Фото: Исечок од постот

Во објави на Фејсбук се злоупотребуваат брендовите „Амазон“ и „Самсунг“ и се мамат корисниците на Фејсбук да оставаат свои лични податоци кои подоцна може да бидат злоупотребени. Доколку се посети официјалната страница на Амазон и се пребарува „Samsung“ телевизор од истиот модел како на ФБ објавите,  ќе се добие понуда со цена од 124,46 американски долари. Телевизор за 120 денари не постои. Од официјалното претставништво на компанијата „Самсунг“ во земјава ни потврдија дека станува збор за измама, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во објави на социјалната мрежа Фејсбук  се нудат „Samsung“ телевизори по неверојатно ниска цена – 120 денари. Станува збор за измама којашто се пушта спонзорирано за да стигне до што поголем број корисници.

Во едниот пост стои:

Samsung QLED телевизор се продава

За само 120 MKD Samsung TV за сите што ќе ја пополнат апликацијата под сликата.

На лагер има 430 телевизори од различни модели, кои секој што ќе го пополни формуларот може да ги набави за само 120 MKD.

Побрзајте, количината е ограничена, пополнете го формуларот под сликата

Во другата објава  се вели:

Amazon престана да работи со Samsung и нуди Samsung Smart TV за120 MKD – Купи

Но, се работи за измама при што се злоупотребуваат брендовите „Амазон“ и „Самсунг“.

„Амазон“ е една од најголемите светски компании за е-трговија со седиште во САД. Доколку се посети официјалната страница на „Амазон“ (amazon.com) и се пребарува „Samsung“ телевизор од истиот модел како од ФБ објавите,  ќе се добие понуда со цена од 124,46 американски долари. Телевизор за 120 денари не постои.

Исто така, не е точно дека „Амазон“ ја раскинал соработката со компанијата „Самсунг“, па затоа продава телевизори по симболична цена. Го контактиравме официјалното претставништво на компанијата „Самсунг“ во земјава. Оттаму ни потврдија дека е во прашање измама.

Се работи за измама. Ќе биде пренесено до нашите колеги понатаму, за да може да се преземе нешто, одговорија за Вистиномер од „Самсунг Македонија“.

Фејсбук страниците кои ја објавуваат  промоцијата изминативе неколку денови собраа стотици допаѓања и дваесеттина споделувања, а немаат никакви податоци. Ниту седиште, ниту фирма, ниту контакт телефон. Двете Фб страници се создадени наменски, едната е отворена неодамна – на 25 октомври, а другата, која се смета за личен блог, на 23 август 2022 година

За измамата да биде поверодостојна под споделените објави со лажна промоција има спам-ботови кои „сведочат“ дека наводно го добиле телевизорот за само 120 денари. Споделуваат и фотографии со цел да ги убедат корисниците на социјалните мрежи да наседнат на измамата. Доколку се проверат тие профили на Фејсбук ќе се види дека за нив нема никакви информации, повеќето имаат странски имиња, а пишуваат на македонски јазик.

Ако под објавата, кликнете за да „купите“, на копчето аплицирај се бара одговор на куса анкета, а потоа се преземаат личните податоци на корисникот.

Креирањето на лажни Фејсбук страници од страна на непознати креатори со името и логото на познати брендови, неверојатни промиции и лажни наградни игри, се покажа како тренд кој мошне добро функционира во Фејсбук просторот, а чија цел е манипулација и собирање на лични податоци на оние корисници кои ќе наседнат на измамата.

Целта на овие страници е да споделуваат лажни објави за да генерираат сообраќај, но и да измамат што поголем број граѓани.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.