fbpx

ЕУ праќа пожарникари во Грција, шумските пожари беснеат во близина на Атина

Противпожарните тимови од Полска, Романија и Словачка треба да дојдат во Грција денес, а Израел вети дека ќе испрати два противпожарни авиони, кои ќе се приклучат на четирите од Италија и Франција кои веќе оперираат надвор од Атина

-

Противпожарните авиони и копнените екипи од повеќе земји на ЕУ денеска се упатија кон Грција за да помогнат во борбата со шумските пожари, кои се засилија поради топлотниот бран што зафати голем дел од јужна Европа, со температури над 40 Целзиусови степени, пренесе Екатимерини.

Во средата беше наредена нова евакуација  во близина на Атина. Во деноноќна битка за зачувување на шумите, индустриските капацитети и куќите за одмор, денеска продолжува евакуацијата по автопатот што го поврзува главниот град со јужниот град Коринт.

Во градот Мандра, 25 километри западно од Атина, жителката Варвара Параскевопулу рече дека пламените јазици стигнале до нејзиниот праг пред персоналот на противпожарната служба. Таа опиша дека побегнала од пожарот во вторникот, а потоа се вратила да им помогне на жителите кои се обидуваат сами да ги заштитат своите имоти.

„Сами изгаснавме што можевме и успеавме да спасиме некои домови. Како што ќе видите понатаму, три или четири куќи – резиденции и складишта – беа целосно изгорени“, рече Параскевопулу.

Противпожарните тимови од Полска, Романија и Словачка треба да дојдат во Грција денеска, а Израел вети дека ќе испрати два противпожарни авиони, кои ќе се приклучат на четирите од Италија и Франција кои веќе оперираат надвор од Атина.

Пожарникарите беа испратени во Грција како дел од механизмот за цивилна заштита на Европската унија кој вклучува планирано распоредување на меѓународни екипи во делови од јужна Европа во текот на летото.

Вториот топлотен бран во Јужна Европа донесе екстремни температури во медитеранските земји. Температурите во јужна Грција се очекуваа да достигнат до 44 Целзиусови степени до крајот на неделата.

Горештините во Рим се намалија само малку по високите 42-43 Целзиусови степени во вторникот, додека високите температури во Сицилија и Сардинија достигнаа 46 Целзиусови степени. Температурата во делови од Шпанија во средата беше дури 45 степени.

Амадор Кортес, жител во јужниот шпански град Хаен, вели дека луѓето даваат сè од себе за да го избегнат сонцето во текот на пладневните часови и раните попладневни часови.

„Се засолнуваат дома со клима, покрај вентилаторот. Но, на улица најмногу страдаат постарите. Како и да е, мораме да го трпиме тоа“, рече тој.

Во јужниот турски град Адана, група жители делеле десерти на улица, а многумина му оддадоа почит на американскиот инженер Вилис Кариер, кој го измислил климатизерот во 1902 година.

„На жителите на Адана навистина им требаат клима уреди. Бог да го благослови што направи таков изум“, изјави жител на градот Мехмет Сајгин за турската новинска агенција DHA.

Последниот топлотен бран ја зголеми загриженоста за климатските промени. Светската метеоролошка организација соопшти дека прелиминарните глобални бројки покажале дека минатиот месец бил најтоплиот јуни досега.

„Екстремното време, сè почеста појава во нашата клима која се загрева, има големо влијание врз здравјето на луѓето, екосистемите, економиите, земјоделството, енергијата и снабдувањето со вода. Ова ја нагласува зголемената итност за намалување на емисиите на стакленички гасови што е можно побрзо и подлабоко“ , рече во средата генералниот секретар на СМО, Петри Таалас.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петнаесет работници лани загинале на работните места

Утре, в недела, на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, во паркот на улицата Пандил Шишков во општина Аеродром ќе бидат засадени 15 дрвца, колку што изнесува...