Троската од Велес може да се реупотреби и така ќе се чисти, тврдат од Министерството за животна средина

Во случајот со линданот од ОХИС, овој отпад не е возможно да се реупотреби и заради тоа мора да се отстрани на соодветна лиценцирана локација. Во случајот со троската во поранешна Топилница, мора да се примени ова начело за повторна употреба на отпадот, бидејќи е технички возможно

Фото: Кепс Монт груп

Троската од депонијата на некогашната топилница во Велес е отпад што може повторно да се употреби заради металите кои ги содржи во себе. Истиот случај е и арсенот од јаловиштето на некогашниот рудник „Лојане“, за кој исто така ќе се бара концесионер што ќе треба да го изнесе надвор од државата, за понатамошно искористување на металите кои ги содржи. Решавањето на овие две жешки точки со историски отпад се спроведува според европските практики за циркуларна економија, кои наложуваат сè што може да се искористи да биде наменето за реупотреба, а да се уништи само тоа што е неупотребливо.

Прашањето зошто троската од Велес е суровина, а линданот од ОХИС е опасен отпад, беше едно од прашањата за кои се спорат експертите и локалната власт во овој град. Градоначалникот Марко Колев веќе најави дека нема да ја потпише новата Б-интегрирана дозвола за концесионерот „Кепс Монт груп“ кој треба троската да ја извезе и да го расчисти црниот рид, заради тоа што не е убеден дека ископувањето на депонијата нема да допринесе за поголемо загадување на Велес, особено откако концесионерот побара, освен ископување и сеење, да додаде и дробење и мелење на отпадот.

Од Министерството за животна средина објаснуваат дека законската регулатива за третман на отпадот во земјава е пренесена од европското законодавство кое предвидува хиерархија при управување со отпадот, заради постигнување на целите на заштита на животната средина и здравјето на луѓето.

Првенствено, според законите за отпад, државните политики треба да се насочени кон спречување на создавање на отпад, потоа подготовка на отпадот за повторна употреба, рециклирање на отпадот и други типови на преработка на отпадот, вклучувајќи ја преработката заради добивање на енергија, а само долку сите овие опции не се возможни, тогаш и отстранување на отпадот како последна опција.

„Во случајот со линданот од ОХИС, овој отпад не е возможно да се реупотреби и заради тоа мора да се отстрани на соодветна лиценцирана локација. Во случајот со троската во поранешна Топилница, мора да се примени ова начело за повторна употреба на отпадот, бидејќи е технички возможно. Од таа причина се декларира како секундарна суровина и се извезува за понатамошна употреба, а не за уништување,“ велат од Министерството за животна средина.

Од концесионерот Кепс Монт груп, пак, велат дека сè уште немаат добиено никаков управен акт од општината Велес со кој ќе им се даде или не Б-интегрирана дозвола, иако како, што велат, веќе изминал последниот рок на 15 февруари. Концесионерот потврдува дека до локалните власти се поднесени сите документи кои го поткрепуваат барањето за новата дозвола која треба да предвиди уште две нови активности, дробење и мелење на згурата. Од Кепс Монт груп велат дека минатата недела ја добиле и дозволата за експлоатација на техногена минерална суровина од Министерството за економија, откако било потврдено дека во процесот на експлоатацијата нема да се испуштаат отпадни води.

Според проценките, депонијата на некогашната Топилница има околу два милиони тони троска. Се смета дека дури десет проценти односно околу 200.000 тони се цинк, што има голема вредност која треба да се искористи. Во депонијата има и 0,2 отсто арсен и два проценти олово, како и индиум и антимон. Досега се извезени само околу 500 тони, со што сите овие тешки метали, оставени на депонијата во услови како што се во моментов, незаштитени и на отворено, под влијание на временските услови, остануваат да ја загрозуваат животната средина и здравјето на велешани.