fbpx

Нино Васев беше ослободен од вина за случај од 2021 година, а не за скандалот со лекови на Онкологија

Оваа пресуда нема никаква врска со скандалот со терапијата на Онкологија што го отворија медиумите, за кој во Собранието имаше Анкетна комисија и за кој Обвинителството почна предистрага. За овој случај сè уште нема обвинителен акт и судењето сè уште не е почнато, па оттука, Васев не е ниту обвинет, ниту пак, можел да биде ослободен

-

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, доби ослободителна пресуда во врска со друг случај кој се водеше против него од 2021 година, а по тужба на роднини на починат пациент кои го обвинија за несовесно работење. Оваа пресуда нема никаква врска со скандалот со терапијата на Онкологија што го отворија медиумите, за кој во Собранието имаше Анкетна комисија и за кој Обвинителството почна предистрага. За овој случај сè уште нема обвинителен акт и судењето сè уште не е почнато, па оттука, Васев не е ниту обвинет, ниту пак, можел да биде ослободен. Очигледно е дека објавата има намера да манипулира и да шири невистини, со цел политички да поентира, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која изнесува шири невистини дека судот го ослободил од одговорност поранешниот директор на Клиниката за Онкологија, Нино Васев, за скандалот со терапијата на Онкологија.

СДСМ : МИЗРАХИ 1:0 !

Комисијата која беше одредена да го испита случајот со Онкологија на која претседаваше Рашела МИЗРАХИ, како виновни ги посочи поранешниот директор на Онкологија Нино Васев и тогашниот министер за здравство Венко Г(Ф)илипче.

По бурните реакции на Сдс, партиското судсво на мафијата го ослободеи поранешниот директор на Онкологија Нино Васев, не бил виновен што се крадело лекови на Онкологија и се продавале на црно во Косово, додека на пациентите се давала помија терапија, стои во објавата.

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија вчера (21.12.2023) доби ослободителна пресуда од Кривичниот суд, но не за случајот со наводната кражба на лекови, за кој пишува објавата што ја анализираме. Основниот кривичен суд во Скопје ги ослободи Васев и уште двајца доктори од обвинението за несовесно работење во службата, во врска со предмет што се водеше против нив од 2021 година, а по кривична пријава на семејство на починат пациент три години претходно, односно во 2018 година.

На изрекувањето на пресудата во Кривичниот суд, судијката Славица Наумовска рече дека обвинетите Никола Васев, Игор Стојковски и Марија Симоновска се ослободуваат од обвинението, бидејќи од изнесените докази во текот на постапката не се докажало делото што им се ставаше на товар.

За случајот за наводната злоупотреба со лековите на Онкологија, пак, Обвинителството отвори истрага откако во медиумите беа објавени текстови за  разработена криминална бизнис мрежа на Клиниката поврзана со препродавање на лекови. Според написите, во оваа шема биле вклучени повеќе доктори и медицински персонал од Клиниката за онкологија. Васев беше еден од повиканите кои сведочеа пред собраниската Анкетна комисија за овој скандал. Но, случајот сè уште е во предистражна фаза во Обвинителството. Судскиот процес за него не е почнат и според тоа, невозможно е Васев да бил ослободен, како што тврди објавата што ја анализираме.

Потврда за ова е и последната Фејсбук објава на претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи, која на 22.12.2023 година напиша:

На ден 19.12.2023, Основното јавно обвинителство испратило допис со барање за достава на материјалите од работата на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија од Собранието. Бидејќи мандатот на Анкетната комисија е истечен, како поранешен претседател и поранешен нејзин член, испратив допис до Претседателот и Генералниот Секретар на Собранието укажувајќи дека е потребно да постапат по барањето на ОЈО во рокот предвиден со истото. Работата на Анкетната комисија беше апсолутно и целосно транспарентна за јавноста и со тоа ја постигна целта да се прикаже вистината ТАКВА КАКВА ШТО Е. Сè понатаму е во рацете на обвинителството.

Што се однесува, пак, до тврдењето во објавата дека Анкетната комисија како виновни за случајот ги посочила поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев и тогашниот министер за здравство Венко Филипче, и ова не е точно бидејќи Анкетната комисија не усвои никакви заклучоци.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, доби ослободителна пресуда во врска со друг случај кој се водеше против него од 2021 година, а по тужба на роднини на починат пациент кои го обвинија за несовесно работење. Оваа пресуда нема никаква врска со скандалот со терапијата на Онкологија што го отворија медиумите, за кој во Собранието имаше Анкетна комисија и за кој Обвинителството почна предистрага. За овој случај сè уште нема обвинителен акт и судењето сè уште не е почнато, па оттука, Васев не е ниту обвинет, ниту пак, можел да биде ослободен. Очигледно е дека објавата има намера да манипулира и да шири невистини, со цел политички да поентира.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...