Државниот завод за статистика (ДЗС) попладнево соопшти дека пописот денеска бил во прекин не на целата територија на државата туку само спорадично и на одредени локации. Главната причина не бил прекинот на интернет конекцијата туку преоптовареноста на апликацијата. За изјавата на директорот на заводот Апостол Симовски дека пописот е во прекин поради проблеми со интернетот, велат дека се должи на недостиг на точни информации.

„Денес, 6 септември, во претпладневните часови се појавија спорадични и локациски изолирани проблеми при процесот на попишување на населението на терен. Во кратки периоди и на одредени локации апликацијата за попишување не функционираше и одреден број на попишувачи не можеа да попишуваат. Техничките тимови интензивно работеа на отстранување на проблемот и за кратко процесот продолжи непречено. Би сакале да потенцираме дека проблемот што се појави не се должи на интернет конекцијата со која се овозможува попишување“, информираат преку соопштение од ДЗС.

Инаку, директорот на Државниот завод за статистика Симовски претпладнево од Тетово изјави дека пописот е во прекин поради проблеми со интернетот и дека очекува одговор од интернет провајдерите.

„Мета.мк“ денеска испрати прашања до „Македонски Телеком“ за објаснување во врска со наведените технички проблеми на ДЗС кои го отежнале вториот ден од спроведувањето на пописот во земјава.

„Во врска со вашето прашање за прекини во интернет конекцијата при спроведување на Пописот 2021, ве известуваме дека „Македонски Телеком“ нема никакви проблеми со интернет конекцијата и во текот на денот не е регистрирана ниту една пријава“, се вели во писмениот одговор од „Македонски Телеком“.

Од Државниот завод за статистика во своето соопштение се извинија за лошо изнесената изјава дека проблемите се должат на паѓање на интернетот, јавно извинувајќи му се на „Македонски Телеком“ за несреќно дадената изјава, која што се должела на недостиг на точни информации.

„Во тие 2-3 часа додека траеја техничките проблеми, беа попишани речиси 10.000 лица на целата територија на државата“, се наведува во соопштението на ДЗС.

Инаку, на првиот ден од попишувањето биле опфатени 94.975 лица, 28.594 домаќинства и 37.544 станови. Директорот Симовски денеска рече дека само мал број на луѓе ги одбиле попишувачите за извршување на пописот. Тој додаде дека со оние лица што го бојкотираат пописот најпрво ќе се поразговара повторно со нив од страна на државните инструктори, со цел да им се објасни на граѓаните која е целта на пописот.