Депонијата со згура на Топилница сѐ уште го демне Велес. Три години откако беше доделена концесија за нејзин извоз како техногена минерална суровина, само мали количини заминаа од градот. Црниот рид, во кој се проценува дека има над 1,8 милиони тони отпад, сѐ уште стои, а на локацијата веќе неколку месеци нема никаква активност. Таму се наоѓаат неколку машини и дел од постројката за сепарација на суровината, но нема работници, ниту пак околината на депонијата е заградена. Отпадот, што зафаќа простор од 33.000 кубни метри, е проценето дека има околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум…
Концесионерот, компанијата „Кепс монт груп“, во неколку наврати во изминатите години извезе мали количини во Малезија, Турција и во земји од регионот, но сите договори со потенцијалните купувачи досега не се реализираа. Во моментов компанијата нема договор со заинтересиран откупувач што би ја купил целата количина и планира троската да ја продава на берза на повеќе заинтересирани компании.
Нема конкретен термин кога ќе започне да ископува, а ќе работи со технологијата која ја дозволува Б-интегрираната дозвола која првично ја доби од Општината Велес во 2019 година. Од компанијата минатата година побараа и проширување на дозволата за да воведат нова технолошка линија за сепарација на техногената минерална суровина во неколку фракции, со претходна постапка на примарно и секундарно мелење во терциерни дробилки, за да обезбедат одвојување на металите и почиста суровина.
„Се соочуваме со проблем, троската има премногу различен отпад во неа и никој нема да ја откупи во ваква состојба. Кога се создавал ридот врз него се фрлало и вар, веројатно се мислело дека така ќе се заштити да не се разнесува. Сега мора да најдеме начин сето тоа да го исчистиме“, велат од „Кепс Монт груп“.
Екологистите од Велес не се задоволни што ридот троска сѐ уште е во нивниот град. Велат дека очекувале посериозна динамика на чистењето на депонијата, за побрзо да може да се премине на следниот чекор, ремедијација на загадената почва и проценка на штетите кои се направени на подземните води од долгогодишното загадување.
„Велес е заложник на Топилницата и толку години откако не работи, а институциите се инертни и незинтересирани и затајуваат како контролни механизми. Фирмата има само формално претставништво во Велес, знаеме дека се изнесоа неколку камиони и работите запреа. Во изминативе години ниту еднаш, ние од еколошките здруженија, не сме се сретнале со нивните претставници за да се информираме до каде се работите со чистењето на депонијата“, вели Игор Смилев од „Грин пауер“.
Посочува дека е несериозно институциите да доделат концесија и да немаат стратегија што понатаму. Вели дека велешани сѐ уште се надеваат дека еден ден градот ќе биде исчистен и ќе можат поздраво да живеат, но односот на институциите, и локалните и државните, кон животната средина, минималните средства кои се вложуваат и фактот дека оваа тема е на дното на агендите на политичарите, им ја уништува надежта.
Б-интегрираната дозвола, која ја доделува Општината, на „Кепс монт груп“ му беше дадена во октомври 2019 година и важи до октомври 2023 година, до кога е и рокот за целосно чистење и извоз на суровината. Концесијата, пак, утврдена со Дозволата за експлоатација на техногена минерална суровина од Министерството за економија, ја доби неколку месеци порано, во мај 2019 година и важи седум години или до мај 2026 година. Со оглед на тоа дека досега се испорачани многу мали количини, доколку сака да го исполни концесискиот договор докрај, компанијата идната година во октомври ќе треба да побара продолжување на Б-интегрираната дозвола.
Министерството за животна средина вели дека информациите за активностите за расчистување на депонијата на Топилницата во Велес ги добива преку извештаите од контролите на Државниот инспекторат за животна средина, а последен е извештајот од контролата на 8 Јуни. Информираат дека на локалитетот „Баш Колиби“ сѐ уште е лоциран ридот од 1,8 милиони тони отпад создадени од технолошкиот процес на топење на цинк и олово од топилницата МХК Злетово, што има рок да се расчисти до октомври 2023 година.
„Од моментот кога се доделени Договорот и дозволата, па до годинава се извезени 100 тони пробни количини суровина во Малезија во 2019 година , која забрани увоз на почетокот на 2020 година, и 368,9 тони во Србија, Албанија, Турција и Косово во 2020 година. Според пропишаното во дозволата, операторот има обврска да изврши експлоатација и извоз на целокупната количина на техногената минерална суровина до истекот на Б интегрираната дозвола, односно до октомври 2023 година, што практично е невозможно“, велат во Министерството.
Посочуваат дека инсталацијата е во надлежност на овластените инспектори за животна средина, кои ги информирале дека на локацијата има поставено опрема за сепарација и одредена количина просејана суровина, но и дека опремата не е работи, нема вработени лица, ниту пак некакви дејствија подолго време.
Од Општината Велес информираат дека барањето на концесионерот „Кепс монт груп“ за измена и дополнување на Б-интегрираната дозвола заради воведување на дополнителна технологија е отфрлено, бидејќи до крајниот рок, минатиот месец, не ги доставиле бараните документи.
„Заради барањето за воведување на дополнителна линија на дробење на техногената минерална суровина и заради фактот дека никој досега не го испитал теренот колку е погоден за вакви активности и стабилноста на ридот, од концесионерот беше побарано да достави документација од ИЗИИС за сеизмичката активност на подрачјето околу троската, Оценка на влијанието врз животната средина на процесот на дробење на суровината и градежна дозвола за поставување на фундамент за дробилката“, информираат од Одделението за животна средина во Општина Велес.
Концесионерот имал шест месеци да ги достави сите документи, но бидејќи не го испочитувал рокот, од Одделението велат дека решението за отфрлање на барањето веќе било изготвено. Посочуваат дека сега може да продолжи да работи со актуелната Б-дозвола која важи до октомври идната година и која дозволува ископ, сеење и товарење на материјалот или пак повторно да поднесе барање и да ги достави документите за измена на дозволата.
Депонијата со троска, остаток од работата на некогашната Топилница за цинк и олово е едно од неколкуте историски еколошки жаришта во земјава. Топилницата почнала да работи во 1973, а прекинала во 2005 година. Во периодот кој следуваше ја купи приватната компанија „Метрудхем“, која направи обид да ја рестартира во 2011 година, но обидот остана неуспешен. Како резултат на тоа велешките еколошки здруженија, поддржани од жителите на градот, организираа повеќе протести, од кои најмасовен беше тој во ноември истата година, со кои дадоа на знаење дека нема да дозволат уште еднаш да проработи големиот загадувач.
Велешани таа година иницираа и промена на Генералниот урбанистички план на градот пред Министерството за транспорт и врски, за пренамена на локацијата каде се наоѓа индустрискиот капацитет од индустриска зона за лесна и незагадувачка индустрија во зелен појас. Процедурата заврши во 2013 година, кога Советот на Велес конечно ја верификуваше измената. Барањето, локацијата да се претвори во зеленило, го потврди и Министерството за здравство по истражувањата на почвата кои докажаа присуство на тешки метали, пред сѐ олово и кадмиум, кои се опасни за здравјето на граѓаните.
Светската здравствена организација поради загадувањето во 2000 година го прогласи Велес како опасно место за живеење, а голем број испитувања на почвата и воздухот направи и професорот на Институтот по Хемија на ПМФ, Трајче Стафилов. Неговите испитувања на прашината направени во три зони, во куќи во Велес, во Башино село и во планинските села југозападно од Велес, потврдија дека се сретнуваат особено високи вредности на арсен, кадмиум, олово, цинк, индиум и антимон, а особено се високи нивоата на кадмиум во домашната прашина, 21 милиграм на килограм и на кровните греди, 240 милиграми на килограм.
Истражувањата покажаа дека и почвата е загадена во радиус од дваесетина километри, а ниви на кои се одгледува храна има и во непосредна близина на троската. Зеленчукот што го консумираат велешани содржи со 1,5 пати поголема концентрација олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација кадмиум, а најзагаден е лиснатиот зеленчук.
Со проект на граѓанската организација „Вила Зора“ во 2018 година беше направен обид и за пробна ремедијација на почвата со маслодајна репка, а резултатите покажаа присуство на тешки метали во почвата и по деконтаминацијата. На длабочина во почвата до 20 сантиметри загадувањето беше зголемено за 0,5 пати, додека на длабочини од 20 до 40 cантиметри во почвата концентрациите се намалија за 3,5 пати. Тоа, според екологистите јасно покажа дека сѐ додека црниот рид стои во Велес, обидите за прочистување на почвата се залудни.
Заради тоа, велешките екологисти и сега апелираат дека е неопходно што побрзо да се изнесе троската, за да може да започне процесот на ремедијација. Од Министерството за животна средина одговорија дека во буџетот за годинава немаат предвидено средства за испитување на моменталната состојба со загаденоста на почвата и подземните води во Велес.