fbpx

Ескалација во Косово: Се пука кај Бањска, Курти тврди полицијата опкружила 30 вооружени лица

Курти додаде дека станува збор за професионалци, но кои се опколени од косовските сили и јавно повика овие тешко вооружени лица да се предадат

-

По убиството на косовски полицаец кај селото Бањска во северно Косово, состојбата останува драматична. Спорадични пукања се слушаат и понатаму од правецот на ова село, а косовскиот премиер Албин Курти пред малку објави дека нападите продолжуваат кај ова село и дека има најмалку 30 тешко вооружени лица кои пукаат кон косовската полиција. Курти додаде дека станува збор за професионалци, но кои се опколени од косовските сили и јавно повика овие тешко вооружени лица да се предадат, пренесува Радио-телевизија Косово.

Курти како одговор на новинарско прашање за тоа дали се планира воведување на антитерористичка зона на северот во Косово, вели дека сите активности јавно ќе се водат и додаде дека косовските власти не се борат против ниту еден поединец, туку се борат за спроведување на законите.

„Овие професионалци, воени или полициски, или од двете, кои ги имаат овие карактеристики, дојдоа во Косово да се борат. Е сега, ние ги повикуваме да се предадат. Косово е демократска држава и општество и ние не сме тие кои сакаме војна или дестабилизација. Затоа, законот, уставот и сигурноста се поими кои нè водат во нашите операции, а не било какви други имиња“, изјави премиерот Курти.

Сега ќе се спроведе истрага и тогаш ќе знаеме со кого си имаме работа и што е потребно за законот и правото да владеат и во Бањска и во Звечан, бидејќи ова не може да се толерира, додаде Курти.

Селото Бањска е блокирано од косовските сили, а на терен се излезени и припадници на Кфор и Еулекс. Радио-телевизија Србија преку нејзиниот дописник на терен ги потврдува информациите дека се случаат спорадични истрели од правец на селото Бањска.

Косовската полиција утрово соопшти дека еден полицаец загинал, а двајца се повредени во извршениот напад врз полициски единици во текот на ноќта, кои се случиле откако било пријавено дека два камиона без регистарски таблички го блокирале патот кај селото Бањска. Кога се приближиле до блокадата, врз косовските полицајци било пукано од различен арсенал на огнено оружје.

Убиен полицаец на северот на Косово, Приштина ги обвинува српските власти

Од Рашко-призренската епархија на Српската православна црква го осудија нападот врз косовските полицајци, но и додаваат дека група од маскирани и вооружени лица со блиндирани возила упаднала во манастирот кај селото Бањска.

Претседателот на српското собрание, Владимир Орлиќ пак го обвини Курти дека веднаш се истрчал да ги обвини Србите за случувањата во Бањска. Секој сериозен најпрво би видел што се случило, а потоа би коментирал.

„Но, ако зборуваме за тоа на кому му одговара какво било насилство – тоа е исклучиво Албин Курти и сите тоа го знаат“, изјави Орлиќ.

Амбасадорот на САД во Косово, Џеф Ховениер силно ги осуди оркестрираните и насилни напади врз косовската полиција, додавајќи дека таа има целосна и легитимна одговорност за гаранција на владеењето на правото во Косово. Упаѓачите мора и ќе бидат изведени пред лицето на правдата, порача американскиот амбасадор.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи пак силно го осуди убиството на полицаец во северно Косово. Изрази сочувство до семејството и до неговите колеги, како и се заложи за целосна поддршка за спроведување на правдата за лицата кои го сториле овој акт. Акти на насилство нема да ја загрозат стабилноста на Косово, порача Османи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...