Фото: Мета.мк, 02.11.2022

Министерството за внатрешни работи денеска приведе едно лице кое е осомничено дека е поврзано со заканите за поставени бомби во средните училишта во Скопје.

Како што велат од МВР за Мета.мк, денеска (02.11.2022 г.) го привеле Н.Н. од Скопје, а во координација со јавното обвинителство веќе се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Од МВР информираат дека завршиле проверките во деветте средни училишта каде денеска преку електронска пошта беше испратена закана за бомба и утврдиле дека сите се лажни пријави.

„Најнапред околу 14.30 часот во СВР Скопје беше добиена пријава од шест училишта, потоа околу 15 часот уште од две училишта и потоа од уште едно училиште во Скопје. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на сите девет училишта, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, велат од МВР.

Лажни дојави за поставени бомби во скопските средни училишта се праќаат на четири наврати во последните десетина дена. Досега сите беа лажни.

Новинската агенција Мета доби копија од содржината на електронската порака која денеска била испратена до училиштата во Скопје. Покрај другото, во пораката е напишан превод на македонски јазик на шегата која Путин ја кажа пред пет дена за време на последната пленарна сесија на 19-от годишен состанок на Меѓународниот клуб за дискусија „Валдаи“, со седиште во Москва.

На прашање на Димитрис Константакопулос, поранешен советник на грчкиот премиер Андреас Папандреу и поранешен член на Секретаријатот на Централниот комитет на СИРИЗА, која е пораката на Путин до обичниот, просечен жител на една Западна земја, претседателот на Руската Федерација, меѓу другото, ја кажува следната шега:

Во тој контекст, се сеќавам на една шега која неодамна им ја кажав на моите колеги. Еден мој познаник од Германија ми ја кажа оваа шега пред некое време. Си била една фамилија, и синот го прашува таткото: „Тато, зошто е толку ладно овде?“. Таткото одговара: „Затоа што Русија ја нападна Украина“. Детето прашува: „А каква врска имаме ние со тоа?“. Таткото: „Ние им воведовме санкции на Русите“. Синот: „Зошто?“. Таткото: „За да направиме да се чувствуваат лошо“. Синот: „Тогаш, дали сме ние Руси?“.

Речиси идентична конверзација меѓу татко и син стои во електронската порака испратена денеска до скопските училишта. Единствено наместо „Зошто е толку ладно овде?“, во пораката се вели – „Зошто е толку лошо да се живее тука?“. Останатиот дел од цитираната шега е потполно ист.

Еден ден пред Путин да ја каже оваа шега во Москва, лажна закана за бомба испразни повеќе средни училишта во Скопје. Учениците и вработените веднаш беа евакуирани, а МВР вршеше антитерористички проверки. Ден потоа, нови закани за бомби стасаа во девет скопски училишта, а испраќачите напишаа дека сонуваат за одмазда. На 28 октомври, пак, од скопската гимназија „Никола Карев“ пријавиле дека добиле уште еден мејл со закана за поставен експлозив во училиштето.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна изјави дека изворот на лажните закани за бомби најверојатно потекнува од надвор од државата.

Нова закана за бомби во осум училишта, овојпат во содржината на пораката е и шегата на Путин