Нов мејл со предупредување дека има бомба во „Никола Карев“, учениците веднаш евакуирани

Фото: Архива на Мета.мк

Нова дојава за поставена бомба, овојпат во гимназијата „Никола Карев“. Како што за Мета.мк соопшти директорот Андреј Манолев, попладнево на службената адреса стасал мејл со содржина „Поставени се две бомби во вашето училиште“. Ова е трет ден по ред училишта во Скопје да добиваат дојава за бомба.

„Вчера и завчера мејлот беше испратен до повеќе училишта, но денеска мејл има само на нашата службена електронска адреса. Децата полека ги евакуиравме надвор на безбедно, се јавивме во МВР, па потоа полициските служби од Карпош го обезбедуваа објектот за да никој не смее да влезе. Потоа пак, дојдоа единици од антитероризам со специјално дресирани кучиња и вршат истрага“, вели за Мета директорот Манолев.

Во Министерството за внатрешни работи соопштија дека на адресата за е-пошта на средното училиште стигнала закана за поставена бомба.

„Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземаат мерки за безбедно евакуирање на училиштeто и антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Ова е трет ден како на меjл се испраќаат пораки за поставени бомби. Во изминатите два дена, по направените поверки од страна на МВР беше утврдено дека пријавите се лажни.

Закана за поставени бомби имаше и вчера во точно 13.55 часот, кога преку електронска пошта добија девет скопски средни училишта. Во кратката порака се вели дека „денеска во училиштето беа поставени многу бомби“, а испраќачите навеле дека сонувале за одмазда, но не потенцираа за што точно се одмаздуваат.

„Во смена имаме по околу 600 ученици. Паника немаше, но сепак не е сеедно. Сите излеговме надвор“, рече вчера за Мета.мк директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски.

Покрај оваа гимназија, пораката стигнала и до гимназиите „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, но и до „Боро Петрушевски“, „Панче Арсовски“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“ и „Цветан Димов“.

Од март наваму, лажни закани за бомби во училиштата потресоа повеќе земји од регионот. Српскиот весник „Данас“ во написот со наслов „Како лажните дојави за бомби во Србија добија статус на елементарна непогода“ пишува дека станува збор за појава која го компликува животот а врз што не може да се влијае.

Весникот пишува дека во моментот кога овој вид на хибридна војна ја достигна својата кулминација, повеќе правосудни институции соопштија дека почнуваат истрага за лажните дојави.