Деветта дојава за бомба во училиштата, повторно во истата смена

Фото: Мета.мк

На адресите на осум училишта за средно образование во Скопје, по двонеделна пауза, попладнево повторно стасал мејл во кој пишува дека е поставен експлозив. Директорите на училишттата со кои поразговарвме, веднаш ги евакуирале учениците и вработените. Станува збор за училиштата „Панче Арсовски“, „Никола Карев“, „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“ и „Цветан Димов“.

„Денеска околу 14.20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на електронски адреси на осум училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за раасчистување на случајот“, информираа во МВР.

Митко Димовски, директорот на „Орце Николов“, за Мета потврди дека и овојпат дојавата стасала во втората смена. Истото ни го потврди и неговиот колега Јован Петрески од гимназијата „Панче Арсовски“ во Автокоманда.

„Кај нас дојавата стаса во истата смена, кога на училиште се учениците од трета и од четврта година. Ги евакуиравме учениците и вработените, а екипи од МВР си ја работат својата работа на терен. Ова е едно од помалите училишта за средно образование во градот“, вели Петрески.

И денешната испратена порака е со вознемирувачка содржина. Мета.мк успеа да добие копии од содржината од повеќето лажни дојави за бомби. Денешната порака, испратена од „ANTIY Gre“, е насловена „Во училиштето се поставени огромно количение експлозив“, а во самата содржина на пораката е наведено дека сите ќе биле убиени со „коли, бомби, ножеви“.

Досега, за сите дојави за поставени бомби се потврди дека се лажни. Последната, осма дојава за бомба беше испратена на 16 ноември на електронските адреси на училишата. Таа се разликуваше од претходните по тоа што испраќачот бараше поткуп. Првата, пак, се случи на 26 октомври, кога пет училишта експресно се испразнија заради мејл со закана испратен од извесна „Нова ера“.

На 11 ноември содржината во мејлот се разликуваше по тоа што имаше прикачено и фотографија со бомби на неа, преземена од Интернет. Мета тогаш ја провери автентичноста на фотографијата со помош на Google reverse image search, по што се покажа дека истата фотографија не е оргинална, односно е објавена на интернет во декември 2020 година.

Во лажната дојава испратена на 2 ноември содржана беше и шегата на Путин што тој ја кажа за време на последната пленарна сесија на 19-от годишен состанок на Меѓународниот клуб за дискусија „Валдаи“, со седиште во Москва. По оваа дојава беше приведено едно лице, но немаше обвинение.

Откако се случија лажните дојави и губењето настава, училишните раководства чекаа насоки од МОН за тоа како да се одработи и надомести пропуштеното. Одговорните во МОН истратија соопштение во кое им наложија на училиштата да најдат начин и да ги одработат пропуштените часови до крајот на првото полугодие, односно до Нова година.

Иако министерот Спасовски најави наскоро решавање на случајот, сè уште не се познати деталите за тоа кој го нарушува образовниот процес и сее страв кај учениците, нивните родители и наставници, како и кај целото општество.