„Кепс Монт груп“ ќе се жали на одлуката на Општина Велес да не им даде Б-интегрирана дозвола

Во решението општинарите навеле дека го отфрлаат барањето на компанијата за продолжување на дозволата, бидејќи постоеле опасности, заради начинот на кој се предлага да се работи на депонијата, да се предизвикаат штетни последици по здравјето на жителите на градот

Фото: Кепс Монт груп

Општината Велес не му издаде Б-интегрирана дозвола на концесионерот „Кепс Монт груп“, заради тоа што отпадот во депонијата од топилницата не го третира како историска жешка точка, туку како техногена минерална суровина. Во решението општинарите навеле дека го отфрлаат барањето на компанијата за продолжување на дозволата, бидејќи постоеле опасности, заради начинот на кој се предлага да се работи на депонијата, да се предизвикаат штетни последици по здравјето на жителите на градот.

Концесионерот, пак, вели дека тој не е надлежен да одлучува дали троската е жешка точка или минерална суровина, туку тоа го прават законите. Посочуваат дека тие можат да работат само со суровина, заради тоа што само за тоа имаат договор за концесија од Министерството за економија.

Оваа компанија, која треба да ја извезе згурата полна со тешки метали од Велес, веќе еднаш имаше Б-интегрирана дозвола за да постапува со минерална суровина. Сега не може повторно да ја добие, бидејќи бара да се воведат уште две дејности, за дробење и мелење на троската, како подготовка за извоз. Според решението на Општина Велес, компанијата не доставила доволно докази во барањето за нова дозвола, како новите активности навистина би влијаеле врз животната средина.

Од компанијата „Кепс Монт груп“ бараат Општината Велес повторно да го разгледа нивното барање и да ја преиспита својата одлука и да им овозможи на нивните граѓани и на градот шанса конечно да се ослободат од отпадот. Во меѓувреме, најавуваат дека ќе ги искористат и сите правни лекови и дека ќе се жалат на решението кое го добиле.

„Со самото доделување на троската под концесија за експлоатација, Владата одлучила дека ќе се третира како концесија, а не како индустриска жешка точка. По тој основ и ги имаме добиено дозволата за експлоатација од Министерството за економија и одобренијата на Студијата и Елаборатот за животна средина од Министерството за животна средина и просторно планирање“, велат од „Кепс Монт груп“.

Посочуваат дека изменетата Б-Интегрираната еколошка дозвола ја барале за подрачје на кој веќе еднаш добиле ваква дозвола, а измените се однесуваат само на дополнителни активности за дробење на суровината и нејзина подготовка за транспорт. Од компанијата потенцираат дека имаат обврски според Договорот за концесија за експлоатација на техногената минерална суровина од Министерството за екомија, со кој се обврзани згурата да ја извезуваат надвор од државата.

Тие посочуваат дека во јавноста постојат многу дезинформации во врска со начинот на третман на отпадот од црниот рид и нагласуваат дека во процесот на експлоатацијата нема да се користат никави препарати за преработка, туку дека целиот процес се заснова на копање, одделување на шутот и отпадот и пакување за транспорт и извоз. Откако ќе заврши овој процес концесионерот е задолжен според Законот за минерални суровини и Договорот за концесија да изврши ремедијација на почвата каде што сега се наоѓа депонијата, а просторот да се зазелени.

Депонијата од топилницата има околу два милиони тони троска, која содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум. Нивното влијание врз околината и здравјето на луѓето е огромно, што се докажа и од испитувањата на Министерството за здравство кои докажаа загадување со тешки метали, пред сѐ олово и кадмиум, во почвата во радиус од дваесетина километри, во кои има и ниви на кои се одгледува храна. Зеленчукот што го консумираат велешани содржи 1,5 пати поголема концентрација олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација кадмиум, а најзагаден е лиснатиот зеленчук.