Згурата од велешката топилница чека дозвола за да се извезува во Јужна Кореја и во Албанија

Концесионерот, кому претходната Б-интегрирана дозвола му истече во октомври минатата година, сега бара дејноста да се дополни со уште две активности, дробење и мелење на згурата, како подготовка за извоз во две топилници, во Јужна Кореја и во Албанија

Фото: Кепс Монт груп

Советот на Општина Велес утре ќе расправа за постапката за доделување нова Б-интегрирана дозвола на компанијата „Кепс Монт груп“, која има обврска да ја расчисти депонијата со тешки метали од некогашната топилница.

Концесионерот, кому претходната Б-интегрирана дозвола му истече во октомври минатата година, сега бара дејноста да се дополни со уште две активности, дробење и мелење на згурата, како подготовка за извоз во две топилници, во Јужна Кореја и во Албанија. Советниците од Велес веќе еднаш во декември расправаа за новата дозвола, а во меѓувреме беше одржана и јавна расправа и координација на градоначалникот со концесионерот и експерти.

Како што информираат од Општината, процесот на доделување на дозволата сè уште тече. Посочуваат дека постојат законски рокови во кои треба да се издадат ваков тип на документи, но за конкретната процедура не можат да потврдат како и кога ќе заврши.

„На седница на Советот на општина Велес која е закажана за 31 јануари како точка на дневен ред повторно ќе се разгледува постапката за добивање на Б интегрирана еколошка дозвола на Кепс Монт груп за инсталација за експлоатација на техногена минерална суровина со поставување на постројка за дополнителни активности на дробење и мелење на локалитет Баш Колиби, Велес. Општината е во тек на прибавување на повеќе мислења, а се очекува и на седницата на Советот дополнително да се отворат и разгледаат прашања во врска со ова барање и да се донесат одредени заклучоци“, велат од Општина Велес.

Од концесионерот „Кепс Монт груп“ информираат дека се во очекување на продолжувањето на дозволата за да можат да започнат со извезување на суровината, бидејќи веќе имаат склучено договори со две топилници во Јужна Кореа и Албанија.

„Потпишавме договори со една од трите најголеми топилници во светот, Кореа зинг и со фирмата ЦЦАЛБ, една од најголемите топилници во Албанија. Ја чекаме дозволата за да почнеме да работиме веднаш. Технолошкиот процес што сакаме да го воведеме се базира на водено одвојување на згурата од шут и песок, селектирање со гравитационо-магнетна метода, подготовка со дробење и мелење на поголемите парчиња за извоз и товарење и транспорт до крајниот потрошувач“, посочуваат од „Кепс Монт груп“.

Оттаму додаваат дека за технолошкиот процес што ќе го воведат веќе имаат добиено мислења од повеќе институции меѓу кои и министерствата за економија, за животна средина, за транспорт и врски, за здравство, за култура и за финансии, неколку јавни претпријатија, како и од експерти од Технолошко-металуршкиот факултет, Институтот за хемија, Шумарскиот факултет и Градежниот институт.

„Граѓаните на Велес треба да знаат дека во ниту еден дел од процесот не се работи за отворање на нов рудник или нова топилница. Во текот на подготовката на суровината ќе вршиме и мониторинг на емисиите на ПМ честичките, а Општината може да ги контролира и следи бројките. Доколку има емисии повисоки од законски утврдените, ќе престанеме со работа“, посочуваат од компанијата.

Депонијата од топилницата има околу два милиони тони троска, која содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум. Нивното влијание врз околината и здравјето на луѓето е огромно, што се докажа и од испитувањата на Министерството за здравство кои докажаа загадување со тешки метали, пред сѐ олово и кадмиум, во почвата во радиус од дваесетина километри, во кои има и ниви на кои се одгледува храна. Зеленчукот што го консумираат велешани содржи 1,5 пати поголема концентрација олово од дозволената и 2,5 пати поголема концентрација кадмиум, а најзагаден е лиснатиот зеленчук.