Велес дефинитивно не дава дозвола за дробење и мелење на згурата, депонијата останува закана за градот

Од oпштината за Мета.мк потврдуваат дека веќе се изработува и решението кое ќе го достават до концесионерот, а како причина за одбивање ќе бидат наведени двете дополнителни дејности кои тој ги побарал, дробење и мелење на отпадот, на истото место каде што е и депонијата

Велешката топилница, во чија позадина е Велес; Фото: Мета.мк

Општината Велес и официјално донела одлука да не ја продолжи Б-интегрираната дозвола на компанијата „Кепс Монт груп“, која требаше да ја извезе згурата од депонијата на топилницата како техногена минерална суровина.

Од Општината за Мета.мк потврдуваат дека веќе се изработува и решението кое ќе го достават до концесионерот, а како причина за одбивање ќе бидат наведени двете дополнителни дејности кои тој ги побарал, дробење и мелење на отпадот, на истото место каде што е и депонијата.

„Донесена е Одлука за отфрлање на барањето за добивање на Б-Интегрирана еколошка дозовола за експлоатација на техногена минерална суровина со поставување на постројка за дополнителни операции мелење и дробење на локалитет Баш колиби. Општината е во фаза на изготвување на Решението за отфрлање на барањето од страна на градоначалникот. Причина за отфрлањето на барањето се двете дополнителни операции на дробење и мелење“, информираат од Општина Велес.

Доколку концесионерот сака да продолжи да работи ќе треба веројатно да се врати на дејностите кои му беа дозволени со старата Б-Интегрирана дозвола ископ, сеење и транспорт. Од Општината велат дека за тоа ќе треба да достави ново барање за продолжување дозволата.

„Доколку барателот поднесе барање за операциите кои беа наведени во претходната дозвола потребно е најпрво да се разгледа новото барање, а потоа да се спроведе постапката за издавање на Б-Интегрирана еколошка дозвола. Ако тогаш ги исполнува условите и мерките од барањето може да му се издаде Б-Интегрирана еколошка дозвола“, посочуваат од Општината.

Компанијата „Кепс Монт груп“ има концесија од Министерството за економија која е со важност до 2026 година. Доколку не ја поседува и Б-интегрираната дозвола не може да работи на расчистување на депонијата со згура. Првата дозвола, која ја издаде Општината Велес во 2019 година, истече лани во октомври, а процесот за добивање нова трае веќе неколку месеци. Почнувањето на нова постапка, доколку концесионерот реши да остане и да работи со првичните дејности за кои важаше и претходната дозвола, ќе потрае уште неколку месеци, што уште повеќе ќе го скрати времето што ќе остане до истекувањето на концесијата.

Од компанијата велат дека во моментов се во очекување на решението од Општината Велес, по што ќе информираат за нивните следни активности. Од таму информираа дека веќе имаат склучено договори со две топилници во Јужна Кореа и Албанија и дека ја чекаат дозволата за да почнат да извезуваат.

Депонијата со згура на некогашната топилница во Велес е втората најжешка точка со историски отпад во земјата, веднаш по скопски ОХИС. Се проценува дека има околу два милиони тони троска, од кои голем дел се остатоци од металите обработувани во топилницата и содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум.

Близината до населените места и состојбата во која се наоѓа, на отворено и без никаква заштита, се опасна закана за здравјето на луѓето и за животната средина. Според истражувањата на професорот Трајче Стафилов, како резултат на неконтролираното разнесување на оваа прашина во воздухот, почвите се многу интензивно загадени. Во околината од 30 квадратни километри, утврдено е критично загадување со тешки метали на речиси седум квадратни километри.