fbpx

Иванов побарал од своите колеги да ѝ кажат на Грција да не ни носи мигранти

-

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, вчера и денеска телефонски разговарал со повеќе претседатели и со премиери од земјите членки на Европската Унија и од земјите од балканскиот коридор за мигрантската криза и за инцидентот што се случи на 14 март, кога околу 1.500 мигранти од Грција илегално влегоа на македонската територија, кај гевгелиското село Моин. Како што соопштуваат од кабинетот на Иванов, тој од своите соговорници побарал „итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Македонија“ и истакнал дека „балканскиот коридор за илегални премини е затворен“.

Иванов, според неговиот кабинет, разговарал со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателите на Србија и на Хрватска, Томислав Николиќ, односно Колинда Грабар-Китаровиќ, премиерите на Словенија, Чешка, Австрија, Полска, Унгарија и на Бугарија, Миро Церар, Бохуслав Соботка, Вернер Фајман, Беата Шидло, Виктор Орбан и Бојко Борисов, и со министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Берт Кундерс, кој е претседавач со Европскиот совет.

„Република Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност, а македонските безбедносни институции и во иднина, како и досега, ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза, имајќи ја притоа предвид обврската за хуман третман на бегалците“, посочил Иванов.

Тој ги информирал своите соговорници дека Македонија и во иднина ќе постапува во согласнот со одлуките на Европскиот совет, ќе ги следи постапките на другите земји од балканскиот коридор и нема да дозволи илегален влез на мигранти во земјава.

Како што информираат од кабинетот на претседателот на државата, сите соговорници го осудиле инцидентот што се случи во понеделникот неделава, истакнале дека вакви случаи не смеат да се повторат и изразиле почит и поддршка за начинот на кој Македонија се справува со мигрантската криза.

„Во телефонските разговори, претседателот Иванов побара политичка поддршка од Европската Унија, логистичка помош од Европската комисија за институциите на системот за управување со кризи за да се намалат безбедносните ризици и за да се заштити границата, одговор и реализација на нашите барања за добивање опрема за заштита на границата и опрема за регистрација на мигранти и побара пристап до збирките на податоци на телата на Унијата за размена на податоци за мигрантите со земјите кои не се членки на ЕУ на транзитниот коридор“, стои во соопштението од кабинетот на Иванов.

Оттаму додаваат дека во текот на оваа и на следната недела тој ќе оствари телефонски разговори и со други лидери од ЕУ, земјите од балканскиот коридор и од други засегнати држави.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Борел и Вархеји: Изборите беа демократски спроведени

Во заедничка изјава, потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на Европска Унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го поздравуваат...