fbpx

Контраспин: Функцијата слатка, апанажата уште послатка

Дали Ковачевски, како и Спасевски, мораа да го искористат законското право? Дали баш немаа никаква друга опција за да (пре)живеат, освен да примаат апанажа?

-

Ковачевски има законско право да зема апанажа, исто како и ексминистерот за внатрешни работи Спасовски, како што такво право имаат и други функционери по завршувањето – престанувањето на мандатот. И тоа не е спорно. Прашањето за апанажата од 2.500 евра не е проблематично од законски, туку од етички аспект. Дали Ковачевски, како и Спасевски, мораа да го искористат тоа законско право? Дали баш немаа никаква друга опција за да (пре)живеат освен да примаат апанажа?, пишува Вистиномер во својата анализа. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Поранешниот премиер Димитар Ковачевски по посетата на компанијата Киел Македонија ДООЕЛ во Желино, одговарајќи на новинарско прашање кажа дека барањето за апанажа е прашање што не може да се коментира, бидејќи е законско решение. Во оваа негова изјава се препознав спин:

Спин: Јас бев претседател на Владата во исклучително тешко време и својата функција ја обавував согласно законите на Република Северна Македонија, согласно Законот за влада и согласно Законот за избори и поднесов оставка, така што сите одлуки коишто се носени после тоа во однос на примањата на функционерите кои обавувале такви функции се направени согласно законот, согласно со одлуки на Собранието. Сметам дека сите треба да ги почитуваат законите и токму како резултат на такви закони коишто се почитуваат имаме зголемување и на минималната плата за огромен процент повеќе во однос на 2016/2017 година и имаме зголемување на просечната плата. Така што, тоа е нешто што не може да се коментира, тоа е нешто што е законско решение.

[Извор: Слободен печат , датум: 23.02.2024]

Контраспин: Експремиерот, Димитар Ковачевски прашан дали му е непријатно што побарал апанажа, спинувајќи ја вистината на новинарите им рече дека сите треба да ги почитуваат законите, дека  апанажата му следува законски и тука нема што да се коментира.

Ковачевски има законско право да зема апанажа, исто како и ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спсовски, како што такво право имаaт и други функционери по завршувањето – престанувањето на мандатот. И тоа не е спорно.

Прашањето за апанажата од 2.500 евра не е проблематично од законски, туку од етички аспект.

Членот 19 од  Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица навистина им дава таква можност на нашите политичари по престанувањето на функцијата:

Пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието, односно назначува телото што тоа ќе го овласти претседателот на Република Македонија и Владата кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа:

– три месеци, ако функцијата ја вршел до шест месеци,

– шест месеци, ако функцијата ја вршел од шест месеци и еден ден до 12 месеци,

– девет месеци, ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и

– 12 месеци, ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе.

 

И, согласно можноста што им ја дава Законот, Ковачевски и Спасовски побарале и добиле апанажа која ќе ја добиваат во следните 12 месеци. А, таа е во висина на платата што ја добивале додека биле на функцијата, па така, Ковачевски ќе зема 156.482 денари, а Спасовски 153.037 денари, односно околу 2.500 евра.

Покрај правото на апанажа, Ковачевски побарал и добил право на користење службено возило, кое му следува во согласност со Законот за возила.

 

Може ли да се (пре)живее без апанажа?

Но, дали Ковачевски, како и Спасевски, мораа да го искористат законското право? Дали баш немаа никаква друга опција за да (пре)живеат, освен да примаат апанажа?

За премиерот е сосема нормално да следува апанажа доколку некој извршувал општествена функција или која било друга функција.

Јас сметам дека доколку некој извршувал општествена функција или која било друга функција тогаш треба да следува апанажа да може да искористи одреден временски период за својата кариера да ја насочи кон нешто друго. Ако го прашате директорот на една приватна компанија, кога работите и во приватни компании на именувани функции, тогаш исто така следуваат такви договорни обврски во коишто се дава одреден период за да може кариерата да се насочи во друга насока. Така што не би сакал да давам популистички изјави дека нешто не треба да се прави бидејќи апанажата се однесува на многу избрани и менувани функционери. На пример, има луѓе коишто седат четири години во парламент и кои потоа треба да направат трансфер на својата кариера во некоја друга областвели лидерот на СДСМ.

Ковачевски беше на премиерската функција речиси две години од јануари 2022 година до крајот на јануари 2024 година, претходно беше заменик-министер, пред тоа на високи позиции во „Телеком“, но и во други телекомуникациски компании, каде што несомнено имал високи примања.

Спасовски беше на високи функции речиси 9 години, уште од техничката, Пржинската влада во 2015 година. Беше министер за внатрешни работи, а краток период и технички премиер.

Така што и двајцата имале солидни плати. Дотолку повеќе што од април минатата година, со Одлуката на Уставниот суд (21.03.2023) се овозможи драстично да се зголемат платите на функционерите за 78 отсто и нивните плати достигнаа околу 2.500 евра. Ексминистерот Спасовски на 13 мај по дефилето „Јас внимавам и безбедно возам“, одговарајќи на новинарско прашање самиот откри:

Во овој момент е исплатена платата според новите пресметки направени врз основа на одлуката на Уставниот суд. Мислам дека платата е 153.000 денари.

И нивната апанажа е димензионирана на овие плати, за кои по реакциите на јавноста, повеќепати најавуваа дека ќе ги намалат, но тоа не го сторија. Владата формираше и работна група која требаше да изнајде решение, а владините претставници  посочуваа дека се потребни измени на седум законски решенија, постапката се развлече и ветеното намалување на платите не се случи не се случи.

Сега, допрва Ковачевски вели дека ја нашле волшебната формула за да не растат во иднина функционерските плати. Тој најавува дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе измени на сите закони со кои ќе се регулираат платите на функционерите:

Најдовме уставно издржано решение со кое нема да пораснат платите на функционерите со новото ниво на просечната плата. Со ова решение постоечките коефициенти ќе бидат намалени со што платите на сите избрани и именувани лица нема да пораснат.

Само, по апанажата од 2.500 евра оваа негова најава, во најмала рака делува некако непристојно, па и лицемерно, барем во однос на она мнозинството граѓани кои не седат четири години во парламент“а кои, за разлика од функционерите, откако ќе останат без работа поради икс причини, самите му ја мислат каде и како „ потоа да направат трансфер на својата кариера во некоја друга област“.

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...