Дојавите ги направија анксиозни средношколците и им создадоа „дупки“ во знаењата

Фото: Архива на Мета.мк

Послаби постигања и недостаток на знаења, пад во концентрацијата, анксиозност и стрес и кај учениците и кај наставниците. Ова се последиците врз учениците до кои доведоа лажните дојави за бомби, кои со месеци речиси секојдневно го прекинуваа образовниот процес. Изминативе неколку недели дојави нема, откако училишните раководства почнаа да го применуваат новото упатство од Министерството за внатрешни работи (МВР), но сепак, претходните чести прекини на наставата си го земаа данокот.

Како дојавите влијаеја врз учениците и професорите и како тие се одразија на образованието? За ова поразговаравме со Ана Поп Ризова, училишен психолог во гимназијата „Орце Николов“, училиштето во Скопје кое беше најпогодено со заканите, како и со претставниците на средношколски организации, Лука Павиќевиќ и Анисија Угриновска.

„Во однос на квалитетот на наставата, тој не е ист. Фати период на оценување, на тестови, на испрашување. Тоа беше многу фрустрирачки за сите, и за учениците и за наставниците. Ќе договорат тест, па ќе стигне дојава и ќе мора да се прекине наставата. Почнавме да ги менуваме смените, но дојави пак стасуваа. Сега се обидуваме да се вратиме во колосек со новиве мерки. Се прават проверки пред часови, во меѓусмени и после часови“, вели Поп-Ризова.

Само што се нормализира наставата, почнаа да стасуваат дојавите 

Во почетокот, дојавите биле шокантни за сите, и за наставниот кадар и за учениците, бидејќи се случувале среде час. Во оваа гимназија било договорено да има посебен систем на ѕвонење кога ќе стаса дојава, односно на точно одреден звук на ѕвончето, добивале знак дека треба да се напушти училиштето.

„Психички, ова беше дополнително оптоварување за учениците. После короната, почнавме да влегуваме во некоја нормализација на училишен живот. Но, ова беше оптоварување за децата. Сепак, на нашите деца пострашно им е да им се откаже тестот отколку да губат. Имаше случаи кога самите предлагаа да бидат тестирани во двор. Беа под стрес. Сакаа да поправаат, а немаа како. Професорите сега со овие случувања станаа посензитивни и многу соработуваат“, вели Поп Ризова.

Според неа, учениците во „Орце Николов“ и да имаат дупки во знаењата, би ги надминале со оглед на тоа дека тие учат, но на ниво на држава, сигурно дека кај многумина ќе има пад во усвоените знаења.

„Заради дојавите, се зголеми анксиозноста и депресијата кај учениците. Кај мене доаѓаат да побараат помош најчесто многу вознемирени, не знаејќи што да прават. Пандемијата ни донесе неизвесност, а со дојавите за бомби тотално се исцрпеа сите капацитети кај децата за справување со стрес. А тоа носи анксиозност, проблем со концентрација. Секој втор кај мене пријавува дека не може да седне да учи, дека не може да запомни. Има и една група која пројавува депресивно расположение“, додава Поп Ризова.

За да им помогне, таа им кажува техники како да си помогнат, со што тие се чувствуваат подобро. За доброто на учениците, соработува и со родителите.

Како генерација, немавме една целосна учебна година без прекини 

Што се однесува до влијанието на дојавите за бомби врз средношколците и учениците воопшто, ефектот афектираше два аспекта – безбедносниот и образовниот, смета Лука Павиќевиќ, претседател на Средношколскиот сојуз.

„Кога пристигнуваа првите дојави за бомби лани есента, навистина постоеше стрес и анксиозност меѓу учениците и тие се прашуваа дали навистина има бомба во нивното училиште и стравуваа за својата безбедност. Првичните дојави негативно се одразија на менталното здравје на средношколците, но и на наставниот кадар во училиштата. Но, како дојавите за бомби зачестија, стравот престана и учениците се навикнаа на дојавите за бомби. Секојдневното губење на настава и дисрупцијата во работниот ден предизвикаа нервоза кај средношколците бидејќи сите планови што ги имаа им беа изместени“, вели Павиќевиќ.

Според него, добро е што конечно се најде решение за овој проблем преку новите протоколи.

„Сепак, мора сериозно да се размисли како пропуштената настава ќе се надомести, односно надополни“, потенцира тој.

Aнисија Угриновска од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС), вели дека дојавите за бомби влијаеле во голема мера на академските постигнувања на учениците и, секако, на нивното ментално здравје.

„Секојдневните евакуации воопшто не беа пријатни, иако можеби се знаеше дека се работи за лажна дојава. Тие влијаеја на секојдневниот живот на учениците. Од друга страна, пропуштивме голем број на часови и ги продлабочивме дупките во знаењето кои и онака веќе беа предизвикани од онлајн наставата, па, како генерација која немаше една целосна непрекината учебна година, добро е што постигнавме измени во начинот на полагање на државната матура, почнувајќи од иницијативата на ОДАС“, вели таа.

Сепак, во последниве неколку недели, во училиштата е мирно. Директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски вели дека се почитуваат новите правила и дојави досега нема.

„Со новото упатство од МВР, училиштето е обезбедено. Се прават проверки, дојави нема бидејќи се променети адресите и конечно наставата се одвива нормално, без прекини“, вели Димовски.

Првата лажна дојава ја добија пет гимназии на 26 октомври лани. Мејлот беше испратен од извесна „Нова ера“. Содржината беше вознемирувачка, пишуваше дека во училиштето е поставена бомба.

Мноштво лажни дојави за бомби во мај годинава имаше и во Србија, кога лани на 16 мај во центарот на Белград беа евакуирани стотици училишта, јавни објекти и аеродромот во Ниш. Серија лажни дојави за поставени експлозиви на повеќе адреси на почетокот на јуни годинава, имаше и во Република Српска, а мета беше и Клиничкиот центар во Бања Лука, по што пациентите веднаш беа евакуирани со помош на медицинскиот персонал.

Лажните дојави за бомби како форма на хибриден напад во изминативе два дена се појавија повторно во училиштата и универзитетите во Бугарија. Десетици училишта и универзитети во изминативе два дена во Бугарија добија дојави за бомби, кои по проверките се утврди дека се лажни. Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев вчера изјави дека има руска поврзаност со големиот број на дојави за поставени бомби, додека Централната изборна комисија побара од бугарското МВР појаснување за безбедносните процедури во услови на лажни дојави за бомби, земајќи го во предвид фактот дека на 2 април во Бугарија се одржуваат предвремени парламентарни избори.

 

Ова истражувачка сторија е подготвена како дел од проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија и имплементиран од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-Владеење (Естонија), Движењето Мјафт! (Албанија), Партнери за демократски промени Србија (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и “Open Data Kosovo“ (Косово).

Ова истражувачка сторија е подготвена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на ова истражувачка сторија е единствена одговорност на Фондацијата Метаморфозис и авторот и на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.