fbpx

Димитров: Со оспорувањето на јазикот и европската иднина, Бугарија прави тешко да ја гледаме како пријател

-

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров во интервју за Би-Би-Си радио, рече дека прв пат по неколку години, ЕУ успеа да постигне консензус за да ја потврди својата посветеност кон проширувањето. Тој потсети дека на претходните самити, во Загреб и во Софија, се зборуваше само за европската перспектива.

Прашан за блокадата од Бугарија, Димитров рече дека прашањето за јазикот е прашање за луѓето во земјата, не е прашање за друга земја.

„Во Европа на 21 век, на кој јазик зборуваме, кој ни е мајчин јазик – за етничките Македонци во Северна Македонија тоа е македонскиот јазик, ова е прашање за луѓето во земјата. Ова не е прашање за друга земја, не е прашање за меѓународна организација. Инвестиравме многу во нашите односи со Бугарија, го потпишавме Договорот за пријателство во суштина велејќи – ние владите ќе работиме гледајќи кон иднината, за да ја зголемиме нашата соработка, Бугарија ќе ни помогне на нашиот евроинтегративен пат, а за прашањата на историјата, формиравме Комисија на историчари за да разговара за оние делови од нашата историја коишто се заеднички и кои ги поврзуваат двата народи, двете земји“, рече Димитров и додаде дека Бугарија прави многу да не ги гледаме како пријатели.

„Не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед. Не е многу пријателски да се блокира нешто што е толку важно за луѓето во Северна Македонија – нашата европска иднина. Навистина е тешко на некој начин да продолжите да ги нарекувате пријатели. Најприродната состојба би била нашите соседи да бидат нашите најголеми поддржувачи. Ние се обидуваме да ги убедиме нашите бугарски соседи во тоа, зашто решението на ова прашање мора да биде европско“.

На прашањето дека сепак и други земји членки на ЕУ, како Франција или Холандија, стравуваат дека Македонија не е подготвена да се приклучи, дека има уште многу работи за да се исполнат европските критериуми во области како правото, на пример, Димитров вели дека ЕУ е погодена од голем број последователни кризи.

„Прашањето на тие лидери е легитимно. Нивното прашање е: овие нови шест земји, дали ќе донесат повеќе проблеми или ќе донесат повеќе решенија? Другата перспектива е, ова е регион опкружен со земји членки. Ние сме во ист брод во економска смисла. ¾ од трговијата на регионот е со Европа, ¾ од странските директни инвестиции што доаѓаат во регионот се од земјите членки на ЕУ. Мигрантската криза преку балканската рута покажа колку нашиот регион е од клучно значење за безбедноста на самата Европа. Значи, ако Европа е куќа, а Западен Балкан е просторија која не е дел од куќниот ред, која не е вклучена во системот на електрична енергија, снабдување со вода, клима-уред итн. Тоа не е добро за самата просторија, но исто така не е добро и за целата куќа.“

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...