МОН: До Нова година да се одработат часовите што беа пропуштени заради дојавите за бомби

Полиција пред средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Скопје за време на антитерористичките проверки по анонимната дојава за бомба, 26.10.2022 | Фото: Мета.мк

Наставата во средните училишта во Скопје каде во изминатите денови имаше повремени прекини, мора да продолжи, а училишните раководства кои се најодговорни за квалитетен и безбеден воспитно–образовен процес, согласно позитивните правни прописи, имаат должност да изнајдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштените часови. Ова е ставот на Министерството за образование и наука (МОН), откако во шест наврати наставата беше прекинувана во скопски средни училишта заради лажни дојави за поставени бомби.

Според ова, учениците ќе мора да ги одработат пропуштените часови, иако прекинот на наставата не се случи по нивна вина. Соопштението од МОН до јавноста доаѓа откако денеска Мета.мк објави дека дојавите за бомби го искомплицираа оценувањето за тримесечје. Во меѓувреме, не добивме одговор на новинарското прашање испратено вчера до МОН за тоа, како ќе се надоместат загубените часови.

„Осудуваме секаков обид за наштетување на воспитно – образовниот процес на учениците. Создавањето страв и паника кај младите и одвлекување на вниманието од секојдневни училишни обврски, подразбира и наштетување на иднината на државата“, се вели во соопштението на МОН.

Оттаму додаваат дека местото на учениците е во училишните клупи и секој прекин на наставата го попречува нивниот правилен развој.

„Затоа МОН во координација со МВР, локалните самоуправи, раководствата на училиштата и низа партнерски домашни и меѓународни организации континуирано работат на нивна заштита преку подигнување на безбедноста во училишните објекти“, наведено е во соопштението.

Вчера, неколку училишта повторно добија мејл со закана за поставена бомба, шеста по ред во последниве две недели. Засега МВР не соопштува детали за истрагата. Пред една недела беше приведено едно лице, но немаше обвинение.