fbpx

Нова закана за бомби во осум училишта, овојпат во содржината на пораката е и шегата на Путин

-

Нова дојава за поставена рачна експлозивна направа пристигна на електронските адреси на училишта за средно образование во Скопје. Како што информираат во Министерството за внатрешни работи, во СВР Скопје околу 14.30 часот денеска е пријавено дека до осум училишта пристигнала електронска порака со закана за поставена бомба.

Ова е четврти пат во последниве две недели да има дојави за поставени бомби во скопски училишта. Сите досега беа лажни.

„Веднаш по добиените пријави, полициски службеници презедоа мерки за безбедно евакуирање на сите осум училишта. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштува МВР.

Едно од училиштата во кои стасала дојава за поставена бомба е „Михајло Пупин“. Директорот Димитар Ѓоргиев за Мета.мк кусо изјави дека евакуирани се сите ученици и вработени од училиштната зграда и дека случајот е пријавен во полиција. Неговиот колега од гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски, вели дека учениците и вработените биле веднаш евакуирани, а дека во моментов објектот е обезбеден од МВР. Мејл со закана денеска стасал и во гимназијата „Јосип Броз Тито“, каде што исто така наставата веднаш била прекината, а учениците навреме евакуирани.

Испраќачот на заканата не ја заобиколил ниту гимназијата „Никола Карев“. Директорот Андреј Манолев вели дека учениците биле возбудени и вознемирени во моментот кога ја напуштале училиштната зграда.

„Најважно ни беше да не се случи стампедо во целата ситуација, бидејќи паниката не може да ни донесе ништо добро. Сепак имаме 560 ученици во една смена, тоа не е малку“, вели Манолев за Мета.мк.

Мета.мк дојде до содржината на електронската порака која е испратена денеска до училиштата. Во нејзе е напишана шегата која Путин ја кажа пред пет дена за време на последната пленарна сесија на 19-от годишен состанок на Меѓународниот клуб за дискусија „Валдаи“, со седиште во Москва.

На прашање на Димитрис Константакопулос, поранешен советник на грчкиот премиер Андреас Папандреу и поранешен член на Секретаријатот на Централниот комитет на СИРИЗА, која е пораката на Путин до обичниот, просечен жител на една Западна земја, претседателот на Руската Федерација, меѓу другото, ја кажува следната шега:

Во тој контекст, се сеќавам на една шега која неодамна им ја кажав на моите колеги. Еден мој познаник од Германија ми ја кажа оваа шега пред некое време. Си била една фамилија, и синот го прашува таткото: „Тато, зошто е толку ладно овде?“. Таткото одговара: „Затоа што Русија ја нападна Украина“. Детето прашува: „А каква врска имаме ние со тоа?“. Таткото: „Ние им воведовме санкции на Русите“. Синот: „Зошто?“. Таткото: „За да направиме да се чувствуваат лошо“. Синот: „Тогаш, дали сме ние Руси?“.

Истата конверзација меѓу татко и син е напишана и во електронската порака испратена денеска до скопските училишта, со минимални промени во содржината. Наместо „Зошто е толку ладно овде?“, во пораката е наведено дека детето прашува – „Зошто е толку лошо да се живее тука?“. Останатиот дел од шегата е идентичен.

Еден ден пред Путин да ја каже оваа шега во Москва, лажна закана за бомба испразни повеќе средни училишта во Скопје. Учениците и вработените веднаш беа евакуирани, а МВР вршеше антитерористички проверки. Ден потоа, нови закани за бомби стасаа во девет скопски училишта, а испраќачите напишаа дека сонуваат за одмазда. На 28 октомври, пак, од скопската гимназија „Никола Карев“ пријавиле дека добиле уште еден мејл со закана за поставен експлозив во училиштето.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека изворот на лажните закани за бомби најверојатно потекнува од надвор од државата.

Од март наваму, лажни закани за бомби во училиштата потресоа и повеќе земји од регионот. Во Србија во текот на месеците март, април и мај на повеќе наврати беа евакуирани стотици училишта, јавни објекти и аеродромот во Ниш. Во јуни, пак, лажни закани за бомби имаше во Република Српска, во Босна и Херцеговина, а мета беше и Клиничкиот центар во Бања Лука. Во Хрватска, исто така, имаше неколку лажни дојави за бомби поставени во трговските ценрти во главниот град Загреб. Во јули со лажни закани за бомби во училиштата се соочи и Косово.

Лажни дојави за поставени 50 бомби на различни локации во Белград, главниот град на Србија, имаше и пред два дена. Електронските пораки со заканувачка содржина беа испратени до српските медиуми од наводна „Азовска античетничка бригада“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...