Дојави за поставени бомби во училиштата во Кочани добила Општината

Според повеќе извори на Мета од училиштата во Кочани, наставата била привремено прекината за полицијата да изврши проверки, по што часовите продолжиле да се одвиваат нормално, вклучително и во втората смена

СОУ „Љупчо Сантов“ - Кочани / Dandarmkd, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Наставата во првата смена во дел од кочанските основни и средни училишта денеска била прекината поради дојава за поставени бомби.

Ваква заканувачка порака утрово била испратена на електронската адреса на Општина Кочани, потврди за Мета.мк кочанскиот градоначалник Љупчо Папазов.

Тој не сакаше да ги коментира деталите, но рече дека повеќе информации треба да соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Нејасно е и дали заканувачки пораки биле испратени и до училиштата или само на адреса на Општина Кочани.

Според повеќе извори на Мета од училиштата во Кочани, наставата била привремено прекината за полицијата да изврши проверки, по што часовите продолжиле да се одвиваат нормално, вклучително и во втората смета.

Градоначалникот Папазов рече дека ова е првпат Општина Кочани да добие ваква заканувачка порака.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево информираа дека протоколите за проверки и безбедност на училиштата функционираат и веднаш се преземаат соодветни мерки доколку се појават дојави за наводно поставени експлозивни направи.

„Апелираме до родителите да не се вознемируваат, училиштата се безбедни. Потсетуваме дека раководствата на училиштата имаат обврска да ги следат и имплементираат мерките на Владата односно насоките од Министерството за образование во целост и на тој начин да ја засилат безбедноста на училиштата и гарантираат непречена настава на учениците. Веднаш по добиените пријави направени се сите потребни проверки и во врска со денешните пријави од училишта во Кочани, по добиените пораки на електронските адреси во Кочани и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, стои во соопштението од МВР.

Инаку, лажни дојави за бомби минатата учебна година стигнуваа често на адресите на училиштата низ земјава, а најмногу ги добиваа училишта во Скопје. Во март во сила стапија нови упатства, мерки и планови за справување со кибер заканите, според кои по проценка на ризик се преземаа мерки, но без да се нарушува образовниот процес во училиштата. Оттогаш, не се знае дали и колку дојави за бомби имало во училиштата, а непознато е и дали некој сносеше одговорност за лажните дојави.

Зачестени пријави за поставени бомби во последниов период има во Србија, каде од почетокот на оваа учебна година пристигнале вкупно 80 пријави од десетици електронски адреси до различни српски образовни институции. Денеска, во голема акција за апсење во повеќе градови во Србија, беа уапсени четири лица осомничени за лажни пријави за бомби во училиштата, пренесе Н1.

Три лица се уапсени во Србија и едно во Чешка.

Српското Министерство за внатрешни работи претходно соопшти дека до крајот на денов се очекува опсежна меѓународна акција за апсење на лица поврзани со честите пријави за експлозивни направи во различни образовни институции на територијата на оваа држава.