Директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), Наќе Чулев, поседува луксузен стан, вреден околу 90.000 евра, кој не го пријавил во својот анкетен лист, обвини денеска СДСМ.
Членката на извршниот одбор на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Рената Јајоска, на денешната прес-конференција, пред зградата каде, како што рече, се наоѓа станот на Чулев, го покажа анкетниот лист на директорот на АР, изваден од интернет-страницата на Државната комисија за спречување на корупција, како и имотен лист од Агенцијата за катастар на недвижности.
„Не ќе бевме овде ако директорот на Агенцијата за разузнавање не се обидел да го скрие станот, ако се земе предвид дека го нема во неговиот анкетен лист. Еве го анкетниот лист на овој висок функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, со денешен датум. Изваден е од веб-страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата. Станот на оваа адреса, Фрањо Клуз број 2, со површина од 63 квадратни метри во вредност од околу 90.000 евра, во анкетниот лист го нема. Дека директорот на Агенцијата за разузнавање поседува стан во овој луксузен комплекс, со пазарна вредност од околу 90.000 евра, може да се види од овој имотен лист од Агенцијата за катастар на недвижности. Еве, состојбата е со денешен датум, станот е во сопственост лично на Наќе Чулев“, рече Јајоска.
Таа посочи дека Чулев, како директор на АР, е должен да поднесе детален приказ на својата имотна состојба во Антикорупциската комисија.
„Според законот, тој мора да пријави и секакви промени во имотната состојба во Антикорупциската комисија кои ја надминуваат вредноста од 20 просечни плати. Зошто досега високиот функционер од ВМРО-ДПМНЕ не го пријавил својот стан? Како директорот на Агенцијата за разузнавање си купил стан во луксузен комплекс? Груевски и соработниците можеби се поштедени од Антикорупциската комисија под нивна контрола, но ќе бидат казнети на регуларните избори во декември, по што за сите злоупотреби ќе следува и одговорност“, додаде Јајоска.