Неодамнешниот самит на земјите од БРИКС, кој се одржа кон крајот на август годинава во Јужноафриканската Република повторно ги отвори вратите за радикалните проруски структури на Балканот кои трагаат по алтернативи за членството на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Вакви оддеци има и во Македонија. На прашањето колку Македонија во БРИКС би профитирала од некакво членство во групата БРИКС, исклучително значајни се податоците за стоковната размена на Македонија со странство.
Евентуални алтернативи на членството во ЕУ, кои ги споменуваат антиевропски структури во земјава од типот на БРИКС, Движењето на неврзаните, Евроазиска економска унија и слични иницијативи кои наидуваат на промоција од Русија низ светот, не можат да се пронајдат во статистичките податоци.
Според Државниот завод за статистика, Македонија во периодот јануари-јуни 2023 година имала севкупен извоз во странство од речиси 4,6 милијарди американски долари. Од нив, македонски стоки убедливо најмногу биле извезени во земјите-членки на ЕУ, и тоа над 3,6 милијарди американски долари. Втор најзначаен економски партнер на земјава е Западниот Балкан, при што во овој период во Косово, Србија, Црна Гора, БиХ и Албанија сме извеле стоки во вредност од околу 527 милиони американски долари.
Извозот на Македонија во земјите од групата БРИКС е симболичен и е првенствено насочен кон Кина и Русија, а многу помалку кон Бразил, Индија, Јужноафриканската Република и Бразил како најголеми членки на оваа група. Она што е најважно, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трговски суфицит, односно поголема вредност на извозот во споредба со увозот на стоки, Македонија остварува најмногу со земјите-членки на ЕУ и со ЕФТА (Европска асоцијација за слободна трговија во која членуваат Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн).
Статистичките податоци за извозот и увозот на стоки покажуваат дека токму земјите кои ја формирале групата БРИКС се главниот причинител за трговскиот дефицит што го има Македонија. Најмала покриеност на извозот со увоз на стоки во првите шест месеци од 2023 година имаме токму со Кина. Имено, во оваа азиска земја сме извезле стоки во вредност од нешто над 44,6 милиони американски долари, додека сме увезле фантастични над 495 милиони американски долари.
Огромен трговски дефицит Македонија има и со Русија, при што во периодот јануари-јуни 2023 година сме извезле во Русија стоки од нешто над 29,3 милиони американски долари, додека рускиот увоз во земјава достигнал над 166,4 милиони американски долари.
И во однос на останатите земји од групата БРИКС, Македонија има забележителен трговски дефицит, односно овие земји гледаат во Македонија како можност каде би ги пласирале нивните производи. Па така, со Индија во првите шест месеци од годинава сме имале извоз од околу 1 милион американски долари, додека сме увезле стоки од дури 57,1 милиони американски долари.
Нашата земја во Бразил успеала да извезе стоки во вредност од околу 3,3 милиони американски долари, додека увозот од оваа јужноамериканска земја бил 27,1 милиони американски долари.
И во однос на Јужноафриканската Република, Македонија бележи трговски дефицит, па така од јануари до јуни 2023 година сме извезле стоки од над 1,5 милиони американски долари, додека увозот изнесувал над 16,8 милиони американски долари.
Ако се собере заедно, трговскиот дефицит на Македонија со најголемите земји што ја формираат групата БРИКС е фрапантни 683 милиони американски долари. Ова е сумата која ја покажува разликата во однос на тоа колку е поголем увозот од овие земји во споредба со извозот на стоки што го има македонската економија кон БРИКС.
Податоците на Државниот завод за статистика укажуваат на тоа дека било какво приближување на нашата земја кон групата на земјите што го формирале БРИКС може единствено негативно на македонската економија, бидејќи македонскиот извоз е непропорцијално помал во споредба со увозот на стоки од овие членки. Наспроти ова, статистичките податоци јасно покажуваат дека најпримамлив партнер за Македонија се токму земјите-членки на ЕУ, бидејќи во трговската размена со овие земји извезуваме повеќе стоки во споредба со она што го увезуваме од ЕУ.
Изминатиов период изјави за БРИКС како алтернатива за членството во ЕУ беа пласирани од различни политички субјекти во земјава. Лидерот на Левица, Димитар Апасиев во изјава од јули 2022 година рече дека Македонија требало да го фати курсот на новиот светски поредок, во кој ЕУ ќе бил само слуга на Америка. Тој тогаш изјави дека гледајќи децении нанапред, ЕУ нема да биде веќе толку примамлива колку што е сега. За Македонија постоеле многу алтернативи, според зборовите на Апасиев, како Движењето на неврзаните, БРИКС, Европската економска заедница, Појас и пат иницијативата, зближување со други светски сили, како и Отворен Балкан.
И во последното соопштение на Левица кое се однесува на надворешнополитичките приоритети на Македонија, од 31 август 2023 година, се наведува дека Македонија не може и не смее да дозволи да губи нови генерации на млади луѓе, бесцелно чекајќи пред портите на Брисел.
„Актуелните геополитички околности нудат бројни алтернативни кои можат да помогнат во развојот на државата и заштитата на виталните национални интереси. Време е македонската политичка елита да почне да размислува за утврдување на поинакви стратешки приоритети на Македонија, кои ќе овозможат излегување од евро-атланскиот ќор сокак, каде под флоскулата безалтернативност, безпросперитетно заглавивме повеќе од триесет години“, се наведува во соопштението на Левица од 31 август 2023 година.
Аналитичарот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Клековски кон крајот на август годинава имаше две колумни со наслов „Another BRICS in the World“ (24 август 2023 година) и „Провладини апологети со анатема на БРИКС“ (31 август 2023 година) во весникот Нова Македонија, во која се осврнува на самитот на БРИКС што се одржа во Јужноафриканската Република.
Притоа, во колумните Клековски напоменува дека тој не го застапува членството на Македонија во БРИКС, туку дека како членка на евроатлантската група, Македонија треба да ги следи овие промени во светот, нивните политички и економски последици. Воедно, во колумната од 31 август, Клековски се дообјаснува на темата БРИКС, додавајќи дека не застапувал некакво приближување кон БРИКС.
„Германија е наш најголем трговски партнер, но доколку Кина станува најголем извозник на возила, дали тоа ја менува позицијата на автоиндустријата во Македонија, дали ја загрозува или не? Доколку расте раздвојувањето меѓу САД и Кина, дали се отвораат можности за Македонија? Или, пак, повеќе на ниво на јавни политики, кои се факторите што се зад овие тектонски промени“, си поставува прашања Сашо Клековски на крајот од својата колумна во весникот Нова Македонија.
Од земјите во регионот, токму изминативе денови одекнаа изјавите на претседателот на Република Српска Милорад Додик, кој на 28 август годинава изјави дека властите на српскиот ентитет наскоро ќе покренеле иницијатива Босна и Херцеговина да се приклучела кон блокот на пет брзорастечки економии (БРИКС), кој пак се отворал за нови членки.
Во Србија пак, Движењето на социјалистите, проруска партија на директорот на српската државна безбедносна агенција БИА, Александар Вулин поднесе предлог-резолуција до српскиот парламент за приклучување на Србија на БРИКС, и тоа во идентичен период со изнесениот став на Милорад Додик од Република Српска. Предлог-резолуцијата до српскиот парламент беше поднесена на 28 август 2023 година.
Инаку, создавањето на БРИКС беше иницирано од Русија во 2009 година, како можност за обезбедување на платформа со која нејзините земји ќе го предизвикале светскиот поредок во кој доминираат САД и нејзините западни сојузници, пишува агенцијата Ројтерс. Групата БРИКС не е формална мултилатерална организација, а самитот на шефовите на држави и влади што се одржа во Јоханесбург меѓу 22 и 24 август годинава беше 15-ти по ред досега.
Занимливо е согледувањето на универзитетскиот професор Драган Веселинов за црногорскиот весник „Побједа“, кое го дава во колумната со наслов „Подгорица, Сараево, Белград во БРИКС!“ од 3 септември годинава. Тој иронично посочува дека сите Срби од балканскиот свет преку членството во БРИКС обединето би се нашле на Ртот добра надеж во Африка, наместо да одат кон Брисел.
„Сепак, изгледа дека они не слушнале дека базната идеја на БРИКС пропадна. БРИКС настана на желбата за прераспределба на Русија за да ја ослабне меѓународната трговија со американски долари така што ќе го обедини светот во нова, заедничка валута меѓу државите кои се надвор од евро-американската доминација на долари и евра“, пишува Драган Веселинов, додавајќи дека Владимир Путин самиот отстапил од таквата идеја со изјавата дека Русија ќе продолжи да купува со рубљи преку билатералните договори со земјите со кои соработува.
Самиот Путин, не се појави на самитот во Јоханесбург поради страв од апсење по налог на Кривичниот суд во Хаг, бидејќи Јужноафриканската Република е членка на Меѓународниот кривичен суд. Ова е само мал индикатор за неспоивите политички системи на државите-членки на БРИКС, кои имаат и целосно различни етички и правни системи и различна економска моќ, ќе потенцира Драган Веселинов во својата колумна за „Побједа“.
[…] janë të dhënat mbi këmbimin e mallrave të Maqedonisë me shtetet e huaja, raporton Meta.mk, transmeton […]
[…] *Преземено од МЕТА […]