Закана за бомба со вознемирувачка содржина испразни пет гимназии во Скопје

Учениците од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ денеска беа евакуирани од училиштето поради дојава за бомба | Фото: Мета.мк

Пет скопски средни училишта денеска беа испразнети откако наставата ја прекина анонимна дојава за бомба испратена на службените мејлови на училиштата. Станува збор за гимназииите „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Јосип Броз Тито“ како и за автосообраќајниот училиштен центар „Боро Петрушевски“. Мета.мк стапи во контакт со некои од директорите на училиштата, кои коментираат дека содржината во испратениот мејл била доста вознемирувачка.

Јас лично го отворив мејлот испратен на нашата адреса, пишуваше дека го испраќа извесна „Нова ера“. Содржината беше вознемирувачка, пишуваше дека во училиштето е поставена бомба, вели директорот на „Орце Николов“, Митко Димовски.

Димовски за Мета.мк информира дека постапил согласно законот, односно веднаш пријавил во Министерството за внатрешни работи (МВР), по што дошле екипи и ги евакурале учениците и професорите.

„Гледавме да не се создаде паника. Во моментов сите сме надвор пред училиштето. Настава нема. Утре не знам дали ќе има, но мислам дека дотогаш ќе се нормализира ситуацијава“, додава Димовски.

Полиција пред средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје за време на антитерористичките проверки по анонимната дојава за бомба, 26.10.2022 | Фото: Мета.мк

Учениците и вработените во „Никола Карев“ исто така се пред објектот, додека во него се вршат антитерористички проверки. Слична е и сликата пред гимназијата „Јосип Броз Тито“ каде што има ученици и вработени кои чекаат исход од истрагата на МВР.

Од МВР, пак, потврдија дека денеска добиле пријава дека на електронските адреси на пет училишта е упатена закана за поставена бомба. Оттаму кратко информираа дека веднаш започнале со антитерористички проверки.

„Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот3, соопшти МВР.

Со соопштение се огласија и од Сојузот на средношколци, од каде што изразија загриженост од денешните дојави за поставени бомби во пет средни училишта во Скопје.

„Во последниот период јавноста сведочеше на слични дојави за бомби во училишта и болници во соседна Република Србија. Ја поздравуваме брзата акција на безбедносните служби“, се наведува во соопштението.

Оттаму апелираат да се зголеми безбедноста во средните училишта и повикаа учениците да бидат смирени.

„Безбедностите и училишните служби да бидат професионални и методични во работењето на за да се заштитат средношколците и сите останати вклучени во образовниот процес“, наведено е во соопштението на Сојузот.

Дојавите за бомби во пет училишта во Скопје се случува истиот ден кога во посета на земјава ќе биде претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Таа ќе присуствува на потпишувањето на Договорот со Европската агенција за гранична и крајбрежна соработка, ФРОНТЕКС, кој ќе биде потпишан на македонски јазик. Од македонска страна договорот ќе го потпише токму министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во име на ЕУ потписник ќе биде еврокомесарката за внатрешни работи на Република Чешка, Илва Јохансон.

Инаку, мноштво лажни дојави за бомби во мај годинава имаше и во Србија, кога на 16 мај во центарот на Белград беа евакуирани стотици училишта, јавни објекти и аеродромот во Ниш. Серија лажни дојави за поставени експлозиви на повеќе адреси на почетокот на јуни годинава, имаше и во Република Српска, а мета беше и Клиничкиот центар во Бања Лука, по што пациентите веднаш беа евакуирани со помош на медицинскиот персонал. Закана во исто време стаса и во тамошната Централната изборна комисија, во време кога требало да биде одржана седница. Лажни дојави за бомби во училишта и јавни објекти имаше и во Косово кон средината на јули.