Од почетокот на учебната година имало 80 пријави за бомби во српски училишта

Се очекува утре да се спроведе обемна меѓународна акција за да се апсат лица поврзани со лажните пријави за бомби

Фото: Vidhyarthi Darpan from Pixabay

Поради зачестените пријави за експлозивни направи во различни образовни институции на територијата на Србија, Министерството за внатрешни работи ги ангажира сите човечки и материјално-технички ресурси за подобрување на безбедноста на децата, пренесува Н1 Србија.

„Од почетокот на учебната 2023/2024 година до денес, пристигнати се вкупно 80 пријави од десетици електронски адреси до различни образовни институции на територијата на Република Србија. По секоја поединечна пријава, полициските службеници постапиле одговорно и професионално, извршиле прегледи и сите потребни проверки, по што се открива дека сите пријави се лажни“, се наведува во соопштението испратено до медиумите.

Од почетокот на учебната година, околу 2.500 полициски службеници ги обезбедуваат училишта во Србија.

Се очекува утре да се спроведе обемна меѓународна акција за да се апсат лица поврзани со горенаведените пријави.

„Ова е еден вид специјална психолошка војна која претставуваат обид за дестабилизација на Република Србија и внесување паника и немир меѓу нејзините граѓани. Најважен приоритет на МВР е безбедноста на децата како најчувствителна категорија, а полициските службеници ќе истраат со сите активности за децата да растат во безбедна и безгрижна средина“, пишува соопштение од Министерството за внатрешни работи на Србија.