Концесионерот што копа згура од Топилница бара измена на дозволата, Општината вели му фали техничка документација

Згурата во велешка „Топилница“ | Фото: „Кепс Монт Груп“, ноември 2020 г.

Извозот на згура од велешката Топилница последните два месеци се заплетка во процедури низ локалните и државните институции. Од компанијата „Кепс монт груп“ за Мета велат дека побарале измена на Б- интегрираната еколошка дозвола за да можат да инсталираат сепарација од затворен тип, но Општината Велес го одбила барањето. Случајот во моментов се разгледува Второстепената комисија за одлучување во управни постапки, по што ќе се знае како ќе продолжи работата околу извозот на згурата.

Според компанијата концесионер, се работи за магнетна сепарација која треба да се постави веднаш до црниот рид, а чија улога ќе биде да ги одвојува металите во техногената минетална суровина уште пред да се натоварат во камиони и да се транспортираат. Од „Кепс Монт Груп“ велат дека за ова барање не добиле зелено светло од општинската администрација, па случајот сега е префрлен на повисоко ниво и во моментов ја очекуваат одлуката од Второстепената комисија.

„Сепарацијата со која во моментов работиме ја одвојува техногената суровина од отпадот што се таложел низ годините. Линијата која сакаме да ја монтираме е нова технологија, ги одвојува металите и е затворен систем, со што прашината во воздухот се сведува на минимум“, велат од „Кепс Монт груп“.

Од Општината Велес потврдуваат дека концесионерот побарал измена на Б- интегрираната еколошка дозвола за да може да инсталира сепарација од затворен тип со млин магнетен сепаратор и друга опрема на самата локација „Баш колиби“, но велат дека за да го поткрепи барањето не доставил никаква техничка документација, која била неопходна според нашите закони. Општината, според раководителката на Одделението за животна средина во Велес, Билјана Шуркова-Манаскова, во случајот не ја проблематизира ниту технологијата, ниту пак процесот што треба да се одвива во сепарацијата, туку само недостатокот на техничка документација со која треба да биде поткрепено барањето.

„Операторот доставил барање кое е отфрлено со решение бидејќи не ја содржи потребната техничка документација. На локацијата нема планска документација за да може да се издаде одобрение за градење на објектот, а има проблем и со сезимичката активност на теренот бидејќи ридот, односно оловно-цинковата јаловина не е цврста, има голем нагиб и е сеизмички нестабилна, заради што е неопходна соодветна документација која ќе потврди дека тој терен, ќе ја издржи градбата. Неопходно е да се завршат сите испитувања на теренот пред да може да се дојде до моментот Одделението за урбанизам да ја издаде дозволата за градба. Потоа ќе може да разгледуваме и дали со градбата ќе има и други влијанија на околината и животната средина“, вели Шуркова-Манаскова.

Во моментов, посочува таа, се чека на одлуката на Второстепената комисија, но, тоа не го спречува операторот да продолжи да работи по дозволата која веќе ја поседува, според условите кои концесионерот ги побарал на почетокот од процесот. Компанијата може да ја сепарира и товари згурата и да ја извезува во земјите каде има договор.

Депонијата со згура е една од најжешките еколошки точки во земјава. По речиси четири децении, решавањето на оваа опасност за градот Велес започна пред две години, кога беше најавено дека троската, која е богата со метали, ќе се продаде како техногена минерална суровина во Малезија. Сепак, земјата во декември 2019 година забрани увоз и таа забрана стои до денес. Во меѓувреме концесионерот „Кепс Монт Груп“ почна да извезува во Србија и Косово, а во тек се и преговори со компании од Албанија и Турција.