Во парламентот на Грција денеска треба да продолжи  седницата на која ќе се гласа за доверба на владата на Алексис Ципрас. Гласањето би требало да се одржи попладнево.

На вчерашното прво продолжение на седницата, имаше тензична атмосфера и жестока дискусија.

Гласањето за доверба е на иницијатива на грчкиот премиер, кој се обидува да обезбеди доволно гласови за ратификација на Преспанскиот договор, што му беше отежнато по раскинувањето на владината коалиција во текот на викендот, кога Панос Каменос, лидер на Независни Грци и доскорашен министер за одбрана даде оставка и ја напушти владината коалиција.

Имаше одредени најави дека некои пратеници од Независни Грци ќе гласаат за ратификација на Преспанскиот договор и затворање на 28-годишниот спор со Македонија за името, а Ципрас најави можност договорот да го поддржат и некои независни пратеници, со кои би обезбедил мнозинство од 151 глас.

Денешното гласање доверба ќе биде тест кој ќе покаже дали навистина гласајќи за доверба на владата, доволен број пратеници ќе го поддржат Договорот од Преспа.