fbpx

Граѓаните ќе имаат увид во надоместоците за платежни услуги на банките на сајтот на НБРСМ

Народната банка подготви листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно, на воедначен начин, ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги, коишто за граѓаните ќе бидат достапни преку посебна платформа за споредба на надоместоците, што веќе ја изработија стручните служби на централната банка

-

Народната банка на РСМ (НБРСМ) на својата интернет-страница до крајот на овој месец ќе започне да објавува споредбени податоци за видот и висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежните сметки за секоја банка, информираат од НБРСМ.

„Овие активности на централната банка се преземаат за натамошно зајакнување на заштитата на граѓаните како потрошувачи на овие услуги и се овозможени со новиот Закон за платежни услуги и платни системи. Со пристапот до овие податоци, граѓаните ќе можат да споредат и да проценат кои услуги и производи соодветствуваат најмногу на нивните потреби. Покрај транспарентноста, се очекува дека оваа мерка ќе придонесе и кон повисока конкуренција помеѓу давателите на платежни услуги, а со тоа и кон понуда на поповолни услови“, стои во соопштението од НБРСМ.

За оваа цел, Народната банка подготви листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно, на воедначен начин, ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги, коишто за граѓаните ќе бидат достапни преку посебна платформа за споредба на надоместоците, што веќе ја изработија стручните служби на централната банка.

Од НБРСМ додаваат дека платформата ќе им овозможи на граѓаните на прегледен начин да прават споредби на надоместоците за одделен производ или услуга, кога одлучуваат кај кој давател да користат платежни услуги.

„Новиот Закон за платежни услуги и платни системи, којшто стапи на сила на почетокот на годинава, обезбедува добра правна рамка за заштита на правата на граѓаните како потрошувачи на платежни услуги. За првпат во историјата на користењето на платежните услуги во нашата земја се воведува законска обврска за давателот да ги уреди правата и обврските на потрошувачите со рамковен договор во стандардизирана форма, во којшто треба да биде содржан и задолжителен сет информации, вклучително и за можностите и условите под кои може да биде изменет или раскинат“, велат од НБРСМ.

Од централната банка додаваат дека од посебно значење за заштитата на потрошувачот е законската обврска за давателот на платежните услуги да му даде информативен документ за надоместоците, пред потрошувачот да се обврзе да ги користи неговите платежни услуги со рамковниот договор.

Информативниот документ за надоместоците е стандардизиран и има за цел да им обезбеди на потрошувачите споредливи информации за надоместоците за најчесто користените платежни услуги во Република Северна Македонија, или т.н. најрепрезентативни услуги. Давателот има законска обврска да доставува извештај за наплатените надоместоци до потрошувачот, најмалку еднаш годишно, велат од НБРСМ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петнаесет работници лани загинале на работните места

Утре, в недела, на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, во паркот на улицата Пандил Шишков во општина Аеродром ќе бидат засадени 15 дрвца, колку што изнесува...