Нови закани за бомби во девет скопски училишта, испраќачите сонувале за одмазда

Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје; Фото: Мета.мк

Закана за поставени бомби денеска во точно 13.55 часот преку електронска пошта добија девет скопски средни училишта. Во кратката порака се вели дека „денеска во училиштето беа поставени многу бомби“, а испраќачите наведуваат дека сонувале за одмазда, но не потенцираат за што точно се одмаздуваат.

„Во смена имаме по околу 600 ученици. Паника немаше, но сепак не е сеедно. Сите излеговме надвор“, вели за Мета.мк директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски.

Покрај оваа гимназија, пораката стигнала и до гимназиите „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, но и до „Боро Петрушевски“, „Панче Арсовски“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“ и „Цветан Димов“.

Сите ученици и вработени од деветте скопски училишта се евакуирани, а екипите за антитероризам на МВР во моментов вршат проверки.

Директорот на средното електро-техничко училиште „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев за Мета.мк вели дека учениците биле веднаш евакуирани.

„Во училиштето има 450 ученици во една смена. Сите си заминаа дома, во моментов се прават проверки на терен“, рече директорот.

Од полицијата преку соопштение потврдија дека денеска околу 14 часот било пријавено дека се упатените закани за бомби во девет училишта, по што тие се безбедно евакуирани.

„Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.

Покрај евакуацијата на учениците, запрен е и сообраќајот на повеќе сообраќајници. | Фото: Мета.мк, пред гимназијата „Јосип Броз Тито“ во центарот на Скопје, 27.10.2022 г.

Слична закана за поставена бомба во осум скопски средни училишта беше испратена и вчера, по што сите училишта беа евакуирани. Вчерашната закана била испратена од друга електронска адреса. Сè уште нема информации околу тоа дали е идентификуван и приведен испраќачот. По проверките, МВР вчера утврди дека вчера дојавата за поставена бомба во сите осум уличишта била лажна.

Од март наваму, лажни закани за бомби во училиштата потресоа повеќе земји од регионот. Така, во Србија во текот на месеците март, април и мај на повеќе наврати беа евакуирани стотици училишта, јавни објекти и аеродромот во Ниш. Во јуни, пак, лажни закани за бомби имаше во Република Српска, во Босна и Херцеговина, а мета беше и Клиничкиот центар во Бања Лука. Во Хрватска, исто така, имаше неколку лажни дојави за бомби поставени во трговските ценрти во главниот град Загреб. Во јули со лажни закани за бомби во училиштата се соочи и Косово.

Српскиот весник „Данас“ во написот со наслов „Како лажните дојави за бомби во Србија добија статус на елементарна непогода“ пишува дека станува збор за појава која го компликува животот а врз што не може да се влијае.

„Од март кога почнаа да пристигнуваат првите дојави не може ни да се изброи колку пати единиците на МВР излегуваа на терен само за да утврдат дека заканата била лажна“, пишува српскиот весник Данас.

Весникот пишува дека во моментот кога овој вид на хибридна војна ја достигна својата кулминација, повеќе правосудни институции соопштија дека почнуваат истрага за лажните дојави.