fbpx

Кај Ромка откриен карцином на грло на матка, по години поминати во срам и во беспарица за да посети гинеколог

Во истражувањето „Пристап до примарната здравствена заштита за Ромките и жените со попреченост за време и по ковид-19“, се предлага подобрување на превентивните здравствени навики на жените; намалување на финанскиот товар за здравство врз жените и подобрување на здравствената грижа и на информираноста на жените

-

Околу 30 отсто од Ромките немаат матичен гинеколог, а 38,5 отсто никогаш не го контактирале својот матичен лекар по телефон. Половина од Ромките не прават ПАП-тест редовно, најмногу поради тоа што немаат матичен гинеколог, а дваесет отсто никогаш не направиле ПАП-тест. На стоматолог, без да имаат некој проблем, не одат 72 отсто од Ромките.

Овие поразителни сознанија ги покажува истражувањето „Пристап до примарната здравствена заштита за Ромките и жените со попреченост за време и по ковид-19“, кое во текот на 2023 година го реализираше граѓанската организација ХЕРА, во соработка со граѓанските организации Полио плус – движење против хендикеп, Здружение за промоција и развој на инклузивно општество – Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари. Со свои одговори учествувале 260 жени, припаднички на целните групи – Ромки и жени со попреченост од повеќе градови во Македонија.

Само 5 отсто од Ромките вклучени во истражувањето имале високо образование, а 20 отсто од испитаничките се без образование.

Со истражувањето се констатирале одредени подобрувања во остварувањето на здравствените права, особено за Ромките, но исто така, било утврдено дека во одредени области сѐ уште има слабости и големи предизвици.

Истражувањето се осврнува и на влијанието на ковид – пандемијата и покажува дека дури 20 отсто од Ромките изјавиле дека не го посетиле ниту го контактирале избраниот лекар, а само 11 отсто рекле дека го посетувале вообичаено. Голем процент, дури 45,5 отсто од Ромките никогаш не направиле тест за ковид.

Илустрација: Мета.мк

„Се срамела да каже дека обилно крвари“

С.Б. е 60-годишна Ромка од Скопје која во последните 30 години не посетила гинеколог. Таа, споделувајќи го своето искуство за целите на истражувањето, раскажала дека последен пат била на гинеколог по породувањето со нејзиниот син затоа што ѝ било срам и страв, иако веќе извесно време време имала обилно крварење.

„Нејзината состојба беше навистина тешка, бидејќи е корисничка на гарантирана минимална помош и не може да си дозволи да оди на гинеколог. Ја поттикнавме и ѝ објаснивме дека прегледот кај матичниот гинеколог е бесплатен и ја придружувавме до ординација. Неа никој не ѝ испратил покана за превентивен преглед, иако согласно програмите ѝ следува бесплатен ПАП-тест. По деталните испитувања, направена киретажа и испратени материјали за биопсија, ѝ беше дијагностициран карцином на грло на матка од втор степен. С.Б. почна со хемотерапии“, вели проектната координаторка на здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, Салија Беќир Халим за Мета.мк.

Сега, С.Б. е во добра здравствена состојба и секогаш кога може учествува на едукативни работилници за да го пренесе своето искуство и да апелира до сите жени да вршат превентивни прегледи.

Сепак, како што се вели и во истражувањето, „останува идентификуваниот проблем на наплата на жените за прегледи извршени кај матичен гинеколог“.

Понатаму, плаќањето од сопствени пари за лекови кои се издаваат на рецепт, вклучително и за ковид, е согледано како исклучителен товар врз Ромките, како категорија на граѓани со поголем социо-економски ризик.

Незаконската наплата од страна на одредени гинеколошки ординации е бариера којашто дополнително влијае и ги одвраќа Ромките да одат на гинеколошки преглед“, вели Салија Беќир Халим.

И стоматолозите недостапни за Ромките

Резултатите од истражувањето покажуваат и дека стоматолошките услуги се недостапни за Ромките поради финансиски причини.

„Иако стоматолог и гинеколог се дел од примарното здравство што е исто како и матичен општ лекар, за ромската заедница се недостапни, поради немање пакет на услуги. Стоматолошките услуги, за жал, не се доволно пристапни поради фактот дека одредени стоматолошки ординации наплатуваат за иста услуга некаде 300 денари, а некаде пак 1.000 денари. Потребни се сериозни измени во Законот за здравствена заштита како и Законот за здравствено осигурување“, потенцира Беќир Халим.

Во однос на ова, во документот „Пристап до примарната здравствена заштита за Ромките и жените со попреченост за време и по ковид-19“ се предлага до Министерството за здравство и до Фондот за здравство, да се ослободат од партиципација за лекови на рецепт и за одредени стоматолошки услуги за жени со посебен социо-економски ризик. Друга мерка која стои во препораките, предложени во инклузивен процес со 3 групи клучни чинители – граѓански сектор, здравствени работници и претставници на институции, е забрзување на процесот на проширување на позитивната листа со нови лекови кои се издаваат на рецепт.

Предизвиците на Ромките се поголеми во однос на останатите жени

Беќир Халим вели дека Ромките се соочуваат со предизвици кои се поголеми во споредба со останатите жени. Еден од нив е невработеноста, што ја ограничува нивната финансиска стабилност, а тоа може да се одрази и на нивната здравствена состојба, со нередовни посети на лекар.

Дел од овие проблеми се поврзани и со тоа што значителен број Ромки немаат документи за лична идентификација. Па така, 5 отсто од анкетираните немале лични документи и се надвор од системот на здравствено осигурување.

Според заклучоците од истражувањето, постои потреба од низа понатамошни активности од страна на различни општествени чинители, за надминување на сите погоренаведени проблеми на Ромките и на жените со попреченост.

Како активности кои треба да бидат преземени од надлежните, според истражувањето, се предлагаат следните: подобрување на превентивните здравствени навики на жените; намалување на финанскиот товар за здравство врз жените и справување со корупцијата; и подобрување на здравствената грижа и на информираноста на жените.

Промените во евиденцијата во матичната книга на родените се исто така од суштинско значење.

„Проблемот со стекнување на право на здравствено осигурување останува нерешен кај лицата кои се без лични документи, главно од ромската етничка заедница. Свесноста за потребата од превентивни прегледи кај двете целни групи е на релативно ниско ниво, а ова е особено нагласено од ковид-кризата. Постојат сериозни системски недостатоци во системот на поттикнување и охрабрување на жените да вршат редовни превентивни прегледи поврзани со општото, но и со репродуктивното здравје“, пишува во документот.

Според Документот за јавни политики, Фондот за здравствено осигурување и  граѓанскиот сектор би требало да преземат мерки во однос со справувањето со незаконската наплата на осигурениците во процесот на пријавување за здравствено осигурување, преку зајакнување и едукација на Ромките и на жените со попреченост, но и на останатата популација. Понатаму, потребно е и бесплатно да им се овозможи на граѓаните пополнување на документи од страна на службениците во Фондот за здравство.

До Министерството за здравство и до ФЗО адресирани се и барања за спроведување кампањи за пристап до информации поврзани со здравственото осигурување.

Клучните наоди од спроведеното истражување се содржани во Документот за јавни политики „Пристап до примарната здравствена заштита за Ромките и жените со попреченост за време и по ковид-19“.

 

Оваа статија е подготвена од новинска агенција Мета во рамките на програмата на Националниот демократски институт (НДИ) за поддршка на граѓански организации во Западен Балкан 2021-2023.

Истакнатите гледишта и мислења во оваа публикација се единствено на авторите и не ги претставуваат официјалните ставови на НДИ, неговите донатори или Владата на САД.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...