Згурата од Топилницата во Велес прво ќе се дроби и меле, па ќе се извезува

Фото: Мета.мк

Згурата од Топилницата во Велес прво ќе се дроби и меле, па потоа ќе се извезува. Концесионерот Кепс Монт Груп вели оти набавува нова технологија за дополнителна подготовка на техногената суровина, пред да се продаде. Во моментов во тек е монтирањето на постројката, која е набавена од Кина и има капацитет од 30.000 тони месечно, на посебна парцела веднаш до депонијата со згура.

Новата опрема има поголем капацитет од постоечката и ќе врши одвојување на металите од насобраниот шут во црниот рид. На депонијата има над 1,8 милиони тони отпад богат со метали кои некогаш се преработувале во индустрискиот капацитет.

Како што информира концесионерот, за оваа опрема е обезбедена дозвола од Министерството за економија и изработен е дополнителен рударски проект за дробење и мелење техногена суровина, а во тек се и подготовките на документацијата за Министерството за животна средина и Општината Велес.

„Во згурата има блокови и до еден тон, тие мора да се иситнат, да се сепарират металите и да се подготват за извоз. Со капацитетот на новата сепарација ќе можеме побрзо и посериозно да напредуваме, бидејќи изгубивме доста време. Не се откажуваме од намерата да го исчистиме ридот создаден од Топилница, неколку години работиме, но се соочивме со ситуации како пандемијата, кои не можевме да ги предвидиме“, велат од Кепс Монт груп.

Во депонијата на некогашната Топилница има многу метали, заостанати од некогашната преработка на олово и цинк. Според проценките околу 10 проценти се цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум.

Во Општината Велес информираат дека во моментов за активностите кои можат да се преземаат околу извозот на минералната суровина од топилница важи Б-интегрираната дозвола, издадена во 2019 година. Таа предвидува копање, сеење и транспортирање на троската. Во моментов, информираат од Општината, концесионерот нема доставено барање за новиот начин на работа. Посочуваат дека врз основа на документацијата која ќе ја приложи, ќе треба да се одлучува дали Б-интегрираната дозвола ќе треба да се дополни или ќе треба да се издаде нова.

Професорот Трајче Стафилов вели дека продажбата на троската како суровина е најдобриот модел да се реши оваа жешка точка. Во светот постојат повеќе примери на комбинирање на економскиот и еколошкиот бенефит, особено кога се работи за големи количини суровина.

„Депонијата се проценува дека има околу два милиони тони троска која има големо присуство на цинк. Се смета дека тоа се дури десет проценти, застапен како цинк оксид и цинк сулфид од кои со хемиски процеси може да се одвои металот. Тоа се огромни количини од 100.000 до 200.000 тони цинк, што имаат голема вредност која треба да се искористи“, вели Стафилов.

Во депонијата има и  0,2 отсто арсен и два проценти олово, како и индиум и антимон. Професорот Стафилов потенцира дека во состојба во која што е депонијата со години, незаштитена и на отворено, овие тешки метали се разнесуваат со ветер и дождови и ја загадуваат почвата во околината.

„Сите наши испитувања на зеленчуците произведени во овој крај покажуваат дека се контаминирани со тешки метали. Мора да се забрани производството во овој регион, Атласот што го изработивме точно ги покажува подрачјата со најголемо загадување“, вели Стафилов.

Мета.мк повеќе години пишува за опасноста која демне од депонијата на троска во Велес, на листата на жешки точки рангирана како втора, веднаш зад скопски ОХИС. Количините на отпад, но и токсичноста на тешките метали кои ги содржи згурата, како и близината до населените места ја прават оваа точка една од најопасните во земјата.

За жал, веќе три години работите тапкаат во место. Првичната дестинација на минералната суровина Малезија, каде требаше да замине целата количина на троската, забрани увоз на отпад, а во меѓувреме, според податоците на Министерството за животна средина, освен 100 тони пробни количини суровина извезени во Малезија во 2019 година, од Велес заминаа само уште 368,9 тони за Србија, Албанија, Турција и Косово во 2020 година. Од тогаш, на локацијата нема активности.