Осма дојава за бомба во средни училишта, овојпат испраќачот бара поткуп

Фото: Мета.мк

Седум училишта во Скопје денеска на своите електронски адреси добиле електронска порака со дојава за поставена бомба, потврди Министерството за внатрешни работи (МВР). Како што дознава Мета.мк, станува збор за училиштата „Никола Карев“, „Панче Арсовски“, „Михајло Пупин“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Арсениј Јовков“ и „Раде Јовчевски Корчагин“. Директорите на училиштата со кои контактиравме рекоа дека ученците и вработените се евакуирани, а екипи од МВР на терен прават проверки во објектите.

Ова е осма дојава до сега во последните три недели. Сите досега беа лажни дојави. Содржината на денешната испратена порака до која дојде Мета.мк се разликува од досегашните бидејќи овојпат испраќачот бара поткуп за да не ја активира бомбата.

Јазикот на кој е напишана пораката е неправилен и граматички неточен македонски јазик, кој наликува на погрешен превод од странски јазик. Во пораката се вели дека одредена „регрутирана личност“ на испраќачот незабележано поставила бомба во училиштата. Потоа се вели дека овој „човек“ ја контролира ситуацијата околу училиштето, иако не е јасно како истиот човек истовремено ја контролира ситуацијата околу седум училишта.

Потоа се бара да биде уплатен одреден износ на пари за да не биде детониран експлозивот без да се наведат дополнителни детали.

Од МВР потврдуваат дека дојавата за поставени бомби е стигната околу 9.30 часот утрово до електронските адреси на седум училишта.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираше МВР.

Уморни од овие непријатни настани, вработените и директорите на училиштата периодов бараат начини како да се одработи пропуштената настава, со оглед на тоа дека неодамна добија насоки од Министерството за образование и наука (МОН), дека мора да се одработат осумте пропуштени денови до крајот на првото полугодие.

Митко Димовски, директорот на „Орце Николов“ за Мета.мк кусо соопшти дека се прават проверки во објектот. Неговиот колега од „Никола Карев“ Андреј Манолев, вели дека и учениците и родителите низ овие неколкукратни евакуации изминатиов период, сфатиле дека најважна е брзата реакција и безбедноста на учениците.

Последен пат дојава за поставена бомба имаше во петокот. Тогаш во мејлот испраќачот, освен што напишал текст, прикачил и вознемирувачка фотографија со четири бомби на неа. Мета.мк ја провери автентичноста на фотографијата со помош на Google reverse image search, по што се покажа дека истата фотографија не е оригинална, односно веќе е објавувана на интернет во декември 2020 година.

Првата лажна дојава за поставена бомба беше испратена до скопските средни училишта во на 26 октомври (среда). Засега МВР не соопштува детали за истрагата, освен што министерот за внатрешни работи тврди дека дојавите доаѓаат од странство. Пред една недела беше приведено едно лице, но немаше обвинение.

На 2 ноември, имаше нова дојава за поставена бомба во осум училишта, а во содржината беше и шегата на Путин што ја кажа за време на последната пленарна сесија на 19-от годишен состанок на Меѓународниот клуб за дискусија „Валдаи“, со седиште во Москва.

Слични серии лажни дојави за бомби од март годинава се случуваат во речиси целиот регион на Западен Балкан, вклучувајќи ги Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора.