Црниот рид со згура од велешката Топилница сѐ уште стои. Повеќе од три години откако започна проектот за расчистување на опасниот отпад што му се заканува на градот, нема речиси никаков напредок. Техногената минерална суровина не се копа и не се извезува, а од 2019 година, откако фирмата Кепс Монт груп доби Концесија од Министерството за економија и Б-интегрирана дозвола од Општината Велес, досега се извезени помалку од 500 тони.
Веќе три месеци во институциите, по барање на концесионерот Кепс Монт груп, тече постапката за проширување на дејноста со дробење и мелење на техногената минерална суровина. Бараат да се работи со постројка со нова технологија за дополнителна подготовка на суровината, што има капацитет од 30.000 тони месечно, бидејќи велат дека само на тој начин ќе можат да ја извезат. Постројката, според најавите од концесионерот, започна да се монтира пред три месеци, но сѐ уште не е завршена.
Од Министерството за животна средина велат дека барањето за дополнување на дејноста сѐ уште се разгледува.
„Во однос на одлуката што треба да ја донесе МЖСПП, ве информираме дека постапката е во тек. Очекуваме до крајот на неделата, најдоцна идната да биде завршена“, кусо одговараат од Министерството за животна средина.
Министерството за економија пред два месеци потврди дека во ноември минатата година имаат издадено дозвола на концесионерот за изведување на рударски работи според дополнителен рударски проект со кој се создаваат предуслови за експлоатација на минералната суровина, што подразбира ископ, товарање во приемен бункер, одвојување од шутот и подготовка за извоз.
И од Општина Велес информираат дека веќе го подготвиле мислењето за Известувањето за намера на концесионерот за изведување на проект и утврдување на потребата од оцена на влијанието врз животната средина за проектот – Експлоатација на техногена минерална суровина (ТМС) на локалитетот „Баш колиби“, со поставување на постројка за дополнителни активности на дробење и мелење во Општина Велес. Мислењето во март е доставено до Министерството за животна средина, а од локалната самоуправа велат дека имаат доста забелешки за барањата на концесионерот.
„Во документацијата не е наведено каков тип се дробилките, нивните димензии, ниту пак на каков фундамент треба да се поставени. Во известувањето недостасува и шема како ќе биде поставена дополнителната опрема која ќе се инсталира и која ќе се гради. Нема податоци ниту пак, дали целата опрема која ќе се инсталира, како и сепараторот, ќе биде затворен систем за да се минимизираат емисиите на прашина во воздухот, а нема ниту оценка за влијанието на вибрациите и кои се мерките за нивно ублажување “, стои во мислењето од Општината Велес.
Од таму посочуваат дека за опремата која концесионерот најавил дека ќе ја поставува на локацијата „Баш Колиби“ треба да води сметка за стабилноста и сеизмичката заштита на тлото, за да не дојде до негова деформација и уривање на поставената опрема. Според Физибилити студија од 2007 година сеизмичкиот ризик на депонијата е утврден како умерен до висок, а со оглед на нагибот на депонијата, постои ризик на лизгање, што општинарите сметаат дека треба да е нотирано во известувањето. Во документот Општина Велес бара и процесите на дробење и мелење дополнително да се објаснат и сликовито да се прикажат, особено локациите каде ќе се создава прашина.
Од почетокот на 2020 година кога работите на терен стагнираа заради пандемијата на ковид-19 па досега, од црниот рид со троска извезени се 100 тони во Малезија во 2019 година и уште 368,9 тони во Србија, Албанија, Турција и Косово во 2020 година.
Според проценките, депонијата на некогашната Топилница има околу два милиони тони троска. Се смета дека дури десет проценти односно околу 200.000 тони се цинк, што има голема вредност која треба да се искористи. Во депонијата има и 0,2 отсто арсен и два проценти олово, како и индиум и антимон. Сите овие тешки метали, оставени на депонијата во услови како што е и во моментов, незаштитени и на отворено, под влијание на временските услови, се разнесуваат со ветер и дождови и ја загрозуваат животната средина.