Министерството за животна средина дозволи отпадот од велешката топилница да се дроби и меле, за полесно да се извезе

Во октомври истекува Б-интегрираната дозвола на Кепс Монт груп, па концесионерот, ако сака да извезува, ќе треба да бара нова. Од Одделението за животна средина во Велес велат дека досега до нив не стигнало ново барање

Фото: Мета.мк

Троската од депонијата на велешката топилница ќе се дроби и меле пред да се извезува. Министерството за животна средина и просторно планирање го одобри елаборатот за заштита на животната средина за проектот „Експлоатација на техногена минерална суровина на локалитетот Баш Kолиби со поставување на постројка за дополнителни активности на дробење и мелење на ТМС во општина Велес“.

Со тоа, концесионерот Кепс Монт груп доби зелено светло да воведе уште две дополнителни активности за обработка на техногената минерална суровина за да може полесно да ја извезе. Сепак, во октомври на концесионерот му истекува Б-интегрираната дозвола која ја издава Општината Велес, а од Министерството информираат дека досега до нив нема стигнато барање за дозвола за извоз на згурата.

Компанијата Кепс Монт груп речиси четири години има концесија и Б-интегрирана дозвола за да ја расчисти историската депонија полна со метали, но сепак досега се извезени помалку од 500 тони. Сега, од Кепс Монт груп сметаат дека подобрата подготовка на суровината уште во Велес, ќе овозможи побрзо да се продаде.

Од Министерството информираат дека Управата за животна средина минатиот месец издала Решение за одобрен Елаборат за заштита на животната средина. Извршени се и дополнителни анализи на хемискиот состав на суровината во лабораторијата за хемиски испитувања на Институтот за рударство и металургија Бор, а во Програмата за заштита на животната средина се предвидени и мерки за заштита на животната средина и временски распоред за реализација на планот.

„Мониторингот е обврска на инвеститорот и е предвидено следење на нивото на бучава преку акредитирана лабораторија согласно динамиката утврдена во Б- интегрираната дозвола и следење на концентрациите на суспендираните честички РМ10 и на олово во амбиентниот воздух на утврдени мерни места. Мерењата ќе се вршат во услови на полна оперативност на инсталацијата и задоволителни временски услови, во 14 последователни денови од секое годишно време, односно вкупно 56 дена во годината“, информираат од Министерството.

Во октомври истекува Б-интегрираната дозвола на Кепс Монт груп, па концесионерот, ако сака да извезува, ќе треба да бара нова. Од Одделението за животна средина во Велес велат дека досега до нив не стигнало ново барање, во кое ќе треба да бидат додадени и двете нови активности кои се предвидени да се одвиваат на локацијата на депонијата.

„Општината доби известување дека Министерството го одбрило Елаборатот на концесионерот за воведување на дробење и мелење на суровината. Со оглед на тоа дека Б-интегрираната дозвола, издадена во 2019 година со рок од четири години истекува, очекуваме компанијата да достави ново барање. Процедурата трае неколку месеци, од кои еден месец документацијата треба да е достапна за јавноста за граѓаните да можат да ги дадат своите забелешки“, велат од Општина Велес.

Од почетокот на 2020 година, кога работите на терен стагнираа заради пандемијата на ковид-19 па досега, од црниот рид со троска извезени се 100 тони во Малезија во 2019 година и уште 368,9 тони во Србија, Албанија, Турција и Косово во 2020 година.

Според проценките, депонијата на некогашната Топилница има околу два милиони тони троска. Се смета дека дури десет проценти односно околу 200.000 тони се цинк, што има голема вредност која треба да се искористи. Во депонијата има и 0,2 отсто арсен и два проценти олово, како и индиум и антимон. Сите овие тешки метали, оставени на депонијата во услови како што е и во моментов, незаштитени и на отворено, под влијание на временските услови, се разнесуваат со ветер и дождови и ја загрозуваат животната средина.