на казната.

На официјалната веб-страница на Министерството за животна средина денес не можеше да се најде информација за посетата на заменик-министерот Макрадули на реката Брегалница во Штип, ниту пак, таква информација за оваа негова активност можеше да се добие од тамошната прес-служба. Изостана и информацијата за посетата на Макрадули на лице место и од Фејсбук страницата на МЖСПП. Заменик-министерот овие информации ги објави на неговиот личен ФБ профил.


Од Државнот Инспекторат за животна средина за понеделник најавија и информација за епилогот од сличен еколошки инцидент во Велес, кога пред 11 дена поголемо количество на мазут се излеа од фабриката „Благој Ѓорев“ директно во реката.

Дарко Омерагиќ, новинар од Сараево: Пандемијата го промени животот на сите, посебно на новинарите

 „Навистина не знам зошто некои медиуми отпуштаа новинари, посебно ми е нејасно зошто беа отпуштани добри новинари. Една од причините која ја слушнав беше намалениот приход од маркетингот, но сепак тоа не би требало да биде причина, ако се земе предвид фактот дека медиумите одамна се присутни и со дигитални платформи, кои од своја страна, им овозможуваат приходи од маркетинг“.

Сараевскиот новинар Дарко Омерагиќ работел 23 години во дневниот весник „Ослобоѓење“, но на почетокот на епидемијата беше прогласен за технолошки вишок, заедно со неколку негови колеги. Омерагиќ зборува за условите за работа на новинарите во Босна и Херцеговина и за односот на медиумските куќи кон нив.

„Не знам дали сите медиуми на своите вработени им овозможија соодветна заштита, но морам да кажам дека ние работевме од дома, а немаше теренска работа, па всушност и бевме заштитени од можноста за зараза. Вистинските медиуми на своите новинари им ставија на располагање службени телефони и лап-топи. Освен тоа, среќни се оние новинари што имаат платено здравствено осигурување, и во случај да се разболат на своето работно место, можат да се лекуваат. Мислам оти истражувањата покажаа дека новинарите во БиХ ретко добивале покачување на платите за време на пандемијата, иако работеа повеќе одошто во нормални околности. Имаше дури и отпуштања на новинари од големите редакции. За жал и јас и неколку други колеги го поминавме истото во „Ослобоѓење“, иако обемот на работа и стресот значително пораснаа во текот на работата во посебни услови. Значи, да заклучам, ретко кој новинар добиваше покачување на платата, а многумина во „знак на благодарност“ останаа без работа, додека трети продолжуваа да работат исплашени дека ги чека истата судбина“, вели Дарко Омерагиќ.

На кој начин Ковид-19 влијаеше врз одржливоста на медиумите и врз сигурноста на работата на новинарите во БиХ?

Интересно е прашањето, бидејќи медиумите во текот на коронавирусот имаа повеќе работа од било кога. Логично ќе беше со тоа да имаат и зголемени плати и поголема читаност, односно гледаност. Мислам дека следењето на медиумите во текот на коронавирусот беше поголемо отколку пред пандемијата. Затоа, не знам зошто некои медиуми отпуштаа новинари, а посебно не ми е јасно зошто се отпуштани добри новинари. Една од причините која ја слушнав беше намалениот приход од маркетингот, но сепак тоа не би требало да биде причина, ако се земе предвид фактот дека сите печатени медиуми одамна се присутни и со дигитални платформи, кои им овозможуваат приходи од маркетинг.

Како новинарите се адаптираа на новата ситуација?

Мислам дека колегите добро се адаптираа на новонастанатата ситуација, бидејќи и порано работевме во вонредни околности. Ни помогна и тоа што и претходно бевме навикнати на работа од дома, користејќи ги нашите познати алатки, како лаптопи и мобилни телефони. Да бидеме искрени, на почетокот на пандемијата на коронавирусот во фокусот беше броењето на заразените и собирање на информации за новозаразените и новите кластери. Дури после неколку недели известување за здравствените проблеми во кои се затекнавме, полека се навикнавме на новите извори на информации и новиот начин на следење на светскиот здравствен проблем број еден, кој на сите ни ги смени животите. Но сепак мислам дека сите заслужуваме преодна оценка.

Кои дигитални алатки ги користеа медиумите за комуникција со своите извори и дали тоа придонесе за полесно комуницирање во однос на периодот пред пандемијата?

Токму поради фактот дека и пред пандемијата ги користевме социјалните мрежи и сите благодети на дигитакното новинарство, ни беше полесно и да испратиме бројни информации кои властите ги пласираа околу пандемијата. Во новонастанатите околности, мислам дека процвета дигиталното новинарство и дека за успешна работаа беа доволни интернет врска, мобилен телефон и компјутер.

Од Ваша перспектива, дали институциите и компаниите објавуваа повеќе податоци онлајн од порано и како тоа се одрази на квалитетот на добиените информации?

За да одговорам на ова прашање ќе се потсетам на духовитата забелешка на една колешка која кажа дека ни требаше оваа пандемија и затворањето по дома за конечно да проработи е-управата во Босна и Херцеговина. Наеднаш мораше сета работа да се заврши на далечина и онлајн. Заедно со нашите „домаќини“ кои одржуваа редовни прес-конференции за новинарите, научивме дека тие можат да се одржат и без присуство на новинарите. Тие „научија“ да ги примаат прашањата по мејл и на нив да одговараат и без да бидат присутни новинарите. Тоа беше добрата страна на работата на далечина, додека лошата страна на целата приказна е дека на таков начин не можеме да поставуваме потпрашања кога не сме задоволни со одговорите. Поради тоа мислам дека не можеме да бидеме задоволни од добиените одговори од нашите кризни штабови и од останатите претставници на власта. Меѓутоа, бидејќи сме снаодливи и упорни, успеавме да разоткриеме некои афери.

Дали јавноста стекна поголема доверба во медиумите во текот на пандемијата или не? Каков е Вашиот впечаток?

Одговорот гласи: како за кои медиуми. Во некои медиуми е загубена довербата, додека некои добија нова публика и ги задржаа старите читатели и гледачи. Колегите на почетокот на пандемијата само пренесуваа информации преку он-лајн конференции за новинари и соопштенија за јавност. Тук-таму некој медиум бараше информација плус. Мислам дека медиумите кои бараа повеќе информации, успејаа да ја сочуваат довербата на своите читатели.

Кои начини на борба против дезинформациите се практикуваат во медиумите во БиХ?

Најдобар начин за борба против дезинформациите за босанско-херцеговските новинари е информациите да се проверуваат од повеќе извори. Вториот начин е точната информација да се пласира без одвишни коментари, за да можат консументите самите да проценат дали тоа што е објавено и навистина е точно. Наша задача е да ѝ се доближиме на вистината, а секако дека секој од конзументите на тие информации на крајот ќе има своја вистина. Што се однесува, пак, до консументите на тие информации, би им препорачал да следат повеќе медиуми за да можат на крајот самите да заклучат што од сето она што тој ден го виделе, слушнале и прочитале е точно. Оние вистински, редовни читатели информациите ќе ги црпат од оние медиуми и новинари кои претходно не ги изневериле, па затоа е многу битно за секој новинар да стои зад тоа што го напишал бидејќи само така ќе го задржи својот читател.

Кои се главните извори на дезинформации во БиХ?

Тоа се оние кои им ги пласираат на новинарите, како и новинарите кои некритички ги пренесуваат, некогаш свесно, некогаш и несвесно. БиХ е простор на кој има многу дезинформации со помала или поголема тежина. Обично се пласираат за на некоја политичка партија да ѝ овозможат подолго да владее или за да се заштити нечиј конкретен интерес. Постојат и такви информции кои служат како кликбејт, со цел да се зголеми читаноста на порталот. Ги имаше, секако, и во текот на пандемијата. Меѓутоа, ниту една таква дезинформација не може да донесе долгорочна полза, бидејќи вистината кога-тогаш ќе се дознае. Појавата на бројни нови медиуми и портали го зголеми и бројот на дезинформации, но ја зголеми и можноста да се најде точната информација. За конзументите е битно да препознаат кој ги лаже, а кој ја зборува вистината.

Дали интензитетот со кој се пласирани дезинформациите сега е ист како и пред почетокот на епидемијата на Ковид-19 и какви дезинформации се дистрибуираат во периодов?

Мислам дека дезинформациите беа пласирани и пред епидемијата на коронавирусот. Можеби единствената разлика е во тоа што сега е во фокусот пандемијата, па имаше и повеќе дезинформации на таа тема. Еве еден пример. Во сите медиуми во регионот во текот на короната помалку се зборуваше за дневно-политичките теми, а повеќе за теми поврзани со пандемијата. Значи, барем малку бевме ослободени од лагите кои ги слушавме додека во етерот не влезе оваа здравствена тема. Веднаш штом опадна интересирањето за пандемијата се вративме на старо и на старите лаги. Дезинформациите кои владееја во текот на пандемијата главно се однесуваа на тоа дали коронавирусот е толку опасен, дали е измислен, направен во лабораторија, дали преминал од животно на човекот или дали некоја земја го направила за да го смени светскиот поредок. Одговорите на овие прашања можеби никогаш нема да ги добиеме, но сите тие теории некому беа добредојдени за дополнително да ги збудалат граѓаните.

Колку сте загрижен за својата прватност, со оглед дека комуникациите во најголем дел се одвиваат преку телефон или онлајн?

Немам што да сокривам и не сум загрижен за својата приватност. Мислам дека ова прашање не треба да се однесува само на нас новинарите, туку на целиот свет, кој својата приватност горе-долу доброволно им ја предаде во рацете на корпорациите, кои непречено можат да дојдат до секоја информација, која се однесува на нас. Нашите мејлови, броевите на телефоните и други лични податоци одамна се во којзнае чии раце и којзнае за што се користат. Од друга страна, ние тука речиси ништо не можеме да направиме, бидејќи никој не може да ни гарантира стоотстотна сигурност. Делумно сме си самите виновни, бидејќи не внимаваме на нашите податоци, а делумно е невозможно да се сочуваат. На оние кои сакаат да си го сочуваат својот душевен мир, им советувам да не бидат зависни од телефонот и од интернетот 24 часа во текот на денот, па со тоа ќе ја намалат и можноста за злоупотреба на нивните информации.

Дали новинарството ќе се промени по пандемијата, ќе има ли последици во оваа област?

Се смени животот на сите луѓе, посебно на нас новинарите. Последиците станаа видливи веднаш штом својата работа ја преселивме во нашите домови. Новинарите, инаку, немаат работно време. бидејќи вистинската приказна не може да чека. И кога не пишуваме, размислуваме за што би пишувале. Не можеме да се исклучиме после работното време. Ова колегите новинари го разбирааат. Последиците, и негативни и позитивни, по новинарството започнаа со дигитализацијата. Информациите одамна не се прибираат само со престој на терен, туку и на далечина. Меѓутоа, занаетот си остана занает и правилата за пишување текстови ниту се смениле ниту ќе се сменат.

Автор: Маја Бјелајац

 

 

 

 

 

Истечена хемикалија од фирмата „Техникал Текстајл“ од Штип причинител на еко-хаваријата на Брегалница (видео)

Пукање на цревото со кое се преточувала хемикалија којашто се употребува во производствениот процес на фирмата „Техникал Текстајл“ во Штип е причина за вчерашната хаварија во која големи количества опасна материја се слеале преку атмосферскиот канал во реката Брегалница, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски. Вчерашната слика во коритото на река Брегалница беше загрижувачка и застрашувачка, рече штипскиот градоначалник, кој информираше дека денес во врска со хаваријата веќе постапува Државниот еколошки инсопекторат постапува и се очекува да излезе со конретна пријава, исто како и полицијата, од каде се очекува пријава до Обвинителство.

Повеќе од четири часа синоќа, во делот кај Штип, реката Брегалница беше целосно бела, а фотографиите од овој еколошки инцидент бргу се проширија на социјалните мрежи.  Водите се избистрија во текот на ноќта, па изутрината реката ја доби нормалната боја. Според зборовите на штипскиот градоначалник граѓани, риболовци, крим полиција и претставници на општината тргнале во потрага и го нашле каналот од каде истекувала бела густа течност. Каналот ги одвел до дворот на германската фабрика „Техникал текстајл“, која работи во ТИРЗ зоната во Штип, кој бил целосно преплавен со белата течност. Пукањето на црево преку кое од цистерна на српски превозник се внесувала хемикалија во фабриката било причина да се излеат неколку стотици литри на бела течност во реката Брегалница.

Бочварски ја информираше јавноста и дека утрината разговарал со претставници на компанијата, кои уверувале дека материјата не е штетна по човековот здравје, ниту по живиот свет во реката. Mета неофицијално дознава дека белата течност е суровина што  „Техникал текстајл“ ја користи во својот производствен процес на фибер стакло и изолациони материјали и дека била сертифицирана како еколошки чиста. Инспекторите земале мостри за да утврдат дали излеаната хемикалија била во склад со овој сертификат односно дали навистина се работело за еколошки неутрална хемикалија и утре се очекува да се добијат и резултатите од тие анализи.

Сепак, мострите од излеаната течност биле пратени на анализа. Примероци од водата во реката, како и од водата од речните бунари што се користи за пиење на граѓаните на Штип, исто така се дадени на испитување. Анализата покажала дека водата нема промена на квалитетот.

-Вчера во 19:15 часот се земени анализи на водата на влез и на излез од филтер станицата којшто покажаа дека квалитетот е согласно правилникот за безбедност на водата според хемиска и бактериолошка анализа.Од страна на ЦЈЗ Штип и ЈП „Исар“ е извршен увид и на штипските бунари за водоснабдување на градот со вода, којшто се повисоки и заштитени и нема нивно загадување. ЦЈЗ Штип и ЈП „Исар“ во наредните 3 дена ќе вршат вонредни контроли на влез, на излез и низ мрежата, соопшти денес градоначалникот Бочварски.

Во текот на денешниот ден состојбата со реката Брегалница се нормализираше и денешниот изглед на водите на реката во делот каде се лоцирани бунарите од градскиот водовод не покажува никакви промени.

Граѓаните на Штип се револтирани, бидејќи реката Брегалница, која е се’ уште единствениот извор на вода за пиење за градот, постојано е под удар на индустријата. Штипјани сведочат дека и по неколку пати годишно се менуваат боите на реката од розе до темно сино и црно, а вчера и бело.

Потврда за еколошкиот инцидент Мета доби и од Државниот инспекторат за животна средина, од каде информираат дека се очекува враќање на инспекторите од терен, кога ќе биде изготвен и комплетен извештај, како и соопштение за јавноста. ДИЖС најави дека утре ќе излезе со соопштение за еко-инцидентот на реката Брегалница.

Засега нема ниту потврда дека се случил помор на риби во Брегалница. Фабриката од чијшто инсталации истекла засега непознатата хемикалија со интензивно бела боја, како што неофицијално дознаваме, аплицирала за добивање на Б интегрирана еколошка дозвола, но иако се уште не ја има добиено, таа започнала со производство што е во спротивност со постоечкиот Закон за заштита на животната средина. Издавањето на Б еколошки дозволи се во надлежност на општините.

Извештај на Бенквоч: РЕК Битола останува најголемиот загадувач на воздухот со сулфур диоксид на Балканот

Лани РЕК Битола испуштила во воздух вкупно 105.431 тони сулфур-диоксид, што е двојно повеќе од 2018 година кога емисиите изнесувале 52.823 тони. Овие податоци се соопштени во годишниот извештај на групацијата Бенквоч, најголемата мрежа на цивилни асоцијации за заштита на животната средина и човековите права во централна и источна Европа. Со ова трите блока во Kомбинатот станаа инсталација со најголеми емисии на сулфур диоксид во регионот, а можеби и во Европа, пренесува „Еко-свест“.

Истовремено, најголемиот енергетски објект во државава во 2019 година имал повторно за 2,5 пати повисоки емисии на прашина од дозволеното. Емисиите на прашина од РЕК Битола и од РЕК Осломеј лани остануваат слични како и минатите години, за разлика од емисиите на сулфур диксид кои се дуплирани во споредба со 2018 година.

Најновиот извештај од Бенквоч доаѓа две и пол години откако законодавството за контрола на емисиите од големи согорувачки капацитети стапи на сила и во нашата држава, како членка на Енергетската заедница, но Македонија е сè подалеку од исполнување на обврските.

Овогодишниот извештај, кој е продолжение на ланскиот, наречен „Усогласи или затвори“, покажува дека термоелектраните на јаглен од Западен Балкан продолжуваат да емитуваат неверојатно високи количини на загадувачи во воздухот – повеќекратно поголеми од дозволените со Националните планови за намалување на емисиите.

Вкупните емисии на сулфур диоксид во 2019 година од термоелектраните во Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Северна Македонија остануваат шест пати над дозволеното, исто како и во 2018 година. Емисиите на прашина во регионот се незначително намалени и во моментов се 1,6 пати повисоки од дозволеното, се констатира во извештајот на Бенквоч.

Истовремено, се потсетува на фактот дека само во 2016 година околу 3.900 лица од регионот и од соседните земји починале како резултат на хроничното загадување на воздухот од постојните термоелектрани.

Во извештајот се констатира дека земјите од регионот мораат да ја напуштат технологијата на производство на електрична енергија од согорување на јаглен и да се свртат кон обновливите извори на енергијата. Но, за оние термоелектрани кои мораат да останат отворени уште одреден број на години, стои во извештајот на Бенквоч, владите на тие земји мораат да ги намалат часовите на работа на термоелектраните во текот на годината, за да можат да ги симнат загрижувачките нивоа на загадување кои тие ги продуцираат, до законски прифатливите вредности на присуство на загадувачки материи во воздухот, истовремено инвестирајќи во опрема за мерење на аерозагадувањето.

Националниот план за намалување на емисиите е механизам што овозможува големите капацитети постепено да ги намалуваат емисиите до 2027 година, кога треба да се целосно усогласени со строгите гранични вредности од европското законодавство, потсетуваат од „Еко-свест“. Но, согласно развојот на настаните во енергетскиот сектор во државава, станува се помалку веројатно дека ќе видиме постројка за десулфуризација во Битола во периодот до 2027 година.

„Во меѓувреме приоритет е да се донесе Програмата за имплементација на стратегијата за развој на енергетиката со која ќе се избере зеленото сценарио како најисплатливо и забрзано ќе почне да се спроведува. Ова ќе овозможи во најкраток можен рок да се намалат работните часови на Комбинатот и тој да се затвори во определениот рок, а со тоа и да се елимира проблемот со загадувањето што произлегува од него“, вели Давор Пехчевски од „Еко-свест“, кој е координатор за аерозагадување во Бенквоч и ко-автор на извештајот.

 

 

 

Милорад Милојевиќ, Радио Слободна Европа: Новинарите во БиХ веќе остануваат без работа поради пандемијата

Епидемијата на ковид-19 во повеќе аспекти влијаеше на новинарите, кои претставуваа врска помеѓу здравството и јавноста во текот на кризата. Јавноста будно следеше сè што има врска со пандемијата, не обрнувајќи внимание на оние кои тие информации секојдневно им ги пренесуваат. Истовремено, новинарите на своите работни задачи честопати беа изложени на епидемијата и беа без соодветна заштита. Оваа професија не ја одминаа ниту економските аспекти на пандемијата. Еден дел од нив се соочи со намалување на платите, а неколкумина останаа без работа. Милорад Милојевиќ, дописник на Радио Слободна Европа од Бања Лука зборува за предизвиците со кои оваа професија се соочи во време на корона-епидемијата.

„Целата оваа ситуација многу влијаеше врз работата на новинарите во Босна и Херцеговина. Се виде дека медиумите почесто ги следат прес-конференциите преку мрежите, а помалку одат на терен, помалку беа во допир со надворешниот свет, се сретнуваа со разни проблеми во известувањето. По воведувањето на вонредната состојба и вонредните мерки, и медиумите на некој начин беа ограничени – некои новинари не можеа да добијат дозволи од своите работодавачи за слободно движење во време на полицискиот час. Исто така, немаа сите новинари можност да присуствуваат кога одредени официјални лица даваа изјави, бидејќи за настанот биле известени само одредени медиумски куќи. Се случуваше и тоа повеќето новинари да ги следат прес-конференциите на Владата на Федерацијата БиХ преку интернет без можност да поставуваат прашања, а од Владата претходно да се договорат со неколку медиумски куќи за присуство на нивни новинари, кои можат да поставуваат прашања“, раскажува Милорад Милојевиќ.

Како се адаптираа новинарите на новата ситуација?

Она што пред десетина години го започна процесот на дигитализацијата, пандемијата само го забрза и ги принуди медиумите да им се свртат на новите технологии и начини на известување. Но, колку и да влијаеше оваа ситуација новинарството да напредува на некаков план, исто толку влијаеше и да назадува, бидејќи доведе до тоа новинарите да имаат ограничувања во пристапот до одредени информации. Истражувачкото новинарство, за среќа, се покажа адекватно и во оваа ситуација – во медиумите се објавуваa одредени афери, како онаа за набавката на респиратори и аферата за набавката на шаторот-мобилна болница. Мислам дека се покажа оти новинарството, со сите проблеми, е дораснато на својата задача, и покрај сите ограничувања и ситуацијата која се случи ненадејно.

Кои дигитални алатки ги користеа медиумите за комуникација со своите извори и дали тоа придонесе за полесна комуникација во однос на периодот пред пандемијата?

Беа отворени апсолутно сите опции – од Скајп, преку Твитер, Фејсбук и Вотсап, сите можни социјални мрежи беа вклучени во комуникацијата. Бројни емисии на телевизиите беа правени преку Скајп. Медиумите ги искористија сите можности кои ги нудат социјалните мрежи. Што се однесува до соговорниците, оние од институциите не беа подостапни одошто порано, но затоа пак останатите – експерти, аналитичари, мислам дека тие ни станаа подостапни со помош на овие технологии. Оти веќе не морате да ги „бркате“ соговорниците, да одите на терен, сега можете да ги снимите и преку Вибер, Скајп и слично.

Од Ваша перспектива, дали институциите и фирмите објавуваа онлајн повеќе податоци од порано и како тоа се одрази на квалитетот на добиените информации?

Институциите објавуваа податоци исклучиво во врска со пандемијата – бројката на заболени, мерките кои се спроведуваат, одлуките кои се носат. Но, во врска со било што друго, на пример околу тендерите за хидроцентрали, околу јавните набавки – ништо од сето тоа не допре до јавноста, туку остана во истиот домен како и претходно. Институциите ја исползуваа дигитализацијата само за да кажат дека успешно се борат против пандемијата. Околу набавката на респиратори не дознавме ништо од официјалните извори, туку од истражувачкиот труд на една новинарка. Исто како што набавката на мобилната болница не беше објавена на вебсајтот на Владата на Република Српска. Сите тие дилеми новинарите успеаја да ги откријат „копајќи“ и истражувајќи, како што се работеше и пред пандемијата.

Каков е Вашиот впечаток –дали јавноста стекна поголема доверба во медиумите во текот на пандемијата или не?

Мислам дека медиумите успеаја да ги известат граѓаните за сето она што се случува со пандемијата и да го извршат тоа клучно влијание. Во таа смисла, мислам дека граѓаните имаа доверба во медиумите кога се работи за корона-вирусот. За останатото, мислам дека ништо се нема сменето во однос на периодот пред корона вирусот.

Колку медиумските куќи им ги пружија на своите вработени сите неопходни услови за работа во текот на пандемијата и каков вид на поддршка им пружија?

Искрено, разговарајќи со колегите не сум слушнал дека некоја од медиумските куќи им ја организирала таа можност на своите вработени да можат да се тестираат за корона вирусот. Мислам дека тоа е доволен показател. Ако веќе ги испраќаш луѓето на терен, а притоа, освен маските кои ги имаат, и по некој уште и ракавици, не им обезбедиш и соодветна здравствена заштита, тоа многу зборува за односот на сопственикот и на уредникот кон вработените. Мислам дека повеќето домашни медиуми не им дадоа соодветна поддршка на своите вработени. Што се однесува до мојата медиумска куќа, ни овозможија да работиме од дома во текот на целото времетраење на пандемијата. Бања Лука беше епицентарот, град со наjголем број на заразени во БиХ, и поради тоа нашите шефови одлучија да се работи од дома. Сè ни беше достапно преку интернет – прес-конференции, податоци врзани за пандемијата… Ретко имавме потреба да појдеме до канцеларијата. И кога дојде до попуштање на мерките, работодавачот организираше целосна дезинфекција на работните простории. Не ни беа намалени платите, што не беше случај со работниците од некои медиумски куќи кои доживеаја да им бидат намалени платите.

Како Ковид-19 влијаеше на одржливоста на медиумите и на сигурноста на работното место за новинарите во БиХ?

Меѓу колегите се зборуваше за тоа дека медиумските куќи се наоѓаат во многу тешка ситуација, бидејќи пандемијата ја запре работата на стопанските субјекти. Со самото тоа на медиумите финансирани од маркетинг им беше запрен приливот на средства и автоматски се најдоа во многу тешка ситуација. Имам пријатели кои работат во медиуми каде платата им е буквално преполовена за време на пандемијата. Во некои медиуми луѓето се соочуваат со стандардниот проблем дека се пријавени на минималец, а на рака им се исплатува другиот дел од платата кој не ѝ е пријавен на даночната управа. Се случува едноставно работодавачите да го исплаќаат само она што им легнува на сметката, а остатокот да не го добијат. Владата на Република Српска (РС) им вети помош на медиумите. Не сум видел како е распоредена, но знам, конкретно, дека средствата беа одвоени за медиуми блиски до владеачките структури во РС. Не сум упатен во тоа како ќе поминат останатите медиуми.

На кои аспекти од животот и работата на новинарите најмногу влијаеше пандемијата?

Новинарството и овојпат се покажа како многу стресна професија и професија од која сите очекуваат да се работи професионално, а истовремено не ѝ се пружа потребната поддршка од јавноста и од институциите. Неодамна имавме вонредна седница на Народното собрание на Република Српска, кога пратениците седеа на 2-3 метра еден од друг и кај нив беа испочитувани заштитните мерки. Истовремено, новинарите беа напикани во еден ходник, еден до друг, без каква било дистанца. Некои од нив дури немаа ни маски, ниту пак беше посветено внимание како тие луѓе да бидат заштитени. Имаше, исто така, и ситуација и со новинарката која ја откри аферата со респираторите, кога таа се соочи со оцрнувачки коментари на социјалните мрежи. Мислам дека новинарите во оваа ситуација претрпеа и страв од загуба на работното место, намалување на платите… И ние сме луѓе со семејства, кредити, деца. Но, дури ни оваа состојба не ја смени перцепцијата кон новинарите – цело време беше видлив тој неповолен однос на јавноста.

Кои методи на борба против дезинформациите се практикуваат во медиумите во БиХ?

Нивото на слободата и на објективноста зависи од тоа дали медиумите ѝ се повеќе наклонети на опозицијата или на позицијата. Најголем проблем кај самите новинари е автоцензурата, стравот од тоа нешто да објават во медиумите блиски до владеачките структури. Во опозициските медиуми имаме друга крајност, некогаш да се претера со некои информации. Имаме бројни интернет медиуми за кои и не знаеме кој стои зад нив и тие се најголеми носители на дезинформации. Она што се случуваше на почетокот кај нас – луѓето да бидат казнувани поради наводно ширење лажни информации, за среќа е спречено, бидејќи можевме да дојдеме во ситуација власта да ги исползува лостовите на вонредната состојба и да се нафрли на сите оние кои мислат поинаку од неа и ја критикуваат. Власта се обиде да се бори против дезинформациите со редовни прес-конференции на кои тие изнесуваа свои податоци, како и преку реакции на она што беше објавувано во јавноста. Што се однесува до медиумите и дезинформациите, некои од нив пренесуваа информации онака како што тие беа пласирани, некои се обидуваа да дојдат до одговорите кога ќе се појави некоја вест, проверувајќи ги и барајќи најмалку уште една страна на приказната – што беше единствениот нормален начин за борба против дезинформациите.

Кои се главните извори на дезинформации во БиХ?

Во зависност од тоа како кому му одговара, така некој и оваа ситуација настојуваше да ја искористи за ширење на одреден вид паника и страв меѓу граѓаните. Имаше приказни за недостиг на маски, па за полицискиот час, па дека полицајци шетаат низ град со долги цевки –  како да се браниме од некој кој нè напаѓа со тенкови, а не од корона вирус. Дали се работи за некое лоби кое влијело на тоа да се извршат некакви набавки, па поради тоа ги ширеше дезинфомациите кои ги поттикнуваа граѓаните да купуваат одредени производи и да создаваат домашни резерви…Верувам дека секој кој имал некаков интерес ја искористи состојбата за своја полза да прошири некакви дезинформации.

Дали интензитетот на пласирањето дезинформации сега е ист како на почетокот на епидемијата на ковид-19 и што мислите за видовите дезинформации што се дистрибуираат во овој период?

Почетокот на епидемијата беше критичен, тогаш дојде до пораст на бројот на дезинформации. Како одминуваше времето, така сè спласна. Дојдовме во состојба и пандемијава да ја гледаме како нешто со кое мораме да живееме. Тоа ме потсети на некоја воена состојба – после неколку месеци се навикнуваш да живееш без струја. Така сега се навикнавме да не излегуваме после 8 навечер, да носиме маски… Дезинформациите дека ќе снема некои артикли од продавниците се појавуваа редовно во текот на првите два месеца. Некој нешто ќе каже и народот ќе нагрне, се граба, се прават редици пред маркетите. Едно време имаше помал удар кон банките каде луѓето подигаа готовина. Потоа наеднаш снема маски, па дезинфекциски средства, па потоа таа стока ќе се појави со повисоки цени – сега сето тоа спласна. Имавме одредена ситуација во која власта зборува дека е потребно воведување на вонредна состојба, а сметам и тоа беше одреден вид дезинформација, бидејќи ние никогаш и немавме толкав број на заболени за да треба полицијата да шета со долги цевки низ град, луѓето да се приведуваат поради неносење на маска и слично. И тоа што не се објавуваа информации за спорните јавни набавки, а се објавуваше нешто друго, беше свртување на вниманието. Од една страна на јавноста ѝ се прикажувате како ажурни, дека се борите и работите, а од друга страна правите работи за кои не сакате да допрат до јавноста. Неодамна правев интервју за градењето на малите хидроцентрали и дознав дека во време на пандемијата почната изградба на неколку мали хидроелектрани без потребните дозволи и без надзор, бидејќи немаше инспектори – тие беа испратени на граничните премини. Се појавуваа информации за злоупотреба на хуманитарната помош. Но не беа покренати истраги, сè беше ад хок. Ништо не беше транспарентно – од набавка на маски, мобилната болница и слично.

Дали пандемијата влијаеше и на пристапот до информациите?

Да, во смисол дека не можете да дојдете до некоја посериозна информација, освен оние кои се однесуваат на пандемијата. Неодамна побаравме интервју со премиерот на Федерацијата на БиХ, Фадил Новалиќ и тој кажа „може, само не ме прашувајте за аферата респиратори“. А тоа е афера за која сите зборуваат. И, замислете да се направи интервју со премиер кој не сака да зборува за нешто што јавноста сака да го знае!? А тоа се случуваше пред неговото сослушување и приведување.

Какви закани по слободата на медиумите се појавија во текот на пандемијата?

Беше донесена една уредба, а потоа друга, со законска сила во време на вонредната состојба, која се однесуваше на ширењето паника. Но во неа не можеше да се види ниту што се дефинира со оваа уредба, ниту кој ќе одредува што е лажна информација, ниту што е тоа ширење паника. Всушност, секој можеше да дојде на удар поради било кој искажан став. Со ова се соочи една лекарка од Приедор, која само изнесе факт за кој со години се зборува – дека во болниците недостигаат респиратори, опрема, лекари. И, таа беше казнета за ширење на паника. Следуваше реакција на јавноста, на меѓународните институции, кои извршија притисок да се повлечат тие уредби. Власта потоа ги повлече. Ова многу лесно можеше да се претвори во ситуација секој јавно искажан збор кој не им одговара на владејачките структури да биде протолкуван како ширење на паника или на дезинформации.

Колку сте загрижен за Вашата приватност, со оглед дека комуникацијата се одвива преку телефон или онлајн?

Да ме загрижуваше многу тој аспект, денес немаше да бидам новинар. Мојата работа е таква што со години зависам од социјалните мрежи и од телефонирањето, така што тука ништо битно не се сменило. А, членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик неодамна на седница на собранието кажа дека ја прислушкува опозицијата, па потоа кажа дека малку се пошегувал. Но бидејќи ги познавам состојбите во БиХ, не би ме зачудило ако неистомислениците и медиумите кои не ѝ се наклонети на власта се прислушкуваат и се истражуваат нивните контакти.

Дали новинарството ќе биде сменето по пандемијата, ќе има ли последици во оваа област?

По пандемијата може да има финансиски последици за медиумите. Се покажа веќе дека одреден број на новинари остана без работа, на одреден број им се намалени платите… Дефинитивно, новинарството кај нас веќе со години тоне. Опстануваат исклучиво медиумите блиски до најјаките политички опции и медиумите финансирани од надвор или со проекти. Сите останати медиуми во БиХ се прилично загрозени и со оваа пандемија и со односот на работодавачите. Владее апсолутна несигурност и мислам дека меѓународните институции кои се повлекоа на почетокот на 2000-те од финансирањето медиуми, би морале да обратат големо внимание ако сакаат колку – толку да го сочуваат новинарството во БиХ.

Автор: Маја Бјелајац

 

Гасоводот преку Водно доцни, има технички проблеми кај Сопиште и кај Шишево

Две години откако беше најавена како приоритетен инфраструктурен зафат и претставена како единствено решение за побрзо завршување на гасоводот и за побрза гасификација на полошкиот регион, трасата на гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар преку падините на Водно сè уште не е завршена, а на неа последниве месеци не можат да се забележат никакви градежни работи. Посетителите на Водно и рекреативците изминативе месеци можеа самите да се уверат дека цевките долж трасата на гасоводот само делумно се поставени, некаде не се споени, а целиот потег, на кој беа исечени стотици кубни метри шума и раскопани падините и шумските патеки, сè уште стои неуреден, онака како што што беше кога започнаа градежните работи на гасоводот во 2018 година.

Како што дознава Мета, причина за овој застој се техничките проблеми на две одделни локации на трасата на гасоводот преку Водно, над села Сопиште и Шишево. Проблемот кај Сопиште се појавил кога локалното население, револтирано дека цевките на гасоводот требало да поминуваат крај селските гробишта, барало измена на трасата во тој дел, а на другиот крај на Водно, над селото Шишево пред влезот во клисурата Матка, проблемот бил предизвикан од енормната косина на трасата и тесниот простор на кој се изведувале работите.

„Изградбата на делницата што поминува низ Водно, беше за неколку месеци, но уште не е завршена целосно, бидејќи нема технички услови за да се реализира хидротест“, признава и првиот човек на државното претпријатие Национални Енергетски Ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи.

„Се појавија две непредвидени ситуации, на двете страни на Водно, кои што ги оневозможија техничките услови за хидротест. Од страната кај село Сопиште целото село застана пред барањето да се направи измена кај гробиштата ( имаше петиција од над 1.000 потпишани граѓани) и бевме принудени на измена“, вели тој.

Сепак, според Реџепи, сега овие проблеми се решени и штом завршат административните процедури околу изменетата траса, градежните работи ќе продолжат. „Измената кај гробиштата е во завршна фаза и очекувам дека инфраструктурниот проект многу брзо ќе биде усвоен“, додава директорот на НЕР.

Тој појаснува дека на другата страна, кај село Шишево, заради намалување на работниот појас, се појави нужна потреба од усвојување на нова методологија за заварување и спуштање на цевките во услови на екстремни наклони, на намален работен појас на 10 метри. „Оваа методологија е изработена и усвоена, така што очекувам дека оваа делница ќе биде целосно завршена и вратена во првобитна состојба“, додава Реџепи.

Од Го сакам Водно резигнирано коментираат дека очигледно било за џабе нивното навремено укажување токму на тие два потенцијални проблема со кои неминовно ќе се соочи трасата на гасоводот преку Водно. „Кога водевме кампања „НЕ НИЗ ВОДНО“, меѓу другото укажувавме и на тешката изводливост на проектот особено за спустот кај Шишево како и за цевководот кој минува низ гробишта. Тогаш беше поважно временски да се запази изградбата на гасоводот, иако ни признаа дека сме во право“, вели Татјана Стојановска од ГСВ.

Како што е познато, во септември 2018 година, наспроти протестите на активистите за зачувување на парк-шумата Водно, Владата го усвои предлогот да се продолжи изградбата на оваа делница токму низ највредните предели на Водно, обврзувајќи се да ја надомести штетата на уништеното зеленило. За таа цел, НЕР уште веднаш откако беше донесена одлуката, префрли милион денари на сметката на Град Скопје за ревитализација на шумата на планината и пошумување, но досега не е завршено ветеното засадување на нови дрвја.

 

Дезинформации дека духови вежбаат во теретана под ведро небо во Индија

Видео снимката на теретана под ведро небо во која справите за вежбање самите од себе се движат стана виралнa и веќе една недела се споделува на социјалните мрежи. Веста за „теретаната на духовите“ стаса и до Косово.

Приштинските Gazeta Metro и Gazeta Express ја пренесоа оваа вест, наведувајќи дека „кога полицијата се појавила на лице место, едната од справите самата се движела без притоа било кој да ја допре“.

„Останува мстерија како се случило тоа“, пишуваат овие медиуми. Меѓутоа, мистеријата ја решила индиската полиција уште на 13 јуни, а исто така и неколку индиски портали (factcrescendo.com, timesofindia.com).

Како што наведува „Тајмс оф Индиа“, справата на снимката била неисправна, а била и претерано подмачкана.

На официјалниот Твитер-профил на индиската полиција од градот Џанси, покрај напомената дека станува збор за лажна вест, се наведува дека кога справите за вежбање претерано ќе се подмачкаат, тие продолжуваат да се движат уште неколку секунди, како и дека станува збор за злонамерна видео снимка.

„Тврдењето дека вежбаат духови е лажно“, навела полицијата.

 

(Crno-beli svet)

„Здрава Котлина“ утре ќе организира протест против одлуката на Управниот суд за Иловица

Граѓанските здруженија кои се борат против изградбата на рудникот Иловица во струмичкиот регион најавуваат протести, откако Управниот суд преку одлука за време на вонредна состојба ја врати можноста „Еуромакс Ресорсис“ сепак да го гради рудникот во близина на струмичките села Иловица и Штука. Во сабота, 20 јуни, со почеток во 11 часот ќе го организираат првиот протестен собир против одлуката на Судот во полза на концесионерот на рудникот за бакар и злато на планината Огражден. Тие велат дека нема да се откажат од својата борба против отворање на овој рудник.

„Воопшто немаме намера да седиме мирно и да чекаме што некој ќе ни пресуди за нашата иднина по одлуката на Управниот суд  за рудникот Иловица“, се вели во соопштението до јавноста на здружението „Здрава Котлина“.

Најавите на струмичките еколошки здруженија за нови протести доаѓаат точно една година по серијата блокади на влезот на рудникот кај селото Штука, кои траеја 19 дена и резултираа со одлуката на Владата да го одбие барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово на ЕУРОМАКС Ресоурцес ДОО Скопје. Решението за одбивање на дозволата за Иловица Владата го донесе на 4 јули 2019 година, откако било утврдено дека од Еуромакс не ги доставиле сите потребни документи за екслоатација согласно Законот за минерални суровини.

Здружението „Здрава Котлина“ од Струмица, кое и овојпат се јавува како организатор на протестите смета дека и „Владата и Министерството за економија со право ја одземале конесијата на „Еуромакс Ресорсис“ согласно законите, но дека „ Управниот суд очигледно има намера ова да го поништи и сите нас да не осудат на бавна смрт“.

„Нема да дозволиме корумпирани судии за да си играат со судбината на 200 илјади граѓани во Југоисточна Македонија“, се вели, меѓу другото во соопштението на Здрава Котлина.

Струмичките активисти се револтирани од одлуката на Судот, со која одлуката за одземање на концесијата за рудникот Иловица беше вратена на повторно одлучување на Второстепената владина комисија. Тие најавуваат дека на последниот ден пред почетокот на предизборниот молк, до 13:00 часот, до Министерството за економија и Јавното правобранителство ќе достават материјали од правна природа и ќе објават документи за коруптивни врски на поединци од сите политички партии со канадската компанија „Еуромакс Рисоурсис“ во замена за политичко влијание во корист на отварање на рудникот.

„Ние рудникот го сопревме засекогаш и нема сила што ќе не натера да отстапиме од тоа. ‘Еуромакс Рисорсис’ се свесни за тоа, но преку судски заврзлами се обидуваат да искамчат што поголема ‘оштета’ од државата и така да се спасат. На крајот, ќе добијат шипинки“, смета Крум Велков, активист од „Спас за струмичката котлина“ и додава дека „секој обид за политикантско мешетарење врз грбот на отпорот против рудникот, на крајот ќе си ги искрши забите под Огражден“.

Управниот суд уште на 31 март годинава, во екот на кризата со епидемијата и за време на вонредна состојба донесе одлука со која ја поништува одлуката на Второстепената владина комисија врз основа на која беше раскинат договорот за концесија со Еуромакс. Но, јавноста за оваа одлука на судот дозна кон средината на мај, дури откако канадската компанија самата се пофали за тоа. За овој предмет во Управниот суд решавал судски совет во состав: Марта Телегравчиска – претседател на советот, Рамије Цара и м-р Ѓоко Живковски.

Откако јавноста бурно реагираше и по големиот притисок, претседателот на судот Бурим Сејдини објави соопштение во кое се вели дека судот донел вакво решение и истото е јавно достапно.

Судот го образложи одлучувањето по овој предмет за време на вонредна состојба со ставот дека се работи за предмет со итност и завзеде стојалиште дека Второстепената владина комисија најпрво требало да решава по претходно поднесеното барање од Еуромакс за спојување на двете концесии кои ги поседувале, па потоа да одлучува по барањето за дозвола за експлоатација на минерални суровини.

Локалното население од Струмица и околината две години се спротиставуваат со остри протести и барања до надлежните да нема рудник во овој земјоделски крај. Според нив, рудниците ќе ја уништат животната средина во овој крај и драстично ќе го намалат квалитетот на живот.

 

 

 

Скопјани сè уште ги чекаат ваучерите за инвертори, Градот допрва ќе распишува оглас

Градот Скопје во текот на следната недела ќе го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за купување високоефикасни инвертер клима уреди. Четири месеца откако Советот на Град Скопје донесе одлука со која парите добиени од Владата ќе бидат наменети за субвенционирање на набавка на инвертори како замена за нееколошки начини на загревање во домаќинствата во главниот град на државата, конечно требаа да започне постапката за доделување на вредносните ваучери.

Со оваа мерка треба да бидат опфатени 5.200 домаќинства во Скопје, кои задоволуваат пропишани критериуми, меѓу кои и тоа да се откажат од своите нееколошки печки и нив да ги заменат со клима уреди.

Како што информираат од Град Скопје, новитет оваа година е што граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари.

На јавниот повик ќе може да аплицираат сите што имаат купено високоефикасни инвертер клима уреди од 1 јануари годинава. Повикот ќе трае до 30 ноември 2020 година или додека не се потрошат превидените средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена. Повикот ќе се реализира согласно со принципот „прв дојден прв услужен“. На Јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење  без оглед на тоа дали го користат.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на почетокот на март најави дека со Министерството за информатичко општество го усогласуваат околу нивното барање да се даде опција за електронско аплицирање на граѓаните за парите за инвертори и дека за неколку дена, доколку не се изнајде решение Градот ќе го објави повикот на вообичаениот начин. Сега од Градот не информираат дали постапката за аплицирање ќе биде по електронски пат или не.

Согласно одлука на Владата на РСМ, донесена на крајот на 2019 година, беа одобрени и префрлени на посебна наменска сметка на Град Скопје 322,4 милиони денари. На седница на Советот на Град Скопје беше донесена одлуката за ребаланс, со која се прифатени средствата, а во моментов се вршат подготовки за распишување на повикот за доделување на субвенции, информираат од Град Скопје, без да прецизираат зошто постапката толку се развлекла.

Како што е познато, Владата уште во октомври минатата година донесе одлука за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинствата, освен во Скопје и во општините Битола, Кичево, Тетово, кои користат енергетски неефикасни уреди за греење на тврдо и фосилно гориво, со што сериозно влијаат на загадувањето на воздухот. Субвенционирањето е замислено преку доделување ваучер со максимален износ од 1.000 евра во денарска противвредност, за набавка на инвертер клима уред за затоплување за домаќинствата што користат дрва или фосилни горива за греење, но не се опфатени со централното греење во Скопје или со гасоводната мрежа во оние градови каде веќе е почната гасификацијата.

Владата тогаш одлучи од ЕСМ да побара, во рамките на акумулираната добивка, да донесе одлука за обезбедување средства во висина од 618.000.000 денари за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди, како и да донесе одлука за обезбедување средства за јавна едукативна кампања за придонесот од имплементација на мерката за здравјето на граѓаните и за начинот на кој таа ќе биде спроведена. Оваа мерка на Владата е дел од имплементација на Програмата за намалување на аерозагадувањето попозната како План за чист воздух, која беше најавена како амбициозен зафат на Владата со кој за две години би требало да го смали загадувањето на воздухот во Скопје до 50%, а во другите градови од 30 до 50%.

Мета.мк уште минатата недела побара од Владата информација за тоа до каде е реализацијата на оваа мерка и дали централната власт има увид во тоа како општините ги искористиле средствата предвидени за ваучерите за инвертори, но до објавувањето на овој текст таква информација не добивме.

 

 

Хаварија во Велес: Еден тон мазут од фабриката „Благој Ѓорев“ се излеал во Вардар

Еден тон мазут се излеал во водите на Вардар во Велес откако се случила хаварија на резервоарот за мазут на велешката фабрика „Благој Ѓорев“, соопшти градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Хаваријата, според градоначалникот, се случила вчера во претпладневните часови, односно за излевањето на мазутот било пријавено во СВР Велес во 10.50 минути.
Според градоначалникот Коцевски, излевањето се случило откако се појавил дефект во системот за оддржување на температурата на мазутот.

„Според нивните внатрешни шеми на организација, резервниот резервоар нема доволно капацитет да го прифати истечениот мазут, па по сливниот канал е истечена одредена количина на улицата ‘Алексо Демниевски’, а дел од количините се дирекно истечени во реката Вардар”, информираше Коцевски, кој во текот на денот одржа и онлајн прес конференција за настанот. Дел од мазутот низ сливна решетка и канали истекол во Вардар, а дел останал на коловозните ленти.

„Флеките во Вардар се настанати од истечените непознати количини мазут преку сливната решетка и канализационата мрежа во Вардар и од отпадните води од перењето на улицата“, напиша Коцевски.

За да се спречат сообраќајни несреќи, полицијата го блокираше сообраќајот, а работници од фабриката истуриле ќоспе за да го впие мазут, додека пак екипи на ЈКП Дервен ја испрале улицата за да се отстранат остатоците, со цел да се спречи лизгање на возилата на коловозните ленти.


Реакцијата на велешкиот градоначалник дојде набргу откако граѓани почнаа да објавуваат фотографии на социјалните мрежи од реката на која се гледаат големи црни флеки. Коцевски ги нарече овие објави добронамерни и додаде дека е благодарен за брзата реакција на граѓаните и нивната висока свест и совест. Велешкиот градоначалник ѝ се обрати на јавноста за да соопшти дека екипите на крим-техника ќе излезат на лице место и ќе го документираат настанот но најави и дека нема да поднесува кривични пријави, но дека до Кривичниот суд ќе ги достават сите информации со кои располагаат за настанот.

„Количините мазут што се истечени во реката Вардар се опасност пред сè за животинскиот и растителниот свет“, потенцираше градоначалникот Коцевски и додаде дека е оштетен и јавниот интерес на граѓаните. Велешкиот градоначалник потсети дека ова е петти еко-инцидент од почетокот на 2019 година предизвикан од фабриката „Благој Ѓорев“. Коцевски денес изнесе и информација дека Општина Велес нема ниту општински ниту државен инспектор за животна средина.

Од фабриката за „Благој Ѓорев“ за ТВ 24 изјавиле дека нема излеано количина на мазут директно во одводен канал, за што велат дека имаат испратено и соодветни фотографии. Количеството кое што излегло на улица не е повеќе од 300 кг, што е согласно визуелните проценки, велат од фабриката.