Годинава не е извезен ниту еден тон отпад од депонијата на топилницата во Велес

Се проценува дека на депонијата има околу два милиони тони троска, од кои голем дел се остатоци од металите обработувани во топилницата. Отпадот треба да се продава како техногена минерална суровина со оглед на тоа дека содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум

Фото: Мета.мк

Ниту еден тон од депонијата со згура на топилницата во Велес не бил извезен и оваа година. Црниот рид не се намалува и сè уште е закана за градот и за неговите жители. Се проценува дека на депонијата има околу два милиони тони троска, од кои голем дел се остатоци од металите обработувани во топилницата. Отпадот треба да се продава како техногена минерална суровина со оглед на тоа дека содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум.

Иако процесот за расчистување на оваа историска жешка точка започна пред четири години, сепак досега од Велес заминаа помалку од 500 тони троска, кои беа извезени во 2019 и 2020 година. На локацијата во моментов се монтира опрема и има механизација, но работни активности за ископување веќе подолго време нема.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк велат дека годинава кај нив концесионерот Кепс Монт Груп не пријавил никакви активности околу депонијата. Од таму посочуваат дека сè додека ја поседува концесијата, тој има право да стопанисува и од него се очекува да работи и да извезува.

„Оваа година нема пријавен извоз на техногена минерална суровина. Во 2019 година се извезени 100 тони пробни количини суровина во Малезија, а во 2020 година од Велес заминаа уште 368,9 тони за Србија, Албанија, Турција и Косово“, информираат од Министерството.

Мирува расчистувањето на депониите во ОХИС и велешка топилница

Од Општината Велес, пак, посочуваат дека Б-интегрираната дозвола издадена во 2019 година истекува идниот месец, а Кепс Монт груп во септември побарал обновување и измена на документот. Концесионерите побарале дозвола за експлоатација на техногена минерална суровина со поставување на постројка за дополнителни активности на дробење и мелење на локалитетот „Баш колиби“.

Од Општината велат дека на почетокот на месецов заедно со инспектор за животна средина направиле увид и утврдување на фактичката состојба на локацијата и инсталацијата врз основа на што бил донесен заклучок дека барањето треба да се дополни и дека концесионерот има рок од 30 дена да ја достави целосната документација за да може да ги воведе дополнителните дејности кои ги бара.

„Рокот за доставување на комплетното барање е 30 дена по приемот на заклучокот, кој барателот го прими на 13 Октомври. Доколку во овој рок се достави комплетното барање ќе следи јавна објава со рок од 30 дена во кои на јавноста ќе и биде овозможен слободен пристап за разгледување на барањето и да дава свои сугестии, забелешки и коментари. Издавањето на Б-интегрираната дозвола ќе следува во рок од 60 дена откако ќе истече рокот за доставување мислења по барањето“, велат од Општина Велес.

Концесионерот Кепс Монт груп во новата Б-интегрирана дозвола бара да воведе уште две нови дејности, дробење и мелење на суровината, како подготовка за извоз. Од таму велат дека е набавена и монтирана нова постројка со капацитет од 30.000 тони месечно, која ќе треба да врши одвојување на металите од шутот што низ годините се насобрал на депонијата.

„Во моментов работиме на обезбедување на документацијата која се бара да ја доставиме до Општината Велес“, посочуваат од Кепс Монт груп.

Депонијата со згура од Топилница и понатаму го демне Велес [фото]

Депонијата со троска на топилницата во Велес е рангирана на второто место на листата на најопасни историски еколошки жаришта, според истражувањата на професорот Трајче Стафилов. Иако долги години не е активна топилницата, еколошките последици на депонијата на троска со високи концентрации на цинк, олово и жива остануваат. Почвата е многу интензивно загадена и предизвикува контаминација на подземните води и почвата, а со тоа и на овошјето, зеленчукот и житариците кои растат во регионот.

„Како резултат на пренос на оваа прашина од депонијата во воздухот, почвите се многу интензивно загадени. Во простор од 30 квадратни километри на градот Велес, утврдивме критично загадување на скоро седум квадратни километри“, укажа Стафилов на вебинарот организиран од Мета.мк посветен на жешките еколошки точки.

Топилницата почнала да работи во 1973 година, а прекинала во 2005 година. Во периодот кој следуваше ја купи приватната компанија „Метрудхем“, која направи обид да ја рестартира во 2011 година, но обидот остана неуспешен. На повеќе локации, околу фабриката и отпадот, но и низ градот Министерството за здравство направи испитувања на почвата кои докажаа присуство на тешки метали, пред сѐ олово и кадмиум, кои се опасни за здравјето на граѓаните. Истражувањата покажаа дека почвата е загадена во радиус од дваесетина километри, а ниви на кои се одгледува храна има и во непосредна близина на троската. Зеленчукот што го консумираат велешани содржи 1,5 пати поголема концентрација олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација кадмиум, а најзагаден е лиснатиот зеленчук.