Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев одлучи да не ја потпише Б-интегрираната дозвола за компанијата „Кепс Монт груп“ која треба да ја исчисти депонијата со згура на некогашната топилница. Колев, на последната седница на Советот на Велес, изјави дека сериозно го анализирал барањето на „Кепс монт груп“, и дека смета дека е грешка што остатоците на депонијата се третираат како техногена минерална суровина. Тие, според него, треба да се гледаат како опасен отпад, како што е линданот во ОХИС. Колев рече дека оваа грешка треба да се исправи и да се побара посоодветен начин на чистење.
„Градоначалникот ја потпишува Б-интегрираната дозвола, но врз основа на доставени документи зад кои стојат институциите кои ги изработиле. Јас консултирав и експерти од земјата и од странство кои долго се заниваваат со оваа проблематика. Сите имаат сомнеж дека со дополнителните работи на дробење и мелење на отпадот ќе се наруши животната средина и дека прашината ќе влезе во Велес. Под овие околности јас нема да потпишам Б-интегрирана дозвола“, рече Колев.
„Кепс Монт груп“ побара проширување на првичната дозвола, која им истече во октомври минатата година, со уште две дејности, дробење и мелење, како подготовка на суровината за извоз. Тоа наиде на голем отпор кај јавноста, локалните екологисти, но и политички партии. Од концесионерот велат дека, пред да го достават барањето за обновување на дозволата до Општината, ги добиле сите потребни документи и мислења од повеќе институции меѓу кои и министерствата за економија, за животна средина, за транспорт и врски, за здравство, за култура и за финансии, неколку јавни претпријатија, како и од експерти од Технолошко-металуршкиот факултет, Институтот за хемија, Шумарскиот факултет и Градежниот институт.
„Технолошкиот процес што сакаме да го воведеме се базира на водено одвојување на згурата од шут и песок, селектирање со гравитационо-магнетна метода, подготовка со дробење и мелење на поголемите парчиња за извоз и товарење и транспорт до крајниот потрошувач. Во процесот емитирањето на прашина е сведено на минимум“, посочија од „Кепс Монт груп“.
Од компанијата веќе информираа и дека имаат склучено договори со две топилници во Јужна Кореа и Албанија и дека ја чекаат дозволата за да почнат да извезуваат.
Депонијата со згура долги години е закана за животот и здравјето на велешани. Оставена на отворено, како што е и сега, прашината полна со тешки метали слободно се разнесува и ги полни воздухот, почвата и подземните води. Чистењето на црниот рид, за кој се претпоставува дека има над два милиони тони, е единствениот начин за спас на градот и неговите жители. Оваа депонија е рангирана на второто место на листата на најопасни историски еколошки жаришта, според истражувањата на професорот Трајче Стафилов.
„Како резултат на пренос на оваа прашина од депонијата во воздухот, почвите се многу интензивно загадени. Во простор од 30 квадратни километри на градот Велес, утврдивме критично загадување на скоро седум квадратни километри“, вели Стафилов.