fbpx

Косовската полиција упадна во манастирот кај Бањска, бројот на убиени се искачи на четворица

Претседателот Вучиќ рече дека Србите од Косово и Метохија се побуниле, не сакајќи да го „трпат теророт на Курти“. Тој тврди дека 62 пати била искористена косовската полиција против српското население изминативе месеци. Вели дека само прашање на време било кога ќе искалира состојбата

-

Четворица загинати е досегашниот епилог од престрелката кај манастирот Бањска во северниот дел на Косово, информираат од косовската полиција, пренесува Kallxo.com. Косовските сили доцна попладнево упаднаа во манастирот кај Бањска, при што по жестоката престрелка дел од вооружената група од 30 лица успеала да избега. Сепак, три лица од вооружената група биле убиени, а изминатава ноќ претходно загина и еден припадник на косовските полициски сили.

Косовската полиција соопшти дека најмалку еден од членовите на вооружената група кај Бањска бил уапсен, додека кај четворица други осомничени биле пронајдени радио-станици, а било идентификувано и значително количество на оружје, муниција и опрема.

Рашко-призренската епархија на Српската православна црква соопшти дека во моментов ситуацијата е мирна во манастирот кај Бањска, а вооружените лица кои денеска претходно упаднаа во манастирот, истиот го напуштиле. Пред капијата и во дворот на манастирот се наоѓаат припадници на косовската полиција. Монасите и верниците во манастирот се загрижени, иако состојбата е мирна, пренесува КосСев.инфо.

Од епархијата тврдат дека во конакот на манастирот се наоѓаат игумен со други свештени лица, како и група верници од Нови Сад, меѓу кои и две малолетни лица. КосСев пренесува дека во текот на утрешниот ден косовската полиција од сите присутни лица во манастирот ќе земе изјави во врска до денешните случувања.

Дописникот на Радио-телевизија Србија од местото на настанот извести дека и вечерва приодите кон селото Бањска се блокирани. Инаку, медиумот потврдува дека еден од припадниците на вооружената група е уапсен и спроведен во Косовска Митровица, но засега не се изнесуваат детали за неговиот идентитет.

Европскиот комесар за проширување и соседски односи Оливер Вархеји во своето обраќање порача дека насилството мора веднаш да се сопре и дека ЕУ ја поддржува работата на Еулекс и Кфор на терен и бара да се спроведе детална истрага. На средба со косовскиот премиер Албин Курти вечерва пристигнаа амбасадорите на САД, Велика Британија, Франција и Италија.

Шефот на европската надворешна политика Жозеп Борел попладнево разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, при што ги осуди денешните случувања.

Српскиот претседател пак Александар Вучиќ вечерва имаше вонредна прес-конференција по повод денешните случувања во северниот дел на Косово.

Вучиќ рече дека ескалацијата на состојбата започнала изминатата ноќ со поставена блокада од два камиони на патот кај селото Бањска. Откога полициски екипи утрово после 2:30 часот се доближиле до местото на блокадата, врз нив било пукано од огнено оружје, при што еден косовски полицаец загина. Вучиќ рече дека припадници на српското население ја поставиле блокадата со камиони, по што косовските полицајци размениле оган со „припадници на населението“, како што рече Вучиќ.

Претседателот Вучиќ рече дека Србите од Косово и Метохија се побуниле, не сакајќи да го „трпат теророт на Курти“. Тој тврди дека 62 пати била искористена косовската полиција против српското население изминативе месеци. Вели дека само прашање на време било кога ќе искалира состојбата. Вучиќ рече дека не може да го оправда убиството на косовскиот полицаец.

Вучиќ вели дека за еден час и 20 минути биле целосно опкружени тие „припадници на српското население“ и бил спроведен брутален напад на нив, а ние се прашавме зошто тоа КФОР не го прави, рече тој. Тројца Срби настрадале од Косово, двајца се сосема сигурно од снајперски оган без потреба да бидат ликвидирани и двајца се тешко ранети, а постои информација дека настрадало и четврто лице.  Ова го изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ.

Косовскиот премиер Албин Курти претходно во текот на денот информираше дека добро вооружена група од 30 професионалци кои биле полицајци или војници виновни за убиството на косовскиот полицаец се наоѓаат кај манастирот во селото Бањска. Тој ја повика вооружената група да се предаде.

Ескалација во Косово: Се пука кај Бањска, Курти тврди полицијата опкружила 30 вооружени лица

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.