fbpx

Мировниот корпус спроведува проекти за развој на заедниците, не промовира трансхуманистички вредности

Бројот на заинтересирани волонтери од САД да дојдат да служат во земјава од година во година се зголемува и тие за време на својот двегодишен престој кај нас ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, како и во областа на развојот на заедниците во невладини организации

-

Обавата промовира непријателски наратив и ги демонизира волонтерите на американскиот Мировниот корпус во земјава. Според официјалната страница на Мировниот корпус, 800 волонтери досега работеле во училиштата низ државата, во општините, во граѓанските организации и во државните институции за да помогнат во развојот на заедниците. Во објавата се тврди дека тие доаѓаат да промовираат трансхуманистички и родови вредности, што воопшто не одговара на содржината на активностите, која може да се погледне во годишните извештаи на Мировниот корпус, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

Американски Мировен корпус во училиштата!?! 
Можам да претпоставам какви се не трансродови и трансхуманистички ,,вредности” ќе им сервираат на нашите деца овие вонаби волонтери!
 Марш у Вајоминг, не ни требате овде, рацете подалеку од нашите деца!

Во склоп на објавата се споделува фотографија од медиумски напис од 11 септември со наслов: „Нова група американски волонтери во Мировниот корпус“

Кога ќе се пристапи до оригиналниот текст (од кој нема линк во објавата што ја рецензираме), се доаѓа и до одговорот на прашањето во какви активности ќе учествуваат американските волонтери во Мировниот корпус во земјава.

Всушност, станува збор за втора група од 26 волонтери кои пристигнуваат во Северна Македонија. Бројот на заинтересирани волонтери од САД да дојдат да служат во земјава од година во година се зголемува и тие за време на својот двегодишен престој кај нас ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, како и во областа на развојот на заедниците во невладини организации.

Мировниот корпус е американска владина организација и ги реализира своите програми во партнерство со Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа и со Министерството за труд и социјална политика.

Волонтерите ќе живеат и работат во градови и села низ Македонија, ќе ги изучуваат локалните јазици и ќе се запознаат со македонската култура, а својата служба во земјата ќе ја почнат во декември годинава.  Над 800 американски државјани служеле во Северна Македонија од 1996 година, пишува во написот.

Според официјалната страница на Мировниот корпус во земјава, 800 волонтери досега работеле во училиштата, во општините, во граѓанските организации и во државните институции за да помогнат во развојот на заедниците низ земјата.

Во процесот на истражување на разни можности за развој на програми, Владини претставници во Северна Македонија и персоналот на Мировниот корпус заеднички донесоа одлука дека образовни проекти насочени кон изучување на англискиот јазик, изучување на интерактивни наставни методи и употребата на нови технологи, ќе ги задоволат барањата за подобрување на изучување на англискиот јазик во земјата. Исто така, ќе се отворат можности за подобрување на капацитетите на локалното образование, наведуваат од Мировниот корпус на својот сајт.

Во 2005 година, Мировен корпус во С. Македонија започна со програмата за развој на заедниците со цел да им се помогне на државните институции, месните заедници и невладините организации во градење и развивање на нивните капацитети и имплементирање на одржливи програми и активности. Најновата соработка помеѓу Мировен корпус и Министерството за труд и социјална политика започна во 2015 година. Мировен корпус ги насочува своите активности кон поддршка на Владата на С. Македонија во нејзините напори за општествена вклученост и деинституционализирање на луѓето со посебни потреби. Волонтерите работат на подобрување на вештините на локалниот персонал преку развивање на програми и активности, како со корисниците, така и со нивните родители.

Како признание на значајниот придонес и посветеноста на волонтерите и персоналот, претседателот на тогашна Република Македонија му додели на Мировниот корпус Медал на заслуги во 2014 година. Од страницата на Претседателот на РС Македонија, може да се види дека кога претседателот Пендаровски одел да ги посети училиштата, волонтерите на Мировен корпус таму им помагале на македонските деца во изучувањето на англискиот јазик.

И во 2013 година доброволците од Мировен корпус го подучувале населението англиски јазик во градските и руралните средини, соработувале со невладините организации и локалната самоуправа. Во својата 11-неделна обука, освен што го изучувале македонскиот и албанскиот јазик, имале прилика да предаваат во локалните училишта и да имплементираат мали проекти за развојот на заедниците. Волонтерите за време на обуката живееле во семејства-домаќини, со цел да стекнат подобро разбирање за заедниците и за културата во Македонија и полесно да ги научат локалните јазици. Во таа група имало волонтери на возраст од 21 до 72 години.

Во 2022 година во годишниот извештај на Мировниот корпус се гледа дека меморандуми за соработка се потпишани со Црвен крст и со Агенцијата за млади и спорт. Волонтерите учествувале во обуки кои обработуваат теми за лидерство, комуникација, интеркултурен дијалог, активно вклучување на младите и волонтерство, како и во обуки за професионален развој и англиски јазик.

Целта на Проектот за развој на заедницата е да ги поддржува граѓаните и организациите во С. Македонија да спроведуваат одржливи напори за развој во заедницата, кои би биле инклузивни и од кои сите категории граѓани би имале корист. Проектните активности се дизајнирани да исполнат три главни цели: да се подобрат капацитетите на организациите и општествените групи да ги исполнуваат идентификуваните потреби во заедницата; да ги зајакнат животните вештини на младите; и да ги зголемат можностите за активно учество во заедницата, особено за младите. Одржале и акција за чистење покрај реката Вардар во близина на Градскиот парк во Скопје.

Во објавата што ја рецензираме, всушност, се споделува наратив дека тие доаѓаат да промовираат трансхуманистички и родови вредности што воопшто не одговара на содржината на активностите која може да се погледне во годишните извештаи на Мировниот корпус.

Трансхуманизмот, односно креирањето на натчовек кој ќе еволуира надвор од сегашните физички и ментални ограничувања со помош на науката и технологијата, е честа тема на теории на заговор и сатанизација на корисни активности, како оние кои ги спроведува Мировниот корпус. Трансхуманизмот посебно внимание посветува на технологиите, генетскиот инженеринг, информатичката технологија, молекуларната нанотехнологија и вештачката интелигенција, ги разгледува можностите за искоренување на болестите, зголемување на човековите интелектуални капацитети, итн. Но, тоа нема никаква врска со Мировниот корпус.

Во објавата што ја рецензираме се промовира непријателски наратив и се демонизираат волонтерите на американскиот Мировниот корпус во земјава. Но, наспроти тврдењето дека тие доаѓаат да промовираат трансхуманистички и родови вредности, американските волонтери учествуваат во македонскиот општествен живот, во образованието, подобрувањето на условите на лицата со посебни потреби, спроведуваат еколошки акции, го учат македонското население англиски јазик, итн.

Поради сите горенаведени факти оваа објава на Фејсбук ја оценуваме како невистинита.

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...